Објавата изобилува со дезинформации за наводната небезбедност на детските вакцини, но и промовира опасен наратив дека вакцинацијата претставува масакр на деца и млади. Спротивно на тоа, придобивките од вакцинацијата се многубројни, вакцините се најголемото достигнување на медицината. Според УНИЦЕФ вакцините спасуваат 2 до 3 милиони деца од опасни болести секоја година. Бројот на деца кои се соочуваат со парализа како последица на полио, е намален за повеќе од 99 проценти од 1988 година. Вакцините против мали сипаници овозможија да се избегнат повеќе од 23 милиони смртни случаи помеѓу 2000 и 2018 година
Објавата изобилува со дезинформации за наводната небезбедност на детските вакцини, но и промовира опасен наратив дека вакцинацијата претставува масакр на деца и млади. Спротивно на тоа, придобивките од вакцинацијата се многубројни, вакцините се најголемото достигнување на медицината. Според УНИЦЕФ вакцините спасуваат 2 до 3 милиони деца од опасни болести секоја година. Бројот на деца кои се соочуваат со парализа како последица на полио, е намален за повеќе од 99 проценти од 1988 година. Вакцините против мали сипаници овозможија да се избегнат повеќе од 23 милиони смртни случаи помеѓу 2000 и 2018 година
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
Еве ги ѓаволите, упорни во својата цел, масакр на деца и млади. Сакаат до 2030 да вакцинираат 500 мил деца. Бело видело да не видат.
Објавата споделува видео од обраќањето на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Глобалниот граѓански фестивал 2024 што се одржал во Њујорк.
Мои пријатели, подобар свет значи и поздрав свет. И вакцинацијата е нашата најдобра шанса за ова. Вакцините спасија милиони животи во изминатите 50 години. Но, во моментов, милиони деца сè уште се изложени на ризик. Им требаат вакцини. Мора да продолжиме да ја поддржуваме вакцинацијата ширум светот. Така, денес имам задоволство да најавам 290 милиони долари за ГАВИ, Алијансата за вакцини. Секое дете треба да биде заштитено. Заедно со ГАВИ имаме цел да вакцинираме 500 милиони деца до 2030 година. Европа ќе го направи својот дел. Можете да сметате на нас, вели Фон дер Лајен во обраќањето.
ГАВИ е вакцинална алијанса чиишто основачи се Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс, УНИЦЕФ, Светската банка и Светската здравствена организација. ГАВИ има многу донатори (56 држави и 63 светски компании) и целта е собирање средства за вакцини за потребите на земјите со најниски приходи, кои сами не можат да ги обезбедат неопходните пари. Но, ако средствата се соберат заеднички, тогаш може да се пристапи пред производителите со големи нарачки со што се намалува единечната цена на вакцините. Од 2000 година до денес, ГАВИ има помогнато да се вакцинираат над 981 милион деца, при што се спречени 16,2 милиони смртни случаи со што е преполовена смртноста кај децата во 73 земји со ниски приходи.
ГАВИ помогна да се зголеми опфатот со вакцина против дифтерија во поддржаните земји од 59 отсто во 2000 година на 81 отсто во 2019 година, придонесувајќи за намалување на смртноста кај децата за половина.
Тврдењето во објавата дека вакцинацијата е масакр на деца и млади, не е поткрепено со никакви докази и факти. Да се говори дека со вакцините се прави масакр на децата е сериозно обвинување кое не може да се пласира во јавноста со таква леснотија, без сериозни докази.
Спротивно на тоа, реалноста говори нешто сосема друго. Придобивките од вакцинацијата се многубројни и вакцините се најголемото достигнување на медицината. Таа обезбедува здраво поколение, придонесува за колективниот имунитет, го спречува ризикот од заболување, ги намалува трошоците за боледување и лекување, спречува инвалидитет и други последици, спречува смртност од заболувањето, создава отпорност на организмот кон заболувањето и спречува епидемии од заразни болести.
Според УНИЦЕФ вакцините спасуваат 2 до 3 милиони деца од опасни болести секоја година. Бројот на деца кои се соочуваат со парализа како последица на полио, е намален за повеќе од 99 проценти од 1988 година. Вакцините против мали сипаници овозможија да се избегнат повеќе од 23 милиони смртни случаи помеѓу 2000 и 2018 година.
Фондацијата на Бил Гејтс и Светската здравствена организација се предмет на сатанизација од противници на вакцинацијата, иако тие тела само придонесуваат да се подобри опсегот на достапноста на вакцините и инвестираат и промовираат во научните капацитети.
Само еден пример е написот на Гардијан во кој се известува дека Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс со нивниот проект за вакцинација – Гави, спасила 3.4 милиони животи во период од 8 години.
Тоа што со текот на годините се имплементирани поголем број на вакцини во имунизациските календари за децата, овозможи да се искоренат болести и да се заштитат децата. Доказ за ова е, тоа што во сиромашните држави каде што ги нема овие вакцини за децата, сè уште има епидемии за болести што во САД се искоренети благодарение на имунизацијата.
Од сето погоре, можеме да заклучиме дека објавата што ја анализираме е невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар