Уредбата за носење маски е важечка сѐ до крајот на Ковид-19 пандемијата

Фото: скриншот од дел од постот

Манипулативно и невистинито тврдење ги повикува граѓаните да не носат маски и да не ја почитуваат владината мерка, така што ќе им се спротивстават на органите задолжени за примената и санкционирањето на неносењето заштитни маски, со што директно се штети на јавното здравје а со тоа и на јавниот интерес

Манипулативно и невистинито тврдење ги повикува граѓаните да не носат маски и да не ја почитуваат владината мерка, така што ќе им се спротивстават на органите задолжени за примената и санкционирањето на неносењето заштитни маски, со што директно се штети на јавното здравје а со тоа и на јавниот интерес

 

Пост на Фејсбук на македонски јазик ги повикува граѓаните да се спротивстават на процедурата на пишување прекршочна пријава за неносење маски, со тврдење дека тоа било спротивно на законот.

Во објавата, која е прилично вирална, се наведува следното:

05.10.2020 Според оваа уредба…полицијата пишува казни …истата не е ЗАКОН …а важи само во ВОНРЕДНА СОСТОЈБА .Закон се носи во СОБРАНИЕ …и само по ЗАКОН се казнува…АКО некој полицаец се дрзне да ви бара документи за казна за маска…должни сте да ПРАШАТЕ ПО КОЈ закон ИМАШ ПРАВНА сила да пишеш казна.Ако ја каже оваа уредба…ТОГАШ следното е ДАЛИ ИМА ВОНРЕДНА …а понатаму дека ке го пријавите во ВНАТРЕШНА контрола ПИСМЕНО.Ова е ВАШЕТО оружје против ПОЛИЦАЕЦ кој сака да пише казна за маска .  Храбро и одлучно Македонијо …ЗАКОНОТ ве штити.

Со ваквиот пост е објавен е и извадок, дел од документација која личи како записник од суд за прекршоци и во која се гледа дека се одлучува по барање за поведување на прекршочна постапка, поднесено од полициска станица од Гевгелија за извесен граѓанин, чие име е пречкртано (исправно – н.з.) согласно Законот за заштита на личните податоци.

Суштината на повикот во постот е дека Уредбата не е закон, што е точно и важи само во вонредна состојба, што е невистина.

По преглед на оригиналната „Уредба со законска сила за носење лична заштита заради спречување на ширењето, сузбивање на заразната болест предизвикана од коронавирусот КОВИД-19 и заштита на населението за време на вонредна состојба“, може да се констатира следново:

Уредбата е донесена од страна на Владата на 45 седница одржана на 22.04.2020 година, што може да се види од сајтот на Владата на РСМ, каде што се објавени сите уредби што се носени за време на вонредната состојба.

Веќе утредента, Владата објавува соопштение дека Уредбата е објавена во Службен весник и дека таа е стапена во сила, а дека превентивно, во смисла на опоменување, ќе се спроведува седум дена, односно до 30 април, по што овластените органи за спроведување на Уредбата ќе изрекуваат санкции.

Ако се погледне Службен весник бр. 107/20 на РСМ, ќе се најде целата уредба донесена од Владата која има осум члена. Клучниот за разјаснување на вистинитоста на постот што го рецензираме е член 7, во кој се вели:

Оваа уредба со законска сила се применува за време на траењето на вонредната состојба, како и до завршување на Пандемијата со COVID-19 прогласена од Светската Здравствена Организација. (види ТУКА на стр.6 до СЛ. Весник).

Како што може да се види, уредбата се применува за време траење на вонредната состојба КАКО И ДО ЗАВРШУВАЊЕ НА ПАНДЕМИЈАТА СО COVID – 19!

Според тоа, текстот во постот што го рецензираме е невистина, а повикувањето на граѓаните да се спротивставуваат е само дел од поттикнување на непочитување на мерките што се однесуваат на јавното здравје, што, пак, е јавен интерес од прв ред.

Покрај основниот пост, авторот и во коментарите на постот шири невистина, споделувајќи фотографија од наводна „Наредба со судот за човекови права во Стразбур“ од јуни 2020, нешто што не постои, а се мафта со документ кој „Вистиномер“ го има погледнато и кој е, всушност, мислење на германска невладина организација што се занимава со човековите права и која се залага против рестрикциите во врска пандемијата, повикувајќи се на документи на Советот на Европа и на документи на ООН.

Ваквиот пост со содржина која не е вистина, за нецели два дена е споделен над 60-тина пати, има 30-тина коментари и околу 130 реакции од оние што го погледнале.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција