Екстерно тестирање – укинувањето на неуспешна мерка не е популизам

Екстерно тестирање - бранење на неодбранливото. Фото: скриншот

Резултатите на македонските ученици по оспособеност за читање со разбирање и критички пристап во читањето на пишаните материјали, математичка писменост и писменост во природните науки беа меѓу четирите најлоши од сите земји каде што се изведувало тестирањето, а Македонија е рангирана како земја со најслаб успех, подобра единствено од Доминиканската република, Алжир и Косово

 

 

Заменик-министерот за образование во Владата во заминување, Спиро Ристовски од ВМРО-ДПМНЕ, реагирајќи на најавата на новото парламентарно мнозинство по скратена постапка да го укине екстерното тестирање за учениците од основните и средните училишта во државата, се обиде да го претстави овој чекор како популистички, антиреформски, а притоа штетен за учениците и нивната иднина.

СДС со планот за укинување на екстерното тестирање ја враќа назад Република Македонија. Родителите, колку и да бидат задоволни од оваа антиреформа, популистичката мерка јасно е дека таа е единствено на штета на потенцијалот и успесите на нивните деца. Можеби денес многумина не сакаат или не можат да ја прифатат оваа реалност, но во оној момент кога учениците ќе се обидат да конкурираат на пазарот на труд ќе почуствуваат за што говориме ние денес.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ, Датум: 19.05.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава на Ристовски ја оценуваме како неточна, бидејќи, од она што го истраживме како достапен материјал, кој содржи искажувања и искуства на наставниците и на учениците, тешко дека може да се најде аргумент кој може да го поткрепи ставот на заменик-министерот дека укинувањето на екстерното ќе биде „единствено на штета на потенцијалот и успесите на нивните деца“, но затоа можат да се најдат многу аргументирани искази на просветни работници, родители, ученици, како и на политичари инволвирани во сферата на образовната политика, кои изминативе години, колку што трае праксата на екстерно оценување во македонските училишта, го анализирале екстерното и неговите последици токму по успехот и иднината на младата популација.

По неколкугодишното практикување на екстерното оценување се детектираа бројни проблеми и слабостите на системот, кои негативно влијаеа како на општиот успех на учениците, така и на нивната академска и професионална иднина. На слабостите укажуваа и наставниците и самите ученици, а револтот кулминираше со масовни средношколски протести, бојкот на наставата и штрајк пред Министерството за образование во 2015 година.

Своевидна јасна потврда за тоа дека реформите во македонскиот образовен систем, спроведени од владеjачките гарнитури на ВМРО-ДПМНЕ во текот на 11 годишното владеење, со посебен осврт на ектерното тестирање како негова најдрастична мерка, се и резултатите од екстерните тестирања кои покажуваат пад на постигнатиот успех. Така, во 2015 година, просечната оценка на ниво на државата беше 3,26, послабо во однос на претходната, 2014, кога просечниот успех беше 3,6.

Можеби најсликовит приказ на тоа колкаво е негативно влијанието на образовните реформи врз македонските ученици, нивното стекнато знаење, а со тоа и нивната иднина се резултатите од ПИСА тестирањето, во организација на ОЕЦД (Организацијата за економска соработка и развој ) спроведено во 2015 година. ПИСА тестирањето е меѓународно тестирање на знаењето, конкретно на она што се нарекува „функционална писменост“ на 15 годишници од 72 земји во светот во кои тоа се спроведува. ПИСА тестовите се стандардизирани меѓународни тестирања на кои секоја земја учествува доброволно. Идејата е по завршувањето на секој циклус од тестирањата (вообичаено се прават на 4 години) секоја земја посебно да види каде е и според тие резултати да ја дефинира сопствената образовна политика. Со оглед дека тестирањето е спроведено врз 4.000 ученици во земјава, резултатите можат да се сметаат за мошне релевантни. Резултатите на македонските ученици по оспособеност за читање со разбирање и критички пристап во читањето на пишаните материјали, математичка писменост и писменост во природните науки беа меѓу четирите најлоши од сите земји каде што се изведувало тестирањето, а Македонија е рангирана како земја со најслаб успех, подобра единствено од Доминиканската република, Алжир и Косово.

Припадниците на наставничката фела имаат конкретно објаснување зошто екстерното тестирање има негативни последици врз учениците: Резултатите и досега од екстерните тестирања,  велат бројни просветни работници, не ја прикажуваат вистинската слика на знаењата на учениците ниту на работата на наставниците. Професорот од ПМФ, Ненад Новковски, кој воедно е и некогашен министер за образование во владата на Љубчо Георгиевски (1998-2002) кусо ги резимира главните слабости на екстерното тестирање:

Моделот на екстерното ценување беше оптоварен со некои неприфатливи содржини што создадоа непремостливи проблеми. Тоа посебно се однесува на воведувањето на санкции за учениците и наставниците врз основа на оценките од екстерното оценување. Некои од тие сaнкции беа бесмислени, како што е ставањето на непреодни оценки во завршните свидетелста, а други беа драстични, како што беше предвиденото бркање од работа на наставниците базирано на разликата помеѓу оценките на учениците од континуирното и екстерното оценување.

Според професорката Николина Попоска од битолската гимназија, екстерните оценки имаат недостиг од валидност бидејќи вреднуваат среќа или меморирање на податоци наспроти знаење, разбирање, примена, анализа, синтеза, вреднување и творештво, како што наложуваат и критериумите на бирото и Блумовата таксономија.

Имавме случај кога на професорка ѝ пратија погрешни прашања од друг предмет, ни се случи децата да го провалат тестот, пријавивме во МОН, но никој ништо не одговори и сѐ се заташка. Прашања со стискање на тастатура не е ни механичко учење, неколку среќни, а слаби со знаење ученици да ти се погодат и ќе ти страда кариерата, вели Попоска.

Како наставник во основно образование, сметам дека екстерното тестирање треба да биде укинато, ваквата измена не го крева квалитетот на тестирањето во ниту еден сегмент и многу е контрадикторна. Од една страна велат дека не влијае на просекот на учениците, но сепак ќе влијае при уписите. Наставничката фела, психолозите во училиштата, родителите, воопшто не се консултирани како најзасегнати страни што најдобро можат да ги детектираат аномалиите со цел да се унапреди овој процес, вели Маја Иванова, наставничка од Скопје и членка на Наставничкиот пленум.

Дека екстерното тестирање не е воведено поради грижата на власта за иднината на младата популација, туку од многу конкретни политички мотиви е став на поранешниот министер за образование, Сулејман Рушити, кој овој ресор го држеше во првата влада на премиерот Никола Груевски од ВМРО-ДПМНЕ:

Мислам дека треба да се укине и во целосниот пакет на реформата на образованието да се имплементираат модели кои ке бидат компатибилни и со намера на подобрување на процесот а не на контрола на наставниот кадар од страна на политиката. Сметам дека во образованието има многу за менување, но како прво и најважно е да се менува политиката во однос на образованието.

Со ваквиот став е согласен и универзитетскиот професор Ристо Малчевски (ФОН):

Замислете, само по еден основ, а тоа е екстерното тестирање, вие во текот на една година имате можност некому да му одземете 1,5 месечни плати, без разлика дали неговите ученици освојуваат награди на натпреварите акредитирани од страна на државата или има публикувано научни и стручни трудови.

Лошите практики, кои во образованието се внесоа преку екстерното тестирање, според Џелал Зејнели, професор по албански јазик и литература се на штета на учениците:

 Не се постигнува резултат со екстерно тестирање, реализирано чисто формално, при што ученикот што има слаба оценка, односно единица, препишувајќи или копирајќи, добива одлична оценка, петка. 

Според Зејнели, образованието во Македонија денес не придонесува за подобра иднина на учениците:

Училиштата не промовираат подготвени ученици за понатамошно образование. Секако дека има и добри ученици, но државната образовна политика и општеството не се грижат доволно за нив.

Од изнесените аргументи произлегува дека екстерното тестирање немало позитивен ефект врз потенцијалот и успесите на децата, па неговото укинување дефинитивно не може да има штетно влијание врз нив како што тврди Спировски. Поради ова, неговата изјава ја оценуваме како невистинита и манипулативна.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Југослава Дуковска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција