Вакцинацијата против ковид-19 е доброволна и никој никого не присилува да прими вакцина

Фото: Christian Emmer | emmer.com.ar

ретседателот на ССМ, Дарко Димовски, ни рече дека првпат слуша за вакви притисоци од работодавци: „Првпат слушам дека некој работодавец некаде вршел притисок врз вработени да се вакцинираат против ковид-19. Кај нас нема стигнато таква пријава, ниту, пак, ние сме слушнале такво нешто за да реагираме. Напротив, имаме зголемени број на пријави од работници дека несовесните работодавачи ги попречуваат да се вакцинираат во термините кои им се определени во работните денови или, пак, денот за имунизација на работниците им се третира како неплатено отсуство“

Пост на Фејсбук ја манипулира и дезинформира јавноста дека во земјава се вршел притисок за вакцинација против ковид-19. Oва не е точно, бидејќи вакцинацијата е доброволна.

Наместо доброволно вакцинирање, се врши притисок кон огромен број вработени од страна на многумина работодавци на разни компании и фирми. Лудилото на фашизмот е до тој степен што го уценува народот преку работодавците за насила да се вакцинираат.  Народот мора да се свести а овој фашизам, што насила наместо доброволно, не тера маски да носеме и да се вакцинираме, мора да биде спречен, се вели во постот.

Она што е важно да се спомне е дека вакцинацијата против ковид-19 во земјава, како и секаде во светот, е бесплатна и е на доброволна основа, а тоа неколупати досега го кажале здравствените власти. Според тоа, никој нема законска основа да може да ве присили да се вакцинирате против ковид-19. Постот кој го рецензираме изнесува тврдења за наводна присилна вакцинација, иако не посочува никакви факти за тоа. Каде и кој присилил некого да се вакцинира против ковид-19 е прашањето кое логички се поставува. Ако авторот на постот имал такви сознанија, истите треба да ги поткрепи со докази, а не само да нафрла и обвинува.

Поконкретно, авторот спомнува дека притисокот се вршел „кон огромен број вработени од страна на многумина работодавци на разни компании и фирми“. Но, за ова повторно нема никаков доказ. Досега не сме чуле за ваква пракса на работодавците, ниту пак некој медиум објавил такво нешто. Со цел официјално да ги провериме ваквите наводи, Вистиномер се обрати до Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Претседателот на ССМ, Дарко Димовски, ни рече дека првпат слуша за вакви притисоци од работодавци.

Првпат слушам дека некој работодавец некаде вршел притисок врз вработени да се вакцинираат против ковид-19. Кај нас нема стигнато таква пријава, ниту, пак, ние сме слушнале такво нешто за да реагираме. Напротив, имаме зголемени број на пријави од работници дека несовесните работодавачи ги попречуваат да се вакцинираат во термините кои им се определени во работните денови или, пак, денот за имунизација на работниците им се третира како неплатено отсуство. Ние како ССМ се бориме сега работниците кои ќе се вакцинираат, тој ден и наредниот ден да бидат ослободени од работа, како што е тоа случај во јавниот сектор. Барање испративме и до министерката за труд и социјала Јагода Шахпаска, да им се даде тоа право на работниците со цел да се имунизираат што е можно повеќе луѓе, како што впрочем владата секојдневно апелира, и што побрзо да дојдеме до колективен имунитет – изјави Димовски за Вистиномер.

Колку што е познато, досега вакцинација се вршеше врз вработените во критичната инфраструктура, а вакцина примија оние кои се пријавија за неа. Стопанската комора, исто така, организираше вакцинација на вработените од компаниите, но и таа беше на доброволна основа, односно се вакцинираа оние кои изразија интерес.

Секој граѓанин кој сака да ја прими вакцината против ковид-19, треба да се пријави на сајтот вакцинација.мк за да добие термин. Вакцината против ковид-19 не е влезена во задолжителниот календар за имунизација, што значи дека таа не е задолжителна и никој не може да ве присили да се вакцинирате.

Имунизацијата, како што многупати досега повториле медицински експерти и познавачи, е единствениот начин да се сузбие пандемијата против ковид-19. За ефикасноста од процесот на вакцинација говорат бројките на новозаболени и починати во земјите во кои има голем број вакцинирани граѓани.

Така на пример, студија во Италија покажа дека бројот на заразени лица од сите возрасти опаднал за 80 проценти, а бројот на смртни случаи опаднал за 95 проценти, пет недели по првата примена доза на вакцина против ковид-19. Во САД, кои се меѓу рекордерите по вакцинација, исто така, опаѓа бројот на заболени и смртни случаи од ковид-19. Во Велика Британија се проценува дека се спречени 10.400 смртни случаи на лица над 60-годишна возраст со програмата за вакцинирање против ковид-19, што започна да се спроведува на 8 декември.

Ваквите бројки и податоци ни покажуваат дека вакцинацијата и тоа како има улога во сузбивање на коронавирусот. Од вакцинацијата луѓето може да имаат бенефит и колку повеќе се одлучат да се вакцинираат, толку побрзо ќе дојде и крајот на пандемијата.

Медиумите досега не пишувале за случаи во кои работодавци присилувале работници да се вакцинираат против ковид-19. Доколку тоа било така, како што се тврди во постот, да се вршел притисок врз огромен број вработени од страна на многумина работодавци на разни компании и фирми, сигурно тоа немало да помине незабележано од медиумите. Некоја пријава за тоа сигурно ќе стигнела или до медиумите, ил идо ССМ од каде ни рекоа дека првпат слушаат за такви притисоци. Ваквите и слични постови кои имаат за цел само да шират паника и лажни вести во голема мера можат да го нарушат процесот на имунизација и да нанесат штета врз општото јавно здравје.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција