Вакцинацијата не заврши за еден ден

Во средата на 17 февруари во модуларната болница, која се наоѓа до Клиниката за инфективни болести, започна процесот на вакцинација на медицинскиот кадар, но не заврши истиот ден како што твдри постот на Фејсбук. Според проценките на здравствените власти, на овој пункт дневно ќе се вакцинираат од 300-500 лица. Па со таа динамика во следните 10 дена се очекува  сите здравствени работници во државата  да се  вакцинираат со прва доза од вакцината на „Фајзер“, која ја добивме како донација од Србија

 

Објава на Фејсбук пласира погрешна информација дека имунизацијта со вакцините на „Фајзер“ кои стасаа од Србија, ќе почне и ќе заврши во еден ден. Во постот е пренесен текст кој уште во самиот наслов тврди: „Во среда почнува и завршува вакцинацијата, од четврток чекаме нови вакцини“.

Но, тоа не е точно. Никој од здравствените власти не изјавил дека вакцинацијата со добиените вакцини ќе се спроведе за еден ден – во среда (17.02.2021).

Во неделата – 14.02.2021г. на граничниот премин „Табановце“ пристигна првата пратка на вакцини против ковид-19 од Република Србија – 4.680 од вкупно 8.000 вакцини од компанијата „Фајзер“. На примопредавањето имаше делегација од Србија предводена од претседателот Александар Вучиќ и делегација од земјава предводена од премиерот Зоран Заев. Тогаш во изјава за медиумите министерот за здравство, Венко Филипче изрази благодарност до српската влада што отстапи дел од нивните вакцини. Еве што точно кажа Филипче во изјавата:

Еве оваа криза покажа дека солидарноста е битна, дека не постојат граници, дека не постојат нации. Сакам да изразам  благодарност до Владата на Република Србија што отстапија дел од нивните вакцини. Ние сме целосно спремни да ги прифатиме, вакцините се веќе на пат да бидат сместени во соодветните фрижидери. После најавата на „Фајзер“ во петокот касно вечерта, ние во текот на вчерашниот ден работевме, го потпишавме трипартитниот договор, што беше практично услов да се случи оваа донација од Србије и еве вакцините се денеска во нашата земја. Во текот на утрешниот ден ќе се заврши регуларната процедура во Агенцијата за лекови, после што вакцинацијата ќе започне во среда со здравствените работници во модуларната клиника во Клиничкиот центар во Скопје.

Како што може да се види, министерот вели дека имунизацијата започнува во среда, но не кажува дека истиот ден ќе заврши. Филипче во оваа изјава  воопшто не спомнува колку време ќе биде потребно за да се дадат вакцините од првата добиена пратка.

Тоа што се тврди во постот на Фејсбук  и во самиот напис што е линкуван, е паушално и погрешно.  Во конкретниот случај е направена произволна проценка дека 2.340 медицински лица ќе ја примат првата доза во еден ден. Притоа текстот се повикува на „најавата на Филипче и Владата дека здравствениот систем има капацитет од 2.000 до 2.500 луѓе дневно“.

Но, за каква најава на Филипче всушност се работи?

На 6 февруари министерот за здравство на прес-конференција информираше дека наскоро во земјава ќе стигнат 200 илјади вакцини за ковид-19 од Кина, со што ќе се обезбеди вакцинација на 100 илјади граѓани. Филипче тој ден соопшти дека Договорот за набавка на вакцините ќе се потпише во понеделник  (08.02.2021) и рече дека веќе е изготвен план, за транспортот, чувањето и отпочнувањето на вакацинацијата која ќе се врши преку постоечката здравствена мрежа и вакцинални пунктови.

На дневно ниво, од вакцината на Синофарм и со работа на пунктовите во полн капацитет очекувам да вакцинираме од 2000 до 2500 граѓани. За секој граѓанин кој ќе ја прими првата доза, веднаш ќе биде резервирана и втората што треба да ја прими по 21 ден, што значи дека од првата пратка имаме две дози за вакцина и ревакцина за 100.000 лица…, кажа Филипче.

Значи, министерот тогаш говори за кинеската вакцина и капацитетот на сите вакцинални пунктови во државата, каде што очекува дневно да се вакцинираат од 2.000 до 2.500 граѓани, а не само на пунктот во модуларната болница кај Инфективната клиника.

Што се однесува, пак, до процесот на вакцинација на здравствените работници кој започна со пратката вакцини на „Фајзер“ од Србија, министерот Филипче во гостувањето на „Сител“ (16.02.2021) рече дека ќе се вакцинираат по 300-400 лица на дневно ниво.

На 17 февруари во модуларната болница започна вакцинацијата на здравствените работници кои работат на клиниката, а во оваа прилика Филипче  за медиумите кажа дека:

Капацитетот на овој пункт е 500 лица на ден, ние започнавме со 350. За најмногу 10 дена ќе се извакцинираат сите здравствени работници.

Истиот ден министерот за здравство  во интервју за телевизија „Телма“  рече дека кога ќе почне вакцинацијата на населението на сите пунктови ќе се вакцинираат од 2.500 до 4.000 граѓани на ден.

Станува збор за вакцинирање од 300-500 луѓе на ден само на овој пункт на Инфективната клиника. Зашто сакаме сите вработени кои работат со ковид да бидат вакцинирани централизирано и со таа динаминка ќе стигнеме многу брзо со вакцинирање на сите здравствени работници кои работат со Ковид.

Системот за вакцинација потоа ќе се дисперзира низ сите пунктови во државата. Капцитетот е меѓу 2 и пол и 4 илјади на ден и за кратко време може еден сериозен процент од населението да се вакцинира, вели Филипче.

Вакцинација на мединцинскиот кадар се вршеше и во текот на денешниот ден, а според сегашната динамика вакцините  на „Фајзер“ кои ги добивме од  Србија ќе бидат ставени за десет дена. Така што, тврдењето изнесено во постот е неточно.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција