Убиство во Србија се прикажува дека се случило кај нас
Станува збор за кликбејт објава во којашто непрецизниот наслов ги наведува корисниците на социјалните мрежи да кликнат мислејќи дека настанот е од С. Македонија
Со самото тоа што во насловот од објавата што ја рецензираме се наведува „убиство во центарот на градот“, се создава невистинит впечаток дека убиството се случило тука кај нас. Станува збор за кликбејт објава во којашто непрецизниот наслов ги наведува корисниците на социјалните мрежи да кликнат мислејќи дека настанот е од С. Македонија
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
ВОНРЕДНО! Убиство во центарот на градот, според првите информации се работи за позната личност на јавноста – повеќе на линкот во коментар
Во склоп на објавата има фотографија од човек во униформа и на делот од грбот пишува „полиција“, со што оваа објава асоцира како да се случил настанот во Северна Македонија, со оглед на тоа што униформата на македонската и на српската полиција во делот на името содржи сличности коишто на прв поглед не се разликуваат.
Меѓутоа кога ќе се пристапи во линкот што е во првиот коментар, се доаѓа до целосниот текст од кој станува јасно дека се известува за настан во Србија, каде бил застрелан Т.П. навивач на клубот „Партизан“. Настанот се случил на булеварот „Арсенија Чарнојевиќ“ во Белград.
„Вистиномер“ ја пронајде веста објавена на српските медиуми, а објавени се и фотографии од настанот.
Со самото тоа што во насловот од објавата што ја рецензираме се наведува „убиство во центарот на градот“, се создава невистинит впечаток дека убиството се случило блиску до читателот, во неговиот град. Станува збор за кликбејт објава во којашто непрецизниот наслов ги наведува корисниците на социјалните мрежи да кликнат мислејќи дека настанот е од Северна Македонија. Дополнително, се тврди дека се работи за „позната личност на јавноста“ со што се создава невистинит впечаток за јавноста дека се работи за јавна личност. Изборот на зборови во насловот и најавата претендираат да измамат клик.
Фотографијата искористена во текстот и во најавата е објавена во српски медиум, каде се известува дека „непознат напаѓач го изрешетал Тадија П. кај трафиката на булеварот Арсенија Чарнојевиќ и избегал“.
Навивачот Тадија П. не е „познато лице за јавноста“, барем не во С. Македонија.
Поради сите горенаведени факти оценуваме дека во објавата што ја рецензираме се пропушта контекстот. Настанот се случил во Србија, но во насловот и во најавата се употребени тактики за да се направи информацијата поблиска до овдешната јавност и да се изнуди клик од читателите.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар