Украина ќе биде приоритет за време на македонското претседавање со ОБСЕ

Фото: МНР

Агресијата мора да престане. Убивањата и опустошувањата на цивилното население се неприфатливи, оцени министерот за надворешни работи Бујар Османи на првата прес-конференција на македонското едногодишно претседавање со ОБСЕ

Агресијата мора да престане. Убивањата и опустошувањата на цивилното население се неприфатливи, оцени министерот за надворешни работи Бујар Османи на првата прес-конференција на македонското едногодишно претседавање со ОБСЕ

 

 

Под слоганот „За луѓето се работи“, Македонија денеска и официјално, на првата прес-конференција ги презентираше приоритетите за едногодишното претседавање со ОБСЕ. Министерот за надворешни работи Бујар Османи најави дека случувањата во Украина, како и другите долготрајни конфликти ќе бидат главни на агендата за време на македонското претседавање со најголемата светска регионална безбедносна организација.

Претседавачот истакна и дека руската воена агресија врз Украина е поттик за засилување на напорите на ОБСЕ.

Најголемиот предизвик во имплементацијата на нашата агенда ќе биде во контекст на тешките околности, но единството околу принципите и заложбите на ОБСЕ се изворот на надеж и охрабрување. Руската воена агресија врз Украина, која ги урива самите основи и заложби на Организацијата, го зајакнува ова единство. Денес, се чини дека нашите вредности се поважни од кога било. Актуелните предизвици не се причина за дефетизам, туку поттик за засилување на нашите напори и ангажман, изјави Османи.

Агресијата, рече Османи, мора да престане. Убивањата и опустошувањата на цивилното население се неприфатливи, оцени тој и додаде дека последиците и цената од оваа војна за целиот регион на ОБСЕ се жални и неподносливи.

Тој посочи дека постојат и други кризни подрачја во регионот на ОБСЕ, а регионалната нестабилност и потенцијалот за нови конфликти ќе бараат непрекинато внимание. Организацијата, оцени министерот, треба да биде способна да им обезбеди поддршка на ранливите региони и да остане флексибилна во справувањето со предизвиците.

Иако Украина ќе остане врвен приоритет, мораме високо на агендата да ги имаме и останатите долготрајни конфликти. ОБСЕ останува релевантен како и досега. Тој има уникатен механизам на располагање за сите земји-членки. Го видовме тој потенцијал во минатото, треба да обезбедиме простор да го достигне својот целосен потенцијал во иднина, рече тој.

Генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид рече дека постојат бројни предизвици со кои земјите-членки заедно ќе се соочат. Таа рече дека војната во Украина останува клучен приоритет, но и зачестените „растечки тензии и предизвиците врз демократските вредности“.

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција