Улицата „Босна и Херцеговина“ не е претворена во булевар
Во соработка со Град Скопје ќе се реконструира и прошири улицата „Босна и Херцеговина“ со што ќе се предвиди модерен булевар со четири сообраќајни ленти од бул. „Христијан Тодоровски Карпош” до улицата „Кемал Сејфула“. (Рок: 2015-206)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ
Во делот „Транспорт и патна инфраструктура“ во својата изборна програма со која ја побара довербата на граѓаните на општина Бутел на локалните избори во 2013 година, Петре Латиновски, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, на 45-та страница вети проширување и реконструкција на улицата Босна и Херцеговина на потег од булеварот „Христијан Тодоровски – Карпош“ до улицата „Кемал Сејфула“.
Истото ветување го даде и Коце Трајановски, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Град Скопје на локалните избори во 2013 година, во својата изборна програма на страница 27 во делот „Урбанизам, булевари, мостови“.
ПРОЕКТ: ИЗРАБОТКА НА ПРОЕКТ ЗА ПРОШИРУВАЊЕ И РЕКОНСТРУКЦИЈА НА „БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА“
Опис на проектот: Град Скопје ќе ја реконструира и прошири улицата „Босна и Херцеговина“ со што ќе се предвиди модерен булевар со четири сообраќајни летни од бул. „Христијан Тодоровски Карпош“ до улица „Кемал Сејфула“. (Рок: 2015-2016)
Рокот што го наведоа е 2016 година, но со оглед на фактот што до крајот на 2016 година остануваат два месеца, а работите не се мрднати од мртва точка, односно и да почнат сега, проектот не може да се реализира до истекот на рокот. Поради тоа ова ветување може да се смета за неисполнето.
Имено, на овој дел од улицата Босна и Херцеговина, како што може да се види на терен досега не се преземени никакви активности за реконструкција и проширување. Тоа е всушност делот од крстосницата каде што сега завршува булеварот, па минува покрај бараките во кои порано беше седиштето на општина Чаир, а потоа и општина Бутел и завршува до крстосницата со улицата Ќемал Сејфула, односно крстосницата од која се оди кон кружниот тек на влезот на населбата Бутел. Станува збор за улица со две сообраќајни ленти, а потегот е долг 200 до 300 метри.
Пребарувањето на веб-сајтот на општина Бутел и на веб-сајтот на Град Скопје, како и прелистувањето за некакви активности за реконструкција и проширување на оваа улица не донесоа резултат. Најави и планови за ваков зафат не може да се пронајдат ниту со пребарување на агрегаторите на вести Тајм и Грид.
Според тоа, бидејќи активности за исполнување на ова ветување – реконструкција и проширување на улицата Босна и Херцеговина и нејзино претворање во булевар не се преземени, се смета дека ветувањето на Петре Латиновски и Коце Трајановски е неисполнето.
ИЗВОРИ
- Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори 2013 година – „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобар Бутел“, (Транспорт и патна инфраструктура, стр.45) [Пристапено на 31.10.2016]
- (2013) Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ и Коце Трајановски Нови дела за нов напредок, нови дела за подобро Скопје! (Урбанизам, булевари, мостови, стр. 27) [Пристапено на 31.10.2016]
- Веб-сајт на општина Бутел – Пребарување за „улица Босна и Херцеговина“ [Пристапено на 31.10.2016]
- Веб-сајт на Град Скопје – Пребарување за „улица Босна и Херцеговина“ [Пристапено на 31.10.2016]
- Тајм.мк – Пребарување за „улица Босна и Херцеговина“ [Пристапено на 31.10.2016]
- Грид.мк – Пребарување за „улица Босна и Херцеговина“ [Пристапено на 31.10.2016]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар