Уредување на јавните површини зад Градски ѕид
Ново урбано уредување и хуманизирање на површините зад Градски ѕид по целата негова должина со оформување на шест нови пјацети.
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ
Градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, пред три години во кампањата за локалните избори во 2013 година, вети уредување на површините зад Градски ѕид. Во неговата изборна програма (стр.5), меѓу другото, е наведено дека овој простор ќе се хуманизира со изградба на шест нови пјацети. Ситуацијата на терен, написите во медиумите и објавените информации на веб-сајтот на Општина Центар даваат увид дека досега (11.03.2016) е остварен само еден дел од ветувањето.
Пјацети се направени зад Домот на градежниците и зад Градски ѕид во делот кај Државниот завод за статистика во близина на „Автомакедонија“, каде е извршена и обнова на тревните површини и грмушки и е извршено повторно поплочување и се поставени нови клупи. Извршено е одредено хортикултурно уредување на делот спроти управната зграда на Македонска пошта, каде е поставено и детско игралиште со гумена подлога. Обнова на тревнатите површини, засадување нови дрвја и грмушки е направено на делот пред Градски ѕид од Просветно дело до Полициската станица Центар.
Еден од најновите проекти кој е завршен е хортикултурно уредување на просторот во Градски Ѕид, популарното Индијанско маало, делот од Дом на градежници до бул. „Партизански одреди“, каде е засадена нова вегетација и е поставено детско игралиште со гумен под. Обновување на вегетацијата е направена и во близина, на потегот од семафорите на Даме Груев до пјацетата кај Дом на градежници.
Според резултатите од пребарувањето на македонските агрегатори на вести, последниот зафат од ветената програма е новиот парк зад Градски ѕид, на булеварот „Кочо Рацин”, поранешно Југодрво.
Ситуацијата на теренот зборува дека остануваат делови од Општина Центар каде треба да се работи на обновување на зеленилото, како и на поплочување и поставување нова урбана опрема, таму каде што постоечката е оштетена или уништена. Така што, може да се каже дека ова изборно ветување на Жерновски е делумно исполнето.
ЛИНКОВИ
- Изборна програма на Андреј Жерновски (стр. 5) [Пристапено на: 11.03.2016]
- Општина Центар (28.01.2014): Центар – зелена оаза [Пристапено на: 11.03.2016]
- Плусинфо (11.09.2015): Се уредува јавната површина од Дом на градежници до Партизанска (ГАЛЕРИЈА) [Пристапено на: 11.03.2016]
- МКД (7.10.2015): Нов парк спроти Олимпискиот базен (ФОТО) [Пристапено на: 11.03.2016]
*Забелешка
Споменатото ветување на градоначалникот на Општина Центар е дадено без конкретен рок, па Вистиномер повторно ќе ја провери неговата реализација до истекот на мандатот на Жерновски.
Оценето од: Сашо Спасоски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар