Урсула фон дер Лајен не кажа дека ЕУ „треба да го украде приватниот капитал“

Фото: © European Union, 2025, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

Претседателката на Европската комисија зборува за мобилизирање приватен капитал, вклучително и во контекст на европските инвестиции во одбраната. Но, нема основа зборот „mobilise“ кој е испишан на фотографијата во прилог на објавата, да се преведе или интерпретира како „украде“

Наспроти наведеното во објавата, ЕУ не е приватен картел, ниту пак, претседателката на Европската комисија изјавила дека „треба да го украдеме приватниот капитал“. Фон дер Лајен зборува за мобилизирање приватен капитал, вклучително и во контекст на европските инвестиции во одбраната. Но, нема основа зборот „mobilize“ кој е испишан на фотографијата во прилог на објавата, да се преведе или интерпретира како „украде“

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

ЗЛОТО ЕУ – Приватниот КАРТЕЛ „Треба да го мобилизираме (УКРАДИМЕ) ПРИВАТНИОТ КАПИТАЛ “- Урсула Вон Дер Лајен
Наспроти наведеното во објавата што ја рецензираме, ЕУ не е приватен картел, ниту пак, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјавила дека „треба да го украдеме приватниот капитал“. Урсула фон дер Лајен навистина зборува за мобилизирање приватен капитал, вклучително и во контекст на европските инвестиции во одбраната. Но, нема основа зборот „mobilize“ кој е испишан на фотографијата во прилог на објавата, да се преведе или интерпретира како „украде“.

Во економски контекст, да се мобилизира приватен капитал значи создавање услови приватните инвеститори да вложат средства во одредени проекти или сектори. Тоа може да се прави преку гаранции и финансиски инструменти, намалување на инвестицискиот ризик, кредити, јавни средства што привлекуваат дополнителни приватни инвестиции и подобрување на условите за инвестирање. Европската комисија токму така го објаснува механизмот- јавните средства и гаранциите можат да привлечат приватен капитал.

Ако некој инвеститор доброволно вложи пари во компанија за производство на оружје, инфраструктура или зелена технологија, тоа е приватна инвестиција. Парите и понатаму се приватен капитал, а инвеститорот очекува поврат на инвестицијата. За тврдењето дека ЕУ планира да „украде“ приватен капитал, би биле потребни докази за мерка со која државата или ЕУ законски го одзема приватниот имот. Самата употреба на терминот „мобилизирање приватен капитал“ не е таков доказ.

Во Давос на 21 јануари 2025 година, фон дер Лајен зборуваше на состанокот на Светскиот економски форум за „мобилизирање повеќе приватен капитал“. Но, контекстот е суштински. Во говорот, во делот за енергетиката, таа вели дека Европа мора да инвестира во модернизација на електричната мрежа и складирањето енергија, па додава дека „треба да мобилизираме повеќе приватен капитал“ за таа цел.

Веќе денес, Европа произведува повеќе електрична енергија од ветер и сончева енергија отколку од сите фосилни горива заедно. Но, сè уште имаме работа да направиме за да ги пренесеме овие придобивки на компаниите и луѓето. Не само што мора да продолжиме да ги зголемуваме нашите енергетски снабдувања и да ги прошириме чистите извори на производство од обновливи извори, а во некои земји и од нуклеарна енергија, ќе мора да инвестираме во технологии за чиста енергија од следната генерација, како што се фузија, подобрени геотермални и батерии во цврста состојба. Исто така, мора да мобилизираме повеќе приватен капитал за да ги модернизираме нашите електрични мрежи и инфраструктура за складирање. Мора да ги отстраниме преостанатите бариери за нашата енергетска унија. И мора подобро да ги поврземе нашите системи за чиста и нискојаглеродна енергија, вели таа во говорот.

Но никаде не кажува „да украдеме“ приватен капитал и тоа не е исто со „да мобилизираме приватен капитал“. Во изјавата нема најава ниту за конфискација на приватен капитал.

Не е точно наведеното во објавата дека „ЕУ е приватен картел“. Европската унија е политичка и правна унија на 27 држави, основана врз договори што ги склучиле и ратификувале нејзините земји-членки.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека во објавата што ја рецензираме се пропушта контекстот. Во делот каде претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен зборува за мобилизација на приватен капитал, тоа не се однесува на „крадење“.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција