Украина не е нацистичка држава и не постои никаков план за депопулација на Земјата

Тенк на украинската армија (Фото: Ministry of Defense of Ukraine, CC BY-SA 2.0, via Wikimedia Commons)

Објавата шири про-Кремљ наративи кои светските сервиси за проверка на фактите, како и Вистиномер, ги имаат дебанкирано во повеќе наврати. Украина не е нацистичка ниту пак постои некаков план за депопулација на населението. Ваквите ставови ги шири рускиот претседател Владимир Путин, сакајќи да го оправда својот напад врз Украина кој тој го нарекува „специјална воена операција“.

Објавата шири про-Кремљ наративи кои светските сервиси за проверка на фактите, како и Вистиномер, ги имаат дебанкирано во повеќе наврати. Украина не е нацистичка ниту пак постои некаков план за депопулација на населението. Ваквите ставови ги шири рускиот претседател Владимир Путин, сакајќи да го оправда својот напад врз Украина кој тој го нарекува „специјална воена операција“

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека Украинците се нацисти и ја промовира теоријата на заговор за колективниот Запад и „златната милијарда“.

Поздрав до Укронацистија и „колективниот запад“/„златната милијарда“, стои во објавата.

Не е првпат на социјалните мрежи да се шират дезинформации дека Украина е нацистичка и нејзиното актуелно раководство e, ист отака, нацистичко. Ваквите наративи ги шират поддржувачите на руската агресија и на рускиот претседател Владимир Путин, кој нападот на Украина, меѓу другото, се обидува да го оправда и со нејзината „денацификација“.

Приказната за наводен нацизам во Украина влече корени од Втората светска војна и тогашниот украински опозициски политичар Степан Бандера, како и од првичното воодушевување од влезот на германските војски кај дел од Украинците што живелее во регонот на Галиција. Но, германската управа многу бргу покажала дека намерата ù е чиста окупација на Украина, која дотогаш била дел од Советскиот Сојуз (СССР).

Актуелната украинска влада не е фашистичка, ниту диктаторска, или на кој било начин поврзана со нацистичкото минато. Претседателот Володимир Зеленски е демократски избран на фер избори, добивајќи 73 проценти од гласовите на претседателските избори во 2019 година. Во Украина навистина има десничарски екстремни сили, кои, сепак, се слаби во споредба со другите европски земји. Со други зборови, нацистичките групи кои постојат во модерна Украина, како и во други европски земји, немаат влијание врз Парламентот, не се во владата и не може да бидат оправдување за инвазијата на Русија врз Украина.

Украина го забрани промовирањето на нацизмот во 2015 година. Интересно е што руските државни медиуми ја опишуваат Украина како „нацистичка“ држава уште од 2014 година, но податоците покажуваат дека бројот на текстови и медиумски објави кои ја поврзуваат Украина со нацизмот, се зголемиле нагло на денот на инвазијата, оцениле од италијанскиот институт ИСПИ90.

Базата на податоци EUvsDisinfo содржи речиси 500 примери на про-Кремљ дезинформациски тврдења за „нацистичка/фашистичка Украина“.

Што се однесува до споменувањето на колективниот Запад и „златната милијарда“, станува збор за стара теорија на заговор, според која светската елита сака да ги приграби ресурсите и богатството само за себе, а останатите жители на планетата да бидат препуштени на сиромаштија и глад.

Оваа заговорничка теорија е често застапувана во говорите на рускиот претседател Владимир Путин, но и од други високи функционери на Кремљ, како линија за напад на Западот додека се одвива војната во Украина. Во тој контекст Путин, во јули 2022 година, во говорот во Москва кажа:

Моделот на целосна доминација на таканаречената златна милијарда е неправеден. 

Веднаш потоа тој запраша:

Зошто оваа златна милијарда од целото население на земјината топка да доминира над сите и да наметнува свои правила на однесување?

Во контекст на теоријата на заговор за депопулација и „сатанистите“, вреди да се спомне дека теоретичарите на заговор често ги ставаа Агенда 21 и Агенда 2030 на Обединетите нации. Вистиномер и на оваа тема има пишувано во повеќе наврати.

Агенда 21, патем, беше една од неколкуте точки на дневниот ред на Конференцијата на Обединетите Нации за животна средина и развој во 1992 година во Рио де Женеиро. Агендата вклучуваше 31 точка. Сите точки се однесуват на глобалните социјални и економски димензии, зачувување и управување со ресурсите, зајакнување на улогата на жените, децата и работниците, како и предложените методи за имплементација.

Како што пишуваа во 2020 година и проверувачите на факти на Асошиејтед прес., од почетокот целите на Агенда 21 се мета на теории на заговор, како онаа за депопулација. Иако во Агенда 21 воопшто не се спомнува дека целта е населението да се намали на конкретна бројка.

Слично пишуваа и проверувачите на факти на Фулфакт, Агенда 21 не е глобален план за депопулација на човештвото. Агенда 21 е документ на 351 страница под капата на ООН во кој се прецизирани цели за одржлив развој.

Документот споменува дека има растечка популација во некои места на земјата, но Фулфакт не можеше во него да најде референца за намалувањето на светската популација. Агенда 21 беше злоупотребувана и за дезинформациите што се објавуваа за време на ковид пандемијата, односно за лажно тврдење, дека со овој документ се промовирала задолжителна вакцинација, што, исто така, не е точно. Од друга страна, токму руската воена инвазија доведе до зголемена смртност во Украина и е директно виновна за депопулацијата на оваа земја, за што пишуваше и Вистиномер.

Што се однесува, пак, за документот Агенда 30, тој претставува план за одржлив развој на кој се имаат согласено земјите членки на Обединетите нации во 2015 година, и вклучува во себе 17 глобални цели кои покриваат работи, како намалување на нееднаквоста и спречување на глад во светот.

Целите на Агенда 2030 се да заврши сиромаштијата во сите форми секаде, заедно со искоренување на гладта, да се обезбеди сигурност дека ќе има храна и подобра исхрана и да се промовира одржлива агрикултура, да се овозможи здрав живот и добросостојба кај сите возрасни групи, да се осигури инклузивно и квалитетно образование и можности за доживотно учење за сите, да се постигне еднаквост меѓу половите, да се охрабрат и зајакнат жените и девојчињата, да се обезбеди добар менаџмент на водата, да се осигури достапност на евтин, сигурен и модерен систем за енергија, да се промовира економски раст, достоинствена работа за сите, да се изгради отпорна инфраструктура, да се намали нееднаквоста меѓу земјите, да се направат градовите инклузивни, безбедни и одржливи, да се преземат итни дејства за борба против климатските промени и нивните ефекти, да се зачуваат океаните, морињата и марински ресурси за одржлив развој, да се заштитат терестријалните екосистеми, да се менаџираат шумите, да се промовираат мирни и инклузивни општества, да се овозможи правда за сите, да се изградат инклузивни институции на сите нивоа.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата шири про-Кремљ наративи кои светските сервиси за проверка на фактите, како и Вистиномер, ги имаат дебанкирано во повеќе наврати. Украина не е нацистичка, ниту, пак, постои некаков план за депопулација на населението.

Ваквите ставови ги шири рускиот претседател Владимир Путин, сакајќи да го оправда својот напад врз Украина кој тој го нарекува „специјална воена операција“. Поради тоа објавата ја оценуваме како невистинита.

 

 


 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција