УНЕСКО не ја прогласува вакцинацијата за злосторство против човештвото

Фото: U.S. Department of Defense, Lisa Ferdinando

Декларацијата на УНЕСКО го признава правото на информирана согласност како етички принцип. Овој документ не е казнен закон, ниту утврдува криминална одговорност.

Декларацијата на УНЕСКО го признава правото на информирана согласност како етички принцип. Овој документ не е казнен закон, ниту утврдува криминална одговорност. Меѓународното право и судска практика дозволуваат правно регулирање на јавноздравствени мерки како што се обврските за вакцинација, кога тие се пропишани со закон и балансираат индивидуални права со јавниот интерес. Нема правен основ да се сметаат вакцините или законските јавноздравствени мерки како „злосторство против човештвото“

 

Анализираме објава на Фејсбук која вели:

Обидите за присилување или принудување на вакцинирање на луѓе претставува злосторство против човештвото.

Во прилог на тврдењето е објавена фотографија со исечок од Универзалната декларација за биоетика и човекови права од 2005 година на УНЕСКО, во кој се цитира членот 6 – Согласност.

Универзалната декларација за биоетика и човекови права на УНЕСКО од 2005 година ги утврдува етичките принципи во медицината и биомедицината, меѓу кои и правото на претходна, слободна и информирана согласност пред медицинска интервенција, како што е вакцинација. Тоа значи дека лицето треба да биде информирано и да даде согласност пред каква било медицинска интервенција, а согласноста може да се повлече во секое време.

Но, Декларацијата има етичка и нормативно-насочувачка, а не правно-обврзувачка улога. Таа поставува општи принципи, а не казнени одредби. Декларацијата не класифицира јавноздравствени мерки како „злосторство против човештвото“.

Самиот документ посочува дека ограничувањата на принципите може да бидат пропишани со закон, на пример:

  • за заштита на јавниот здравствен интерес,
  • за спречување на криминал,
  • и за заштита на правата и слободите на други лица.

Ова значи дека државните закони кои регулираат јавноздравствени мерки (вклучувајќи и обврски за вакцинација) не се автоматски спротивни на принципите од Декларацијата, особено ако тие закони се во согласност со меѓународното право.

Во правниот систем на многу земји, вакцинацијата како јавноздравствена мерка не е ограничена на „доброволен избор“ во секоја ситуација, ниту пак, се третира како престап.

Европски суд за човекови права во случајот Vavřička and Others v. Czech Republic утврди дека обврската за вакцинација во определени услови не претставува повреда на Европската конвенција за човекови права, со оглед на јавниот интерес да се спречат заразни болести.

Правните системи, како на пример во САД, долго време признаваат дека државата може да воведе обврски за вакцинација како дел од „полициската власт“ (Уставно признато овластување на сојузните држави да носат закони за заштита на здравјето, безбедноста, моралот и општата благосостојба на населението) за заштита на јавниот здравствен интерес. Овој пристап е воспоставен уште во случајот Jacobson v. Massachusetts од 1905 година.

Според Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд (ICC), злосторства против човештвото опфаќаат сериозни злосторства како геноцид, систематски напади врз цивили, депортација, убиство, ропство, силувања и друго. Но нема право кое ги класифицира вакцините или вакциналните програми како злосторство против човештвото.

И покрај поединечни обиди или тврдења од приватни лица да поднесат приговори или жалби до меѓународни судови, ниеден релевантен меѓународен суд или институција не пресуди дека вакцинацијата е злосторство против човештвото во правна смисла.

Значи, Декларацијата на УНЕСКО го признава правото на информирана согласност како етички принцип. Овој документ не е казнен закон, ниту утврдува криминална одговорност. Меѓународното право и судска практика дозволуваат правно регулирање на јавноздравствени мерки како што се обврските за вакцинација, кога тие се пропишани со закон и балансираат индивидуални права со јавниот интерес. Нема правен основ да се сметаат вакцините или законските јавноздравствени мерки како „злосторство против човештвото“.

Поради сето ова, објавата што ја анализираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција