Урсула фон дер Лајен не купувала вакцини од компанијата на сопругот

Фото: Принтскрин видео Јутјуб

Постот неточно тврди дека Фон дер Лајен купила вакцини од компанијата на нејзиниот сопруг, Хајко Ехтер фон дер Лајен. Тој е германски лекар и од септември 2020 година е медицински директор на американската биотехнолошка компанија Orgenesis, која е специјализирана за клеточни и генски терапии, а не за вакцини против ковид-19. Самата изјава на поранешниот руски претседател Димитри Медведев, којашто се користи во написот, содржи неточни информации. Тој тврди дека Урусла фон дер Лајен од Фајзер купила 4,6 милијарди дози вакцини против ковид-19 за 71 милијарда евра, односно по десет дози вакцини за секој граѓанин на ЕУ. Но, фактите и договорите со Фајзер покажуваат дека  од почетокот на пандемијата до крајот на 2022 година, испорачани се 1,2 милијарди дози, за  коишто ЕУ платила околу 23,4 милијарди евра

Постот неточно тврди дека Фон дер Лајен купила вакцини од компанијата на нејзиниот сопруг, Хајко Ехтер фон дер Лајен. Тој е германски лекар и од септември 2020 година е медицински директор на американската биотехнолошка компанија Orgenesis, која е специјализирана за клеточни и генски терапии, а не за вакцини против ковид-19. Самата изјава на поранешниот руски претседател Димитри Медведев, којашто се користи во написот, содржи неточни информации. Тој тврди дека Урусла фон дер Лајен од Фајзер купила 4,6 милијарди дози вакцини против ковид-19 за 71 милијарда евра, односно по десет дози вакцини за секој граѓанин на ЕУ. Но, фактите и договорите со Фајзер покажуваат дека од почетокот на пандемијата до крајот на 2022 година, испорачани се 1,2 милијарди дози, за  коишто ЕУ платила околу 23,4 милијарди евра

 

 

Во објава на Фејсбук  споделен е исечок од медиумски напис кој тврди дека „шефицата на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен набавувала вакцини од компанијата на нејзиниот сопруг.“ Ова е неточна информација.

Статусот е инспириран од манипулативниот наслов на еден веб-портал кој пренесува изјава на поранешниот руски претседател Димитри Медведев. Насловот гласи: „Огромна кражба – Медведев открива скандал: Урсула набавувала вакцини од компанијата на нејзиниот сопруг и тоа десет дози за секој граѓанин на ЕУ!

Притоа, изјавата на Медведев не е соодветно пренесена, поточно во насловот има извртување на неговите зборови. Освен тоа и самата изјава на Медведев содржи неточни информации и е дел од руска пропаганда за манипулирање на јавноста.

Инаку, во самата овјава којашто е базирана на повеќе дезинформации, се бара да се извинат луѓето што ја поддржувале вакцинацијата против ковид-19, при што се нарекуваат и со погрдни зборови:

ВАЖНО!!!

Пријатели, бидејќи самиот досега не сум сретнал таков феномен, да прашам дали можеби некој од вас има забележано некој од оние што јавно врескаа за набавување повеќе вацини, ширеа паника, навредуваа и мантраа Trust science, not morons! – јавно да признал дека згрешил, да се извинил? Многу е важно, макар и да е еден единствен. (Планирам, инаку, во соодветен момент да им посветам должно соодветно внимание, со сите нишани). Но, дали засега има барем еден единствен? Само еден…

При таков евентуален случај, кој многу би ме израдувал, би предложил веднаш свечено да прогласиме дека таа и таа дотична персона повеќе не е носител на престижната титула “ковидиот”, туку дека е само будала.
Зошто па будала, ќе прашате.
Па, заради општопознатата изрека дека на будалите отпосле им текнува, пишува во постот.

Неточно пренесена изјава

Во медиумскиот напис, кој служи како инспирација за објавениот статус, се пренесува изјава на поранешниот руски претседател и сегашен шеф на рускиот Совет за безбедност Димитри Медведев во која тој зборува за Фон дер Лајен и за германскиот канцелар Олаф Шолц.

Притоа, тој во изјавата никаде не вели дека Фон дер Лајен купувала вакцини од нејзиниот сопруг. Во изјавата тој вели дека таа купила големо количество Фајзер вакцини и изнесува сомневања за корупција односно дека дел од парите таа ги зела заедно со нејзиниот сопруг за кој вели дека работи во фармацевтска компанија. Но, никаде не се тврди дека Фон дер Лајен ги купила вакцините од компанијата на нејзиниот сопруг. Вакцините се од Фајзер, а нејзиниот сопруг ниту е сопственик на Фајзер, ниту пак е вработен таму.

Хајко Ехтер фон дер Лајен е германски лекар и од септември 2020 година, тој е медицински директор на американската биотехнолошка компанија Orgenesis, која е специјализирана за клеточни и генски терапии, а не за вакцини против ковид-19.

Клеточните и генските терапии (CGT) користат модифицирани клетки или клеточна материја за лекување, спречување или лекување на сериозни здравствени проблеми како рак, генетски нарушувања, имунодефициенција, ретки болести и многу повеќе.

Сопругот на Фон дел Лајен нема никаква поврзаност со Фајзер и со набавката која што ја направила Европската Унија од оваа фармацевтска компанија.

 

Медведев шири неточни информации

Освен што во написот изјавата на Медведев е неточно пренесена и самата изјава содржи повеќе неточни информации.

Тој тврди дека Урусла фон дер Лајен од Фајзер купила 4,6 милијарди дози вакцини против ковид-19 за 71 милијарда евра, односно по десет дози вакцини за секој граѓанин на ЕУ. Ова исто така е неточно, односно фактите подолу и договорите со Фајзер велат нешто сосема друго.

Првиот договор со BioNTech-Pfizer предвидува првично купување на 200 милиони дози во име на сите земји-членки на ЕУ, плус опција за купување до дополнителни 100 милиони дози. На 15 декември 2020 година, Комисијата одлучи да ги купи овие 100 милиони дополнителни дози.

На 8 јануари 2021 година, Комисијата им предложи на земјите-членки да купат дополнителни 200 милиони дози на вакцината BioNTech-Pfizer, со можност да добијат уште 100 милиони дози.

На 10 март 2021 година, Европската комисија постигна договор со BioNTech-Pfizer за набавка на 4 милиони дополнителни дози вакцини COVID-19 за справување со жариштата на коронавирус и за олеснување на слободното движење преку границите.

На 20 мај 2021 година, Европската комисија потпиша трет договор со BioNTech-Pfizer. Резервира дополнителни 1,8 милијарди дози во име на сите земји-членки на ЕУ, кои ќе се доставуваат помеѓу крајот на 2021 и 2023 година. Со тоа се овозможи купување на 900 милиони дози од сегашната вакцина и вакцина приспособена на варијанти (доколку е потребно и ако е одобрена) и со можност за купување дополнителни 900 милиони дози.

Иако неколкуте набавки на вакцината Фајзер од страна на ЕУ беа по различни цени, тие се движеа од 15,5 до 19,5 евра од вакцина. Сепак, дури и ако се пресметува по најскапата цена од 19,5 евра од вакцина, за сите дози испорачани од почетокот на пандемијата, до крајот на 2022 година, што според пресметките се 1,2 милијарди дози, ЕУ платила максимум 23,4 милијарди евра. Ова е далеку помала сума од 71 милијарда евра како што тврди Медведев.

Ниту ЕУ набавила 4,6 милијарди вакцини од Фајзер, ниту пак, платила 71 милијарда евра на оваа фармацевтска компанија, односно Медведев шири неточни информации.

Но, иако ова се дезинформации коишто ги споделува Медведев без да приложи какви било докази, сепак тие се пренесуваат по медиумите и ја манипулираат јавноста да поверува во нешто што не е точно.

Ваквите наводни скандалозни тврдења од руски официјални лица за кои нема никакви докази, потоа дополнително на порталите кај нас манипулативно се пренесуваат и им се додаваат уште невистини и се извртуваат за да се постигне поголема читаност.

Потоа, откако ќе прочитаат корисниците на социјалните мрежи вакви сензационалистички и неточни наслови, без дополнително да направат проверка на вистинитост, пишуваат гневни објави на социјалните мрежи и уште повеќе го разгоруваат наративот, како што се случај со оваа објава која е многу вирална, што значи дека измамила голем број на корисници на Фејсбук.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција