„Умните“ билети сè уште не „поминуваат“ во приватните автобуси
Проект за инсталирање систем за интелигентна наплата на билети (Smart ticketing) како и систем за автоматска локација на возилата (AVL).
Овој систем ќе го замени тековниот застарен систем за наплата на билетите и ќе овозможи следење на автобусите во реално време, односно подобро почитување на возниот ред. Воведување единствен тарифен систем, односно важност на истите билети во автобусите на ЈСП и во автобусите на приватните превозници. (Рок: 2013-2015 година)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ
Во својата програма (Поефикасен и побезбеден сообраќај и јавен превоз, стр. 68) со која ја бараше довербата на граѓаните на локалните избори во 2013 година, сегашниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски, вети и дека до крајот на 2015 година ќе се воведе „умен“ билет (smart ticketing) во автобусите на ЈСП и во автобусите на приватните превозници. Во автобусите на ЈСП системот функционира, но рокот даден во ветувањето пред изборите за приватните автобуси е истечен, истече и вториот зададен рок – 1 мај, а според најавите ќе биде пробиен и уште еден рок, односно јуни. Што се однесува до приватните автобуси, иако кај нив системот не е воведен, сепак се преземаат одредени мерки за финализација на овој проект, односно и кај „приватниците“ да профункционира системот на наплата „Скопска“ и „Моја скопска“. Затоа, ова ветување гледано во целина (и за ЈСП и за „приватниците“), се оценува како делумно исполнето.
Системот за наплата со „умните билети функционира уште од октомври минатата година во автобусите на ЈСП. Тој беше промовиран на 14 јули лани, при што градоначалникот Трајановски вети дека умните картички ќе се користат и во автобусите на приватните превозници од 1 јануари 2016 година.
За реализација на овој проект Градот Скопје ќе издвои околу 3 милиони евра, а се очекува системот пробно да почне да функционира во месец август во автобусите на ЈСП, а во приватните автобуси од 1 јануари 2016 година. – Коце Трајановски.
На почетокот на пробниот период за електронска наплата во автобусите на ЈСП на 1 август лани, скопскиот градоначалник ретерираше во однос на вториот дел од ветувањето и најави дека системот во приватните автобуси ќе почне да функционира од јуни годинава.
Од 1 јануари 2016 година ќе функционира само новиот систем. Од јуни следната година ќе почне наплата и во приватните автобуси“, рече градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски.
Но, во средината на декември беше соопштено дека тој рок ќе биде пробиен и беше наведен нов рок – 1 мај годинава. Образложението беше дека тоа е поради зголемен интерес од приватните превозници, односно се пријавиле сопствениците на уште 130 приватни автобуси, а првичната набавка на апарати за наплатата била 500 парчиња, со што за целосно спроведување на системот е потребна дополнителна набавка на уште 130 апарати за наплата.
Меѓутоа, пробиен е и 1 мај 2016 година – како рок за приватните превозници, а според последните најави, системот за електронска наплата и за лоцирање на автобусите, за што градот издвои 3 милиони евра ( вкупно и за автобусите на ЈСП и за приватните автобуси), ќе почне да функционира од 1 септември.
Проектот: „СИСТЕМ НА ИНТЕЛИГЕНТНА НАПЛАТА НА ЈСП И АВТОМАТСКА ЛОКАЦИЈА НА ВОЗИЛАТА“, се споменува меѓу реализираните проекти на градоначалник Трајановски во неговиот Отчет (стр.15) за минатата година (2015), каде за овој проект, меѓу другото, е напишано:
Градот Скопје во 2015 година го почна воведувањето на новиот систем за наплата на билетите и за автоматска локација на автобусите на јавниот превоз. Засега, овој нов начин на наплата на билетите функционира пробно, а граѓаните веќе почнаа да ги заменуваат старите хартиени билети и слободните автобуски карти со нови електронски картички. Во текот на 2016 година старите хартиени билети, слободните карти и плаќањето во кеш целосно ќе се исфрлат, а во автобусите на јавниот градски превоз (и во автобусите на ЈСП и кај приватните превозници) ќе може да се користат само новите електронски картички.
Сепак, имајќи ја предвид оваа анализа, вклучително и фактот дека кај приватните автобуси системот не функционира во целост, иако се преземаат мерки тоа да се реализира, ова изборно ветување се смета за делумно исполнето.
ИЗВОРИ
- Изборна програма на Коце Трајановски 2013-2017 (стр. 35) [Пристапено: 10.5.2016]
- Вечер – Паметните бус-картички пристигнаа (14.7.2015) [Пристапено: 10.5.2016]
- Канал 5 – Новиот систем за наплата во автобусите на ЈСП „Скопје“ почнува пробно (1.8.2015) [Пристапено: 10.5.2016]
- Дневник – Паметните билети во ЈСП од 1 јануари, кај приватниците од 1 мај (15.12.2015) [Пристапено: 10.5.2016]
- Старт.мк – Популарната десетка на ЈСП се уште важи! (25.4.2016) [Пристапено: 10.5.2016]
- Вест – Електронски картички во приватните автобуси од септември (1.4.2016) [Пристапено: 10.5.2016]
- Otcet_2015_godina Отчет 2015 на градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски (стр.15) [Пристапено: 10.05.2016]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар