Укинат е советот за утврдување факти и одговорност кај судиите
Ќе го укинеме Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија.
[ИЗВОР: Предизборна програма на СДСМ „План за живот“, стр. 232 , датум: декември 2016]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
За предвремените парламентарни избори (декември 2016 г.) СДСМ вети дека ќе го укине советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија. Ова изборно ветување на социјалдемократите, дадено во нивната изборна програма: „План за живот во Македонија“ , во „Планот 180 – итни реформски приоритети на новата влада во првите 6 месеци“, во делот „Правда, сигурност, контрола на власта“ (стр.232), е исполнето.
Во јануари оваа година (2018) Собранието на РМ го укина Советот за утврдување факти, кој беше формиран во февруари 2015 година кога за оваа цел беше донесен посебен закон. На седницата одржана на 11 јануари (2018) парламентот на предлог на Владата го донесе Законот за престанок на важењето на законот за советот за утврдување факти и покренување на постапка за утврдување одговорност кај судиите, по што тој беше објавен „Службен весник“. Според образложението на предлагачот (Владата):
Праксата покажала дека формирање на вакво професионално тело за покренување постапка за утврдување одговорност на судија, не ја остварила целта на основањето, туку, напротив, истото било формирано без да се направи целосна анализа на недостатоците во Законот за судски совет што резултирало со негативен извештај од меѓународните институции, вклучувајќи ги и забелешките од Венецијанската комисија.
Две недели претходно, пак, на 28 декември 2017 година, Собранието ги донесе измените на Законот за Судскиот совет. Целта на овие измени е да се префрли надлежноста што ја имаше советот за утврдување на факти на Судскиот совет.
Дека е укинато ова тело во прависудниот систем е посочено и во отчетот за работата на Владата во првата година од нејзиниот мандат ( презентиран на 30.05.2018 година), каде на стр.13 е наведено:
Беше укинат Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување дисциплинска одговорност на судија, а се врати надлежноста на Судскиот совет на Република Македонија
Имајќи ги предвид презентираните информации објавени во медиумите и на официјалната веб-страница на Владата, ова изборно ветување на СДСМ го сметаме за исполнето.
ИЗВОРИ:
- Предизборна програма на СДСМ (2016) „План за живот“,стр.232 [Пристапено на 16.08.2018]
- Влада на Репубилка Македонија: 365 промени за подобар живот на сите граѓани (стр.13) [Пристапено: 16.08.2018]
- Тајм.мк (16.11.2017): Владата го укина Советот за утврдување факти [Пристапено: 16.08.2018]
- МКД (16.11.2017): Владата предлага укинување на Советот за утврдување на факти [Пристапено: 16.08.2018]
- Тајм.мк (28.12.2017): Собранието ги донесе измените на Законот за Судски совет [Пристапено: 16.08.2018]
- Радио Слободна Европа (28.12.2018):Собранието ги донесе измените на Законот за Судски совет [Пристапено: 16.08.2018]
- Тајм.мк (11.01.2018): Собранието го укина Советот за утврдување факти и одговорност кај судиите [Пристапено: 16.08.2018]
- Макфакс (11.01.2018): Собранието го укина Советот за утврдување факти и одговорност кај судиите [Пристапено: 16.08.2018]
- Правдико (12.02.2015): Закон за советот за утврдување факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија [Пристапено: 16.08.2018]
- Собрание на РМ – Предлог – закон за престанок на важењето на Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, по скратена постапка [Пристапено: 16.08.2018]
- Академик (09.10.2017): Министерството за правда го објави текстот на законските измени за Судскиот совет и Законот за Советот за утврдување на факти [Пристапено: 16.08.2018]
Оцени: Оливера Војновска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар