Умните луѓе прифаќаат разумни мислења

Линк до оригиналните написи:

Балканот се тресе – Македонија влегува во војна?!

Колумна на Наталија Ивчева: Крвни непријатели, алчни слепци, задоени предавници. Доста е, ова ќе ви биде крајот!

Датум и време на објавување: 12.02.2015 (Фаланга),  07.02.2015 (Инфомакс)

Датум на рецензирање: 14.02.2015

Рецензент: Зоран Бојаровски

 

Колумната како израз на слободата на говорот е ултимативен концепт кој ја потврдува таа слобода. Но, колку повеќе земаме од слободата, толку повеќе треба да бидеме одговорни за моќта на зборот и за неговото влијание.

Ако ја земаме слободата во свои раце за да пишуваме на теми кои се особено чувствителни во одреден период, треба секогаш да си го поставиме прашањето: Дали моето мислење, изразено во новинарски формат, како медиумска соржина, ги продлабочува конфликтите, ги нагласува разликите, ги форсира стравовите, ги стигматизира оние со спротивно мислење…? Доколку одговорот на овие прашања е потврден, тогаш нешто со нашата колумна не е во ред. Доколку, пак, немаме доблест да си ги поставиме овие прашања, и доколку не не интересираат одговорите, тогаш, треба да знаеме дека не сме достојни да пишуваме колумни, односно медиумски содржини кои го овозможуваат афирмирањето на личното мислење.

Сервисот за проверка на фактите од медиумите, со оваа рецензија, прави еден преседан, зашто за прв пат рецензираме медиумски формат познат како колумна, или, лично мислење

Војна, крв, изрод, надворешни и внатрешни непријатели, алчни слепци, задоени предавници, курташак, вазал, предавници, паразити, геноцид, предавници, продадени души, вие и ние… Ова е репертоарот на зборови употребени во контекст кој единствено што оцртува е еден катаклизмичен исход со кој е соочена нацијата, кој едноставно, е сосема погрешен.

Тој репертоар на зборови, здружен со потребата да се заплашува, неподносливо лесно е ставен и употребен за да создадат фантазмагорични сценарија и да се изнесат шокантни претпоставки/најави/ставови кои единствено имаат за цел да ја вознемират јавноста.

За да биде неодговорноста илустрирана докрај, еден од двата текста што ги рецензираме е објавен во рубриката „Забава“.

 

Дури и кога се „облекува“ во лично мислење, медиумската содржина не може да отстапува од вечните стандарди во новинарството, а тоа се вистината и фактите.

Тука веднаш да кажеме дека, мислењата се разликуваат од фактите. (Повеќе на оваа тема еднаш веќе пишувавме тука во рубриката новинарски лекции под наслов „Нема само една вистина, нема една Македонија“).

Мислењето е заклучок до кој дошол некој врз основа, или, поттикнат од фактите. Во голема мерка мислењата се формираат и од она за што луѓето сметаат дека е факт, и, понекогаш, и од  најверојатно вистинитите факти.

Праксата познава дека има и такви луѓе кои формираат мислења и врз основа на докажани лаги. Едноставно, тие не веруваат во доказите, колку и да се трудите да им ги ставате пред очи. Од тука почнува создавањето на медиумски содржини како мислења кои, со оглед на тоа дека тргнуваат од лаги, завршуваат како поголеми лаги.

Но, тоа не е единствената последица на така формираните и изнесени лични мислења. Посериозната последица е емотивниот набој, манипулацијата со примордијалните чувства (војна, крв, изрод, надворешни и внатрешни непријатели, алчни слепци, задоени предавници, курташак, вазал, предавници, паразити, геноцид, предавници, продадени души, вие и ние….) и со колективните стравови.

Не смееме да заборавиме да истакнеме дека и двата ткста изобилуваат со говор на омраза.

Во текстот “Балканот се тресе – Македонија влегува во војна?!“, освен што крајно неодоговрно е преземен текст од анинимен профил на некоја социјална мрежа,  е злоупотребена и фотографијата, небаре тенковите се пред нашите порти.

Во ситуација кога е неопходно да се биде промислен, разумен, претпазлив, умерен…, овој тип на мислења само ги продлабочуваат конфузиите, фрустрациите и стравовите. Освен тоа, како да се објасни мислење кое зборува за поделби и предавници, а самото тоа ги продлабочува тие поделби и повикува на пресметка со „предавниците“.  Контрадикторно е тоа.

Не помалку важна е и позицијата на медиумот и уредништвото кога треба да одлучат дали некое мислење ќе се објави или не. Во такви ситуации мора да се има предвид јавниот интерес.

Како и да е, од медиумите се очекува да имаат јасни и професионално соодветни правила за тоа како објавуваат факти и мислења и на кој начин на публиката ќе ѝ стават до знаење што е што. Зашто, од поголемиот дел од медиумската публика не можеме да очекуваме да бидат медиумски писмени за секогаш да разликуваат факти од мислења.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција