Украински ветеран слави 33-ти роденден и во земјава – стара фотка користена и за измами

Фото: скриншот од дел од постот

Последниот пример со наводниот Филип, кој оди со помош на протези и кој наводно слави 33 роденден е уште еден обид за незаслужено стекнување кликови преку манипулација на корисниците на социјалните мрежи. Фотографијата за прв пат се појавува во 2015 година и е ползувана и за измами со пари

Последниот пример со наводниот Филип, кој оди со помош на протези и кој наводно слави 33 роденден е уште еден обид за незаслужено стекнување кликови преку манипулација на корисниците на социјалните мрежи. Фотографијата за прв пат се појавува во 2015 година и е ползувана и за измами со пари

 

На социјалната мрежа Фејсбук во земјава пред некој ден се појави фотографија на млад човек кој се движи со помош на протези и кој наводно слави роденден. Постот е објавен уште на 20 февруари 2021 година, но тој сè уште предизвикува реакции на корисниците на Фејсбук и затоа е предмет на нашата рецензија.

На профилот кој се занимава со „убави нешта“, заедно со фотографијата е напишан и следниот текст:

Се викам Филип
Денес ми е 33 ти роденден
На оној што ќе ми честита Бог да му подари се што му недостига…

Секогаш кога читателот ќе види ваква фотографија, таа природно предизвикува емпатија, па без многу размислување се стиска „лајк“, се коментира, а многу поретко се обрнува внимание на напишаното. Притоа, некогаш или секогаш речиси, се бара извесна проактивност од читателот. Во случајот со оваа објава се бара активно учество од читателите, т.е. да напишат коментар со честитка, а ако го сторат тоа „Бог ќе им подари се што им недостига“, инаку нема и тоа многумина и го сториле.

Наместо таква брза реакција, потребна е проверка на објавеното, а тоа најлесно се прави преку основна проценка на содржината и малку дигитално и медиумско познавање, т.е основи на дигитална и медиумска писменост.

Така, нашата проверка на објавата, поточно во овој случај на фотографијата како основа на објавата, укажува дека и во овој случај се работи за измама. Имено, човекот навистина постои, но не се вика Филип, фотографијата не е од земјава и не слави 33 роденден.

За прв пат оваа фотографија се појавува на интернет просторот на 31-ви март 2015 година во Украина, на еден портал („Ден“), кој отворил тема за војниците што биле на фронт и загубиле дел од екстремитетите, за нивните потреби за протези и други помагала и за тоа, што таквата индустрија нуди во Украина и во светот. Лицето е претставено како Олександар Чалапчиј (Олександр Чалапчій), при што се раскажува кога бил мобилизиран во војната околу Крим, како бил повреден и слично.

Истиот медиум „Ден“ на 26 декември 2015 година објавува тема-репортажа околу војниците на Украинските вооружени сили кои „се бореле со достоинство и се вратиле со достоинство во животот во цивилство“, за тоа што преживуваат и како се вклопуваат во цивилниот живот, итн. И тука е раскажана сторијата на Олександар, речиси идентично, како и при првиот пример. И дотука сè е во ред, се чини нема штета нанесена на читателите.

Но, постојат ликови кои од секоја ваква сторија или фотографија гледаат потенцијален ќар преку измама. Токму еден друг украински медиум „Украински вести“, во мај 2017 година преку текст насловен „Како измамниците профитиираат од војната преку нашите емоции“, открива дека истиот човек е искористен за измама преку повик за уплаќање пари во добротворни цели за да им се помогнело на хероите од војната. Сторијата на медиумот кој ја открил измамата можете да ја видите на линкот тука, а профилот на измамникот можете да го видите на линкот тука.

Според тоа, профилот кој се занимава со „убави нешта“ и кој на интернет просторот на македонски јазик ја објавил фотографијата со „Филип кој славел 33 роденден“ објавил невистинита содржина, а за позадината и мотивот за такво нешто може само да се шпекулира, но секако, не нешто што треба во старт да се разбере како безопасно постирање на лажна содржина.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција