Вакцинацијата за децата во земјава е пожелна, но не е задолжителна

Фото: pixabay.com

Европската агенција за лекови,  на крајот на мај ја одобри првата вакцина за деца од 12 до 16 години во ЕУ . Вакцината е од производителот „Фајзер“,  според  ЕМА таа е стопроцентно ефективна да спречи ковид-19. Најчестите несакани ефекти на фајзеровата вакцина за децата на возраст од 12 до 15 години вклучуваат болка во рамото, замор, главоболка, болки во мускулите и зглобовите и покачена телесна температура. Овие ефекти се или благи или умерени и се подобруваат неколку денови по вакцината. Вакцинацијата на децата над 12 години кај нас ќе започне на крајот на оваа недела и ќе биде на доброволна основа

Европската агенција за лекови, на крајот на мај ја одобри првата вакцина за деца од 12 до 16 години во ЕУ. Вакцината е од производителот „Фајзер“ и, според ЕМА, таа е стопроцентно ефективна во спречувањето на ковид-19. Најчестите несакани ефекти на Фајзеровата вакцина за децата на возраст од 12 до 15 години вклучуваат болка во рамото, замор, главоболка, болки во мускулите и зглобовите и покачена телесна температура. Овие ефекти се или благи или умерени и се подобруваат неколку денови по вакцината. Вакцинацијата на децата над 12 години кај нас ќе започне на крајот од оваа недела и ќе биде на доброволна основа

 

Пишува: Мирослава Бурнс

 

Здравствената стратегија за вакцинација во земјава ќе ги опфати и децата на возраст над 12 години. Нивната имунизација нема да биде задолжителна, туку доброволна, како што е случај и со возрасните. Министерот за здравство, Венко Филипче, неодамна на новинарско прашање одговори дека ќе го вакцинира и својот син за да даде пример дека вакцинацијата е единствениот начин да се живее во услови кога делта варијантата на коронавирусот и другите потенцијални мутации демнат. Целта, според него, е да се постигне колективен имунитет.

Тоа е единствен начин да стигнеме до соодветен процент на колективен имунитет. Има некои земји кои вакцинирањето на децата го воведуваат како задолжително, односно нема да ги примаат децата во училишта доколку не се вакцинирани. Тоа е политика на некои западноевропски земји. Кај нас нема да биде задолжителна вакцината. Во секој случај, таа која е препорачана со информација и дозвола е вакцината на „Фајзер“, така што јас тоа ќе го направам, рече Филипче.

„Вистиномер“ стапи во контакт со директорот на Институтот за имунологија и професор на Медицинскиот факултет, доктор Александар Петличковски, кој вели дека препораката е децата кои прележале коронавирус, да почекаат три до шест месеци пред да ја примат дозата од „Фајзер“.

Вакцинирањето на децата е прашање кое се дискутира во светот неколку месеци наназад. Зошто изборот е „Фајзер“? Затоа што оваа компанија излезе со клинички студии во кои што е проценета безбедноста на вакцината кај возрасната група од 12 до 16 години. Јасно е дека вакцината на „Фајзер“ е безбедна и ефикасна. Европската агенција за лекови ЕМА, ја препорачува „Фајзер“ за деца од 12 до 16 години и затоа таков е изборот и кај нас. Децата многу се дружат меѓу себе и така го пренесуваат вирусот. И не се вакцинирани. Затоа процентите на новозаразени се во насока на младите, зашто таа возрасна група не е вакцинирана воопшто никаде во светот. Има логика, зашто голем број од новооткриените случаи на ковид се кај младите и таа врата треба да се затвори. Ако не се покријат децата, тогаш тие ќе бидат извор на нови инфекции, ни изјави професор Петличковски.

Професорот на Медицинскиот факултет, доктор Никола Пановски, не е сигурен дека децата треба да се имунизираат. Тој не гледа потреба за тоа, особено во услови кога хронично болните и возрасни граѓани немаат примено вакцина.

Засега нема податоци за несакани ефекти од вакцината, освен за млади машки деца што се вакцинираат со „Фајзер“. Кај нив се појавува миокардитис, над очекуваната стапка на појава на миокардитис. Ретка е оваа појава и поминува. Мојата препорака е прво да се вакцинираат хронично болните и повозрасните, а за децата немам став, не ја гледам потребата, меѓутоа нема сили да ги натераме останатите, тоа е секако по личен избор, ни рече доктор Пановски.

Европската агенција за лекови, ја одобри првата вакцина за деца од 12 до 16 години во ЕУ на 28 мај годинава. Вакцината е од производителот „Фајзер“, а позната е под името „комирнати“. Како што објави ЕМА на својата веб-страница, ефектите од оваа вакцина биле истражувани на 2.260 деца на возраст од 12 до 15 години. Студијата била одобрена од педијатриското здружение на ЕМА и покажала дека имуниот одговор во оваа возрасна група е компатибилен на оној во групата на возраст од 16 до 25 години, според мерењето на нивото на антителата.

Ефикасноста на вакцината се мерела кај деца кои немале знаци на претходна инфекција. Тие примиле или вакцина на „Фајзер“ или плацебо (физиолошки раствор) без да знаат која од двете опции ја добиле. Ниту едно од 1005-те деца што ја примиле вакцината, не развиле ковид-19. Од оние што примиле плацебо (978 деца на број), 16 се заразиле. Според овие податоци, ЕМА заклучи дека вакцината е стопроцентно ефективна да спречи ковид-19.

Најчестите несакани ефекти на Фајзеровата вакцина за децата на возраст од 12 до 15 години вклучуваат болка во рамото, замор, главоболка, болки во мускулите и зглобовите и покачена телесна температура. Овие ефекти се или благи или умерени и се подобруваат неколку денови по вакцината.

Комитетот за медицински производи за човечка употреба на ЕМА, заклучи дека бенефитите на Фајзеровата вакцина натежнуваат над ризиците. Оттаму, на официјалната веб-страница објавија и дека нивниот Комитет за безбедност забележува ретки случаи на миокартис и перикардитис (инфламација на мембраната околу срцето) што се случуваат по вакцинацијата, претежно кај лица помлади од 30 години.

Во моментот нема индикација дека овие случаи се поради вакцината и ЕМА го следи ова одблиску. Заклучуваме дека придобивките од вакцината за деца на возраст од 12 до 15 години натежнуваат над ризиците, особено за деца со медицински состојби што го зголемуваат ризикот од тешка форма на ковид- 19, информираат од Европската агенција за лекови.

Фајзеровата вакцина „комирнати“ функционира така што го подготвува телото да се одбрани од ковид-19. Содржи молекула наречена мРНК, којашто има инструкции за создавање на спајк протеин. Ова е протеин што го има на површината на Сарс Ков 2 вирусот, којшто му е потребен на вирусот за да продре во клетките на организмот.

Кога вакцината ќе се администрира, некои клетки ќе ги прочитаат инструкциите на мРНК и времено ќе го произведат спајк протеинот. Човековиот имун систем потоа ќе го препознае овој протеин како надворешен непријател, ќе создаде антитела и ќе ги активира Т-клетките за да го нападнат.

Доколку подоцна лицето дојде во контакт со Сарс Ков 2 вирусот, тогаш нивниот имунолошки систем ќе го препознае ова и ќе биде подготвен да го одбрани телото. мРНК од вакцината не останува во телото, туку тоа се ослободува од него кратко после вакцинацијата.

Регионалната канцеларија на УНИЦЕФ во земјава на својата страница пишува дека заканата по децата предизвикана од ковид-19 е огромна и оди многу подалеку од непосредните физички ефекти од болеста, затоа што намалениот рутински опфат со здравствена заштита и рецесијата, што е на повидок, го загрозуваат здравјето и иднината на цела генерација деца.

Од 12 јули годинава, во земјава на сите пунктови за вакцинација граѓаните ќе може да се вакцинираат без претходно закажан термин. Вакцинацијата на децата над 12 годии ќе започне на крајот на оваа недела и ќе биде на доброволна основа.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција