Упорно се објавуваат неофицијални бројки на заразени со Ковид-19

[Рецензија: Утврдени 164 новозаболени лица во последново деноноќие]

Написот што го рецензираме содржи бројка на наводни новозаразени од Ковид-19 во Битола, кои во официјалната дневна соопштена статистика, воопшто ги нема, односно во статистиката објавена од Министерството за здравство воопшто не стои дека во изминатите 24 часа се регистрирани новозаразени во Битола. Најверојатно станува збор за помешани градови.

Линк до оригиналниот напис: Утврдени 164 новозаболени лица во последново деноноќие

Датум и време на објавување: 12.6.2020; 12:59

Датум на рецензија: 12.6.2020

Рецензент: Мирослава Бурнс

Во текстот што го рецензираме стои дека има 9 новозаразени со корона-вирус во Битола, а во статистиката на Министерството за здравство стои дека има 9 новозаразени во Охрид.

Со реакција на ваквата информација се јавија локални медиуми од Битола, кои во своите написи тврдат дека диспаритетите во двете информации, односно неточните информации за бројката во Битола предизвикале паника кај локалното население во овој град.

Во текот на денот, уште од изутрината се шпекулираше со бројките на заразени, на повеќе медиуми, иако здравствените власти, односно министерот за здравство, Венко Филипче, уште на 6 јуни, излезе со апел и молба до медиумите да ги чекаат официјалните статистики.

Но, денеска некои медиуми излегоа со бројка од 148 лица, други со приближна бројка од над 140. 

И Советот за етика на медиумите  во Македонија (СЕММ) реагира на тенденцијата во последните денови да се шпекулира со број на новозаразени и починати граѓани како последица на корона-вирусот.

Оттаму потсетија на првиот член од Кодексот на новинарите, кој наложува информациите да бидат точни и проверени.

Со оглед на тоа што се работи за исклучително чувствителни вести, поврзани со здравјето и со животот на граѓаните, одговорноста во информирањето би требало да биде максимална, а пристапот професионален и ослободен од сензационализам или битка за ексклузивитет.

Советот за етика истовремено апелира до надлежните да престанат со неофицијални брифинзи, кои апсолутно не помагаат во креирањето здрав и одговорен јавен дискурс:

Ситуацијата во којашто се наоѓаме бара сериозен однос кон процесот на информирање на населението од страна на сите актери задолжени за комуникација, без импровизации и без шпекулации, а со консултација и цитирање на строго официјални извори во однос на бројката на заразени и починати. СЕММ ГИ повикува јавноста, колегите и претставниците на граѓанскиот сектор и на институциите да реагираат со поднесување жалба до нашата Канцеларија секогаш кога ќе наидат на новинарски производ што сметаат дека е надвор од професионалните стандарди.

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област. 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција