Украина се брани од руската воена инвазија, а Западот ѝ помага на тој пат
Западот ù помага на Украина да се одбрани од руската воена инвазија и да го задржи својот територијален суверенитет и интегритет. На тој пат на самоодбрана, се појавуваат различни наративи со кои Украина се претставува како окупирана од западните држави или пак марионета во нивните раце, со цел да војува против Русија. Но, тоа е далеку од реалноста, бидејќи власта во Украина е суверена, демократска, одбрана на демократски избори, а граѓаните на Украина имаат суверено право да одлучат за својата иднина и кон кои сојузи ќе инклинираат.
Во објавата што ја рецензираме Украина е обвинета дека војува со Русија, иако Русија е таа која што изврши неиспровоцирана воена инвазија врз украинска територија, принудувајќи ја земјата да се брани. Во тие напори за самоодбрана бројни западни држави помогнаа и помагаат на најразлични начини
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видео материјал и пишува:
,,Вие војувајте со Русија ( до последен Украинец ) ние ќе ви даваме пари “. Наивен глупак , будала Зеленски Ова 100 % не е Руска пропаганда.
Тука сум со претседателот Зеленски, се воодушевувам на тоа што тој и неговата земја го направија. Се обидувате да ги сопрете Русите за да не мораме ние да се бориме со нив. Не им требаат американски војници туку само оружје за да ја ослободат својата држава (Украина н.з.) од ужасната инвазија. Се наоѓате над минерали кои што вредат милијарди долари и може да се добри за нашата економија. Ќе продолжиме да им помагаме на нашите пријатели во Украина. Можеме да победиме, вели Грахам на видео материјалот.
Тие (Русите н.з) седат на 10-12 трилион долари критични минерали во Украина. Тие може да бидат најбогатата држава во цела Европа. И Путин сака да ги дели овие средства со Кина. Ако и помогнеме на Украина сега, тие може да станат (најбогати н.з.). Едно време сонувавме дека 10-12 илјади милијарди долари критични минерални суровини може да бидат користени од страна на Украина и Западот, а не да ù се дадат на Кина. Ова е многу голема работа, рече Грахам во едно телевизиско гостување кое беше пренесено и во украинските медиуми.
Сенаторот повика САД активно да придонесуваат во украинската победа во војната. Грахам исто така има изразувано јавни ставови дека Путин сака да ја рекреира руската империја, нарекувајќи го мегаломан кој нема да застане само на Украина.
Исто така, наведеното во објавата што ја рецензираме дека Украина војува со Русија до последниот Украинец, е дел од пропагандната машинерија на Кремљ. Русија е таа којашто ја нападна Украина во февруари 2022 година, а Украина како независна држава има право да се брани и да ги користи расположливите средства добиени како помош од своите пријатели. НАТО испраќа воена помош за Украина, без притоа да биде учесник во војната.
Украина не е членка на НАТО, туку е партнерска држава, што значи дека соработува блиску со НАТО. На страницата на НАТO, дебанкирани се неколку митови кои се шират од извори на пропагандата на Кремљ. Првиот од нив е дека НАТО „се бори против Русија во Украина“ и тоа на сметка на украински жртви.
Слично во објавата што ја рецензираме, наместо НАТО, како поттикнувач се алудира дека е САД (чиј претставник е сенаторот Грахам).
НАТО не е во војна со Русија и не бараме конфронтација со Русија. Она што го прави НАТО е поддршка за Украина во нејзиното право на самоодбрана, како што е наведено и во Повелбата на Обединетите Нации. Во текот на изминатите месеци, преземавме исклучиво одбранбени мерки за да го зголемиме присуството на НАТО трупи во источниот дел на Алијансата.
Ова обезбедува да нема простор за недоразбирање во Москва за нашата подготвеност да ги заштитиме и да ги одбраниме нашите сојузници. Нашата основна задача е да ги одржиме нашите 30 нации безбедни. Имаме одговорност да се осигуриме дека конфликтот нема да ескалира и да се прошири надвор од Украина, зашто тоа би било уште поразорувачко и уште поопасно, пишува на сајтот на НАТО.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар