Уништувањето на трската во Охридското езеро – доказ за бавниот напредок во заштита на животната средина

Фото Вистиномер - опожарена трска Калишта струшко

Во Охридското езеро има стотина комплекси на трска, кои со децении се на атак на несовесните граѓани. Уништувањето е најизразено и се повторува секоја година пред почетокот на вегетациониот период и пред градежната сезона.

 

Во Охридското езеро има стотина комплекси на трска, кои со децении се на атак на несовесните граѓани. Уништувањето е најизразено и се повторува секоја година пред почетокот на вегетациониот период и пред градежната сезона

 

Пишува: Соња Рилковска

 

Со години безмилосно се уништува појасот на трската во Охридското езеро. Доколку тоа не запре на најбистрото и најстарото езеро во Европа му се заканува еколошка катастрофа, постојано алармираат експертите.

Но, на нивните апели несовесните граѓани останаа „глуви“. „Глуви“ се и институциите кои цели десет години немаат извршено никакви истражувања, испитувања и анализи на состојбата со трската долж охридското крајбрежје. Нема засилени инспекциски надзори, нема ниту казни.

Палење, сечење, тампонирање, целосен еколошки геноцид. Се уништуваат мрестилиштата на краповидните риби, а птиците исчезнуваат напуштајќи ги разурнатите, спалени гнезда.

 

Невладините никој не ги слуша

Невладините со децении бараат поголема заштита, но никој не презема ништо.

Ние како здружение 30 години на полето на заштита на животната средина постојано укажуваме на уништувањето на трската. Трската се пали, потоа се узурпира просторот. Има локалитети како „Андон Дуков“ и „Калишта“, каде се врши узурпација за проширување на површини за бизнис интереси. Тоа го прават граѓани кои ги поседуват тие крајбрежни имоти. Сме имале средби и со нив, тие велат езерото им е навлезено, но на тоа останува и никој не презема ништо, вели за „Вистиномер“ Борис Стојаноски еколог и престедател на ЕД „Грашница“ Охрид.

Фото Вистиномер - девастирана трска во Калишта струшко 
Фото Вистиномер – девастирана трска во Калишта струшко

Во април годинава, откако изгореа неколку хектари трска во Калишко поле, Државниот инспекторат за животна средина за прв поднесе кривична пријава против лице од Велешта, кое ангажирало градежна механизација за насипување на дел од крајбрежјето со шут и земја на локација кај опожарената трска.

Кривичниот законик за недозволена крајбрежна трансформација и уништување предвидува и затворска казна од три месеци до три години.

Сме фатиле и живи узурпатори како истураат градежен шут во заштитеното подрачје, но и тогаш ништо не се преземало. Сме пријавиле во полиција, полицијата ќе излезе на лице место ќе направи записник и се останувало на тоа. Факт е дека не се презема ништо. Често локалната и централната власт си ја префрлуваат топката, не си ги знаат ингеренциите, додава Стојаноски.

Трската е природен био филтер на езерото таа го прочистува од загадување. Со девастацијата на трската се уништуваат мрестилиштата на краповидните риби, а птиците исчезнуваат напуштајќи ги разурнатите, спалени гнезда.

Трската е значајна за биодиверзитетот на езерото, за живиот свет, за рибниот фонд. Познато е дека таа е живеалиште на крапот, на голем број птици. Во тој предел се мрестат рибите птиците имаат свои гнезда. Уништувањето има несогледливи штети врз животинскиот свет, вели Стојаноски.

ЕК: Одржувањето на заштитените подрачја останува предизвик

ЕК дава отворени критики кон бавните реформи на земјава за заштитата на животната средина. Според Извештајот на ЕК остварен е ограничен напредок во областа на заштитата на природата, цивилната заштита и климатските промени, но спроведувањето во сите сектори сè уште заостанува. Земјата е поттикната значително да ги засили амбициите во однос на зелената транзиција, особено во контекст на Зелената агенда за Западен Балкан. Повеќето минатогодишни препораки не беа спроведени.

Постигнат е одреден напредок во врска со заштитата на природата и Законот за заштита на природата, усогласен со Директивите за птици и живеалишта, беше подготвен и се чека на негово донесување. Усвоен е План за управување со Националниот парк Пелистер. Охридското Езеро, вклучително Студенчишко Блато, означено е како водна површина од меѓународно значење. Апликација за вклучување на Охридското Езеро и Студенчишко Блато на Листата на Рамсарската конвенција беше поднесена. Одржување на финансирањето за управување со заштитените подрачја останува важен предизвик, во голема мера со недоволна национална распределба за заштита на природата, а најмногу се потпира на помош од донатори. Спроведувањето на препораките на УНЕСКО за природното и културното наследство на Охридскиот регион е сериозно задоцнето и бара сериозно внимание од органите, нотира Извештајот на ЕК.

Во Охридското езеро има стотина комплекси на трска, кои со децении се на атак на несовесните граѓани. Уништувањето е најизразено и се повторува секоја година пред почетокот на вегетациониот период и пред градежната сезона. Последните мерења на трската се направени во 2011-та година, претходно истражување имало во 1985 година, но тие податоци денес не се веродостојни, бидејќи трската масовно се уништува.

За да запре девастацијата , експертите од Хидробиолошкиот институт сметаат дека е потребна поголема грижа, одбележување на трската со едукативни табли, но и преку трибини и флаери за подигнување на јавната свест кај граѓаните.

 

 

Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција