Условеноста не го менува фактот – има покана и датум и за во НАТО и за во ЕУ
Ставот на ВМРО-ДПМНЕ изнесен преку портпролот Наум Стоилковски за тоа дека македонската дипломатија крахирала и дека Македонија не станува членка на НАТО и нема датум за преговори со ЕУ е невистина
Портапролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, во изјава го пренесе ставот на партијата за евро-интегративните процеси на Македонија по вчерашниот министерски состанок на НАТО во Брисел:
…Македонската дипломатија крахираше и за тоа мора да се понесе одговорност. Како што нема резултати во ниеден реален сектор во животот, нема во економијата, здравството, образованието, нема ниту еден напредок во земјоделието, така нема резултати ниту во интегративните процеси. Зоран Заев и неговата влада само нижат порази, нема ниту една победа.
Денеска Македонија не доби аплаузи, денеска Македонија доби шамари.
Токму затоа, како прв чекор на власта е оставка на Никола Димитров кој што заедно со Зоран Заев ја донесоа државата во ќорсокак…
Македонија не станува членка на НАТО, Македонија нема датум за почеток на преговори со Европската Унија…
[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Изјава на портпарол, датум: 11.07.2018]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ставот на ВМРО-ДПМНЕ изнесен преку портпролот Наум Стоилковски за тоа дека македонската дипломатија крахирала и дека Македонија не станува членка на НАТО и нема датум за преговори со ЕУ е невистина.
Со едноставна проверка на документите и на пишаните текстови од двете организации од самитот на НАТО, којшто вчера и денеска се одржува во Брисел, како и од самитот на ЕУ што се одржа при крајот на јуни годинава, може да се констатираат фактите.
Во писмениот заклучок на самитот на НАТО, кој е донесен и усoгласен ден претходно на состанокот на министрите на земјите членки на НАТО и кој му е соопштен на премиерот Зоран Заев и на целата јавност, јасно стои дека Република Македнија добива покана да се приклучи на Алијансата, но процесот на приклучување ќе се реализира само откако земјата ќе го исполни својот дел од обврските од договорот со Грција, т.е. успешно референдумско прифаќање на договорот и промена на Уставот согласно одредбите за промена на уставното име и дел од членовите на Уставот.
Впрочем, и во поканата за датумот за отпочнување на пристапните преговори со Европската унија – дел од заклучоците на самитот на ЕУ – исто така се наведува овој услов, покрај другите три (Точка 44 од Заклучоците на Советот на ЕУ).
Дополнително, проверката на домашните и на дел од светските медиуми кои известуваа од овие два настана, самитот на НАТО и самитот на ЕУ, го покажуваат истото: Македонија доби покана и за отпочнување пристапни преговори и за приклучување во одбранбениот сојуз на западните демократии. Тоа што поканите и за двете организации се условени со исполнување на обврските од договорот со Грција, не го менува фактот дека покана и датум постојат.
А, бидејќи тоа постои, сосема е јасно дека не одговара на вистината дека дипломатијата крахирала, бидејќи после многу години барање и очекување и за едното и за другото (за НАТО од 2008 г., за ЕУ од 2006/2007 г.), конечно е направен пробив во евро-атлантските интеграции. Тоа е далеку и неспоивливо со оценката на ВМРО-ДПМНЕ, дека „денеска Македонија не доби аплаузи, денеска Македонија доби шамари“.
Поради погоренаведените аргументи може да се заклучи дека констатациите на ВМРО-ДПМНЕ, изнесени преку изјавата на портпаролот на партијата, се невистина.
ИЗВОРИ:
- ВМРО-ДПМНЕ – Веб сајт, изјава на Стоилковски – [Проверено на 12.07.2018]
- НАТО-Самит 2018 – Односи со Република Македонија – [Проверено на 12.07.2018]
- ЕУ Совет – Процес на проширување, асоцијација и стабилизација, заклучоци – [Проверено на 12.07.2018]
- Гугл – Претрага по клучен збор – [Проверено на 12.07.2018]
- Е-Магазин – Поканата за Македонија од НАТО во… – [Проверено на 12.07.2018]
- Тајм/агрегатор – Претрага по клучен збор – [Проверено на 12.07.2018]
Оценил: Тео Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар