Украинскиот претседател Зеленски и жена му немаат израелски пасоши

Володимир Зеленски Фото: President.gov.ua, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

Тврдењето дека Зеленски и жена му имаат израелски пасоши го имаат побиено познати факт-чекери како Snopes, Lead Stories и Stop Fake, а богами и Вистиномер. Тоа се шири од пред неколку години, но Украина тогаш не дозволуваше второ државјанство, а секој што би го добил би го загубил она украинското, па Зеленски не ќе можел да биде претседател. Од неодамна таа тоа го дозволува, но не и на нејзините високи функционери и само ако е од одобрени држави, меѓу кои не е и Израел.

Тврдењето дека Зеленски и жена му имаат израелски пасоши го имаат побиено познати факт-чекери како Snopes, Lead Stories и Stop Fake, а богами и Вистиномер. Тоа се шири од пред неколку години, но Украина тогаш не дозволуваше второ државјанство, а секој што би го добил би го загубил она украинското, па Зеленски не ќе можел да биде претседател. Од неодамна таа тоа го дозволува, но не и на нејзините високи функционери и само ако е од одобрени држави, меѓу кои не е и Израел

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук, која вели:

Брачниот пар Володимир и Олена Зеленски имаат израелски пасоши.

Објава со слична содржина гледаме и на следниов линк, па оваа рецензија може да важи и за неа. Ваквите објави шират тврдење, настанато среде (про)руските пропагандисти, дека украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговата сопруга Олена Зеленска поседуваат израелски пасоши, односно дека се луѓе со сомнителна лојалност и „резервна татковина“, на кои Украина не им значи толку многу, а во таа приказна има и траги од антисемитски теории на заговор.

Но, тоа со пасошите е дезинформација, која е одамна побиена од страна на релевантни странски проверувачи на факти како Snopes, Lead Stories и Stop Fake, а богами и Вистиномер. Ние тоа го сторивме во анализата „Зеленски ’фатен’ со странски пасоши во проруските дезинформации“, објавена на 24.12.2025 г. Тоа значи дека нашата јавност била предупредена дека тоа е дезинформација, но авторот на таа објава со која започнавме и натаму ја шири таа иста дезинформација. На тоа тој додава:

Ништо чудно да е вистина…

Со тоа, авторот лукаво се амнестира себеси од одговорност за изреченото, во стилот: „Јас не тврдам ништо со сигурност, само гласно си размислувам“, а со поддржувачки коментари нему му се надоврзале и други дезинформатори. Така, тие заедно успеале да доведат во заблуда некои читатели, а за сето тоа да стане појасно, да ги цитираме тие коментари:

Зошто не би било вистина? Па , Евреин е.

То не е тајна, по мајка е Евреин.

Пффффм озбилно не знајте дека се Евреи

Ništo čudno. Dodeka gi rušat ukrainskite gradovi, raste nivniot imot na Florida.

Тоа што има израелски пасош е најмалку чудно бидејќи тој не е ниту легитимен претседател на Украина.

See mozno kako nashite so zlatni vizi !!!

Тука се создал впечаток дека она што се тврди во објавата е сосема возможно, но тоа не е така, што детално ќе го објасниме во оваа рецензија.

Како извор за тоа тврдење во објавата, во неа е споделен линк до објава од една друга социјална мрежа, Threads. Ние се логиравме во неа и го кликнавме тој линк, но тој нè одведе до личен профил на некоја за нас непозната личност, а не до конкретна објава со издржани аргументи.

Можеби тој линк посочувал до некоја содржина која потоа била отстранета или тука имало некаков технички проблем, но за волку сериозно тврдење за еден претседател на држава, белким би требало да има некој посериозен извор, а не нечиј личен профил на Threads. Тоа тврдење за пасошот го нема во ниту еден релевантен и кредибилен светски медиум.

Приказната за „израелските пасоши“ е лажна од повеќе причини, па да почнеме со ред, користејќи ги сознанијата на факт-чекерите кои ги наведовме, но и некои наши сознанија.

 

Побивање на дезинформацијата

Како што читавме кај оние странски факт-чекери, некој ширел дезинформација дека Зеленски веќе имал израелски пасош уште во 2016 г., т.е. пред да стане претседател во 2019 г., а тоа се „поткрепува“ со фотошопиран „доказ“ полн со печатни грешки, кои се недозволиви за еден пасош. Истото тоа го имало во случајот со „пасошот“ на сопругата на Зеленски. Тука ќе потсетиме на оној линк до Threads, кој не ни работеше најдобро и кој можеби водел до такви фотошопирани „докази“, кои можеби биле отстранети.

Но, ако Зеленски навистина го добил тоа израелско државјанство, тој не ќе можел да се кандидира на изборите во 2019 г., зашто според чл. 103 од Уставот на Украина, само нејзин државјанин може да биде избран за претседател. Таа тогаш не дозволуваше второ државјанство, а секој што ќе го добиеше го губеше она украинското (по чл. 19 од Законот за државјанство на Украина).

Што е за право, во Украина имаше расправи и различни толкувања за таквите закони, а и не е сè во легализмот. Таму сигурно имало и такви, кои ги изигрувале тие закони и криеле дека добиле странско државјанство, а тоа не било ни гонето ни казнувано како што треба. Но, тоа не докажува дека и Зеленски правел такви махинации, а такво нешто нема ни во еден сериозен извор.

Неодамна, Украина дозволи второ државјанство, но само ако е од одобрени, партнерски држави, наведени во официјален список, а Израел во него го нема. Таму се САД, Канада, Британија, членките на ЕУ и Шенген зоната и такви (про)западни држави, а дури и Израел да го има таму, на државните службеници секако не им е дозволено да имаат странско државјанство (по чл. 19 од Законот за државна служба). Земајќи го сето тоа предвид, Зеленски не можел да добие израелско државјанство ни откако стапил на власт, па дури ни по воведувањето на тие законски олеснувања, освен ако навистина не направил некои неверојатни махинации. Но, повторно, за нив нема ни еден сериозен извор.

Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција