„Убиен“ научник кој развивал вакцина за короната и свртени руски знамиња во лажните вести на Балканот

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Грчкиот сервис за борба против дезинформациите Ellinika Hoaxes раскринка една лажна вест, која во себе криеше и теорија на заговор – дека наводно водачот на истражувачки тим што развива вакцина против Ковид-19 бил убиен, а тоа било направено од ЦИА или од Моссад по барање на богати семејства.

Сервисот ја анализирал веста што се појавила на неколку веб-сајтови и блогови на грчки јазик, а тие всушност ја презеле лажната вест од веб-сајтови на арапски јазик.

„Убиениот“ бил наведен како професор Махмуд Абдел Кадир Ал Бизерти, „водач на истражувачки тим во Германија кој развива вакцина“.

Но анализата на Ellinika Hoaxes покажало дека погоренаведеното име, претставено како туниски професор, се јавува само во теории на заговор, односно прво се појавило во Мароко. Според туниските медиуми, „убиството“ на професорот било првоаприлска шега. Притоа, првата објава била со фотографија од Абдул Рахман Бизри од министерството за здравство на Либан.

Но по првата објава, работите ескалирале и непостоечкиот „туниски професор“ бил „убиен“ од ЦИА и/или од Моссад „по нарачка на семејствата Ротшилд и Рокфелер“.

Во овиее лажни вести имало и информација дека поради „атентатот на професорот“ паднале акциите на Франкфуртската берза.

„Но тоа не е точно, бидејќи веднаш по наводното убиство, DAX индексот има мал постојан пораст“, пишува Ellinika Hoaxes.

Црногорскиот сервис за борба против дезинформациите Raskrinkavanje.me, пак, се зафати со дезинформација на некои медиуми од српско-хрватското јазично подрачје, кои руското знаме погрешно закачено на камион од хуманитарен конвој во италијанскиот град Бергамо го претставиле како знаме на Србија.

Во лажните вести се тврдело дека Русите што носеле хуманитарна помош за градот на камионите имало руски знамиња, а на еден камион „во знак на солидарност со братскиот српски народ, на денот на годишнината на бомбардирањето на СРЈ“, го истакнале српското знаме.

Но од снимките од видеоагенцијата „Ruptly“ се гледа дека станува збор за погрешно поставено знаме, оти на сите камиони освен на тој еден, се вее руското знаме, пишува Raskrinkavanje.me.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција