Учебната година стартува со физичко присуство, родителите загрижени

Се уште не е познато колку ново заразени деца ќе донесе одлуката на МОН за настава со физичко присуство. Искуствата од Европа и САД говорат во насока на преобмислување на моделот кој започнува од 1-ви септември

Моделот за настава со физичко присуство, кој започнува од 1-ви септември, според одлуката на Министерството за образование и наука, донесе многу нервоза кај родителите, но и многу непознаници во целата јавност

 

Пишува: Мирослава Бурнс

 

Без поздравување, со маска на лицето и со температура пониска од 37,4 степени, учениците во основните и средните училишта во земјава на 1-ви септември ќе влезат во училишните клупи.
Во малите училници, со физичко присуство наставата ќе ја следат сите, освен оние ученици чии родители ќе побараат наставата да ја следат од дома, ама за тоа ќе мора да достават документи до директорот дека детето има хронична болест, или дека некој од домаќинството е хронично болен. Во последните денови пред почетокот на учебната година, се прошири можноста учениците да можат да ја следат наставата од дома и од немедицински причини. Исклучок од наставата со физичко присуство е Тетово. Општинскиот кризен штаб одлучи првите три недели во овој град наставата да е стриктно онлајн за сите, зашто во Тетово е критично. Во овој град има 120 хоспитализирани, секој ден има од 100 до 150 амбулантски прегледи поради ковид, а сите во болницата се на кислородна поддршка.
Според министерката за образование, Мила Царовска, ланското искуство со ковид покажало дека меѓу учениците нема локална трансмисија на корона вирусот во училиштата, а препораката на УНИЦЕФ е училиштата први да се отворат и последни да се затворат.

 

Искуствата од САД упатуваат на преиспитување

Но, искуствата од Америка годинава, го покажуваат поинакви резултати. Откако почна училишната година во САД, се зголеми и бројот на заразени деца со ковид. Според Американската академија за педијатрија, бројот на ковид позитивни деца пораснал од 38 илјади на 180 илјади, а за ова директно не се виновни училиштата, туку фактот што протоколите се тешки за почитување.
Цитирајќи ја оваа бројка, Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари бара брзи тестови на почетокот на училишната година кои ќе бидат достапни во секое училиште.
Имате време да ги ревидирате вашите одлуки и да го одложите стартот на физичкото присуство во училиштата. Видете ги бројките од Америка, кои се вакцинирани со многу подобри вакцини од нашите кинески. Децата под 12 години претставуваат 22 проценти од вкупниот број случаи во неделата. Тие се 3.6 проценти од вкупниот број хоспитализации. Сликовито, кај нас би се заразиле околу две илјади дечиња неделно, а 360 би биле хоспитализирани. А каде се наставниците и останатите. Имаме ли капацитет за тоа?, прашуваат оттаму.
Во Македонија, помалите деца од 12 години не се вакцинирани и не може да бидат вакцинирани. Во земјава единствено вакцината на Фајзер е одобрена за оние на возраст над 15 години, а за помладите нема опција да бидат имунизирани.
Професорот на Медицинскиот факултет, доктор Никола Пановски, вели да се почне школската година со физичко присуство е ризичен потег.
– Ако на едно дете му се случи нешто посериозно, ќе настане хаос. Состојбата е чувствителна. Треба да се овозможи комбинирано да се учи, и со физичко присуство и онлајн. Работите ќе зависат од тоа каква е стратегијата, а очигледно, стратегија нема. Во Шведска имаа стратегија, ги пуштија децата на училиште да се инфицираат. Затоа не носеа маски и сепак, немаа ниеден смртен случај, а тоа е држава со 10 милиони жители. Кога ќе се разболи детето таму, останува дома, а другите продолжуваат да си одат на училиште. Кај нас ќе биде хаос, едно дете ќе се разболи, па цел клас ќе биде во изолација – вели доктор Пановски.
На наставниците со кои разговаравме, им е јасно само дека ако некое дете качи температура или ако пројави друг симптом, ќе треба да го известат Центарот за јавно здравје и родителот и да го отстранат тоа дете од наставата. Што ќе се случи со останатите во училницата, дали ќе бидат изолирани и колку време ќе им треба на епидемиолошките служби со ограничени капацитети да ја спроведат изолацијата, за наставниците не е јасно. Протоколот за почеток на школската година е општ и не го регулира докрај ова прашање.

 

 

Некои родители бараат децата да yчат од дома

Неформална група од над 15 илјади и 500 родители, организирана преку Фејсбук, бара стриктно онлајн следење на наставата. Родителите се плашат дека нивните мали деца нема да можат да следат протоколи и да се заштитат од корона вирусот.
Бараме нашите деца да учат онлајн и за тоа да нема потреба да доставуваме медицински белешки до директорите на училиштата и да се изложуваме на ризик од зараза, одејќи по амбулантите. Значи, бараме да може детето да се изземе од наставата со физичко присуство, само и исклучиво поради желбата на родителот, вели Ана Глигорова, претставничка на движењето.
Згора на тоа, не се вакцинирани сите наставници, а директорите на училиштата рапортираат и за заразен наставнички кадар. Имунизацијата не може никому да му се наложи задолжително. Околу 70 проценти од наставниците се вакцинирани, ама МОН не поседува детална анализа по општини. Општините се битни, затоа што има три кои се најкритични и по бројот на случаи и по нискиот опфат на вакцинација и по бројот на хоспитализации – Скопје (5.348 активни случаи), Тетово (2.130 активни случаи) и Гостивар (1.330 активни случаи).
Долгогодишниот епидемиолог и поранешен директор на Центарот за јавно здравје, како и поранешен член на Комисијата за заразни болести, доктор Александар Стојанов за „Вистиномер“ вели дека уште лани на министерот за здравство му предложил да овозможи тие деца чии родители не сакаат тие да учат со физичко присуство, да останат дома.
На таков начин ќе се намали бројот на ученици во паралелката, односно ќе се создадат услови за побезбедно следење на наставата. Инаку доколку протоколите се почитуваат, децата треба да одат на училиште, ни рече доктор Стојанов.

 

Стартот на учебната година различен во регионот и во светот

Учебната година во Косово се одложува барем до 13 септември, откако ескалираше бројот на заразени и починати од корона вирусот. Во Косово за еден ден регистрирани се 1.630 нови позитивни случаи и 36 починати што претставуваше аларм за владата да воведе полициски час од 22 навечер до 5 часот наутро, да го скрати работното време на угостителите до 21 часот и 30 минути и тоа само на терасите на отворено. Во Косово може да се влезе само со вакцинален сертификат, негативен ПЦР тест или негативен серолошки тест.
Кризниот штаб на Србија, одлучи да почне школската година со физичко присуство за средношколците освен во петнаесет општини, каде ќе има комбинирана настава и од дома и во училиште.

Данска, исто така, ги отвори училиштата ама тамошните власти признаваат дека со ова ќе се зголеми бројот на инфекции меѓу децата. Главната промена во Данска е дека штом некое дете се тестира како позитивно на ковид, остатокот од класот нема да оди во изолација. Ама, ако 30 или 40 деца во едно училиште се ковид позитивни, тогаш данското општество ќе реагира.

Нема сомневање дека инфекциите во данското општество ќе бидат во пораст по отворањето, рече Сорен Бростром, претставник на данскиот здравствен регулатор. Но, високата стапка на вакцинирани во Данска ги охрабрува тамошните власти да делуваат на ваков начин.

 

МОН подготвено на брза промена на моделот

И во Северна Македонија е можно да са смени наставниот модел, ако ескалира состојбата. Министерството за образование уверува дека е можно, доколку дојде до влошување на епидемиолошката состојба, да се промени начинот на кој ќе се учи.
Во секој момент, ако добиеме аларм од Комисијата за заразни болести дека треба да размислуваме за ново сценарио, повторно ќе се состанеме и ќе донесуваме нови одлуки во интерес на учениците, велат од МОН.
Но, прашањето е колку детски инфекции ќе чини овој потег и зошто се чека децата да заболат, па потоа да се упатат на учење од дома.

Како и да е, ризиците се големи. Во студија тукушто објавена во САД, која е уште неревидирана од медицинската заедница зашто е сосема нова, и во најпозитивното сценарио, кога сите децата би носеле маски, кога би се тестирале секоја недела, кога ковид позитивните редовно би се изолирале и тоа со претпоставка дека 30 до 50 проценти од децата се или вакцинирани или прележале ковид, сепак, се очекува 6.5 до 11 проценти да се заразат во првото полугодие. Бројките нагло се зголемуваат кога било кој од овие услови не е исполнет или е исполнет делумно. Така, на пример, кај нас нема да има реодвно неделно или двонеделно тестирање во училиштата, што значи дека нема да се знае кој е позитивен, а последично на тоа и кој треба да седи дома. Што значи, барем според критериумите на оваа студија, дека бројот на заболените би бил значително поголем.

 

 

 

 

 

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција