Вакцинацијата не е најголемото злосторство против човештвото, туку огромна придобивка

Фото: Mufid Majnun on Unsplash

Со гледање на пошироката слика и земајќи ги предвид сите истражувања и факти, никако не може да се изведе заклучок дека вакцинацијата е најголемо злосторство против човештвото и дека луѓето не треба да се вакцинираат. Вакви фабрикувани објави коишто се дел од една поширока антиваксерска кампања, сериозно може да му наштетат на здравјето на луѓето, но и на колективното јавно здравје. Вакцинацијата помага да се стават под контрола над 20 болести како туберкулоза, дифтерија, детска парализа, сипаници, заушки и многу други, кои без вакцините би биле смртоносни за многу луѓе ширум светот. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека вакцинирањето спречува два до три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година

Со гледање на пошироката слика и земајќи ги предвид сите истражувања и факти, никако не може да се изведе заклучок дека вакцинацијата е најголемо злосторство против човештвото и дека луѓето не треба да се вакцинираат. Вакви фабрикувани објави коишто се дел од една поширока антиваксерска кампања, сериозно може да му наштетат на здравјето на луѓето, но и на колективното јавно здравје. Вакцинацијата помага да се стават под контрола над 20 болести како туберкулоза, дифтерија, детска парализа, сипаници, заушки и многу други, кои без вакцините би биле смртоносни за многу луѓе ширум светот. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека вакцинирањето спречува два до три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека вакцинацијата е најголем грев и злосторство против човештвото. Притоа, објавата во тој контекст го таргетира и поранешниот министер за здравство и актуелен лидер на СДСМ Венко Филипче како најголем лажго, измамник и злосторник.

“EDEN OD NAJGOLEMITE LAŽGOVCI, IZMAMNICI, ZLOSTORNICI NAD ČOVEŠTVOTO VO MAKEDONIJA”… !!!VAKCINACIJA – EDNA OD NAJGOLEMITE GREVOVI I ZLOSTORI VRŠENI NAD ČOVEŠTVOTO… !!!.

Објавата не нуди никакви докази за своите тврдења, ниту пак, конкретни примери кои би ги поткрепиле наводите дека вакцините се најголемиот грев и злосторство против човештвото.

Очигледно е дека целта на објавата е да шири теорија на заговор и јавно да линчува докторите кои јавно заземаат позитивен став во однос на вакцинацијата и истата ја препорачуваат. Во случајов јавниот линч е насочен кон Филипче, иако тој во видеото споделено во објавата не говори ништо за вакцини. Не е првпат антиваксерски објави да жигосуваат лекари дека се „убијци во бели мантили“, „платеници на фармакомафијата“ и дека „ќе им се суди за геноцид“.

Во таквите објави, како што Вистиномер веќе има пишувано, не се напаѓаат професионалните ставови на лекарите, туку самата идеја за вакцинација, изедначувајќи ја со некаков грев и сатанизам, односно најголемо злосторство против човештвото, како што е случајот и со објавата која ја анализираме.

Вакцинацијата на децата во С. Македонија е задолжителна и за неа е изготвен Календар за имунизација којшто се спроведува согласно возраста на децата. Здравствените власти се обврзуваат да го спроведуваат Календарот за имунизација со цел заштита на личното и колективното здравје на децата. Сите овие вакцини предвидени во календарот, се задолжителни според Законот за заштита на населението од заразни болести каде се предвидуваат и казни за неспроведувањето.

Детската имунизација  е задолжителна во 12 земји од ЕУ.

Станува збор за проверени вакцини, со чија помош се спречуваат милиони смртни случаи од заразни заболувања и се спречува повторна појава на искоренети епидемии кои во минатите векови биле смртоносни.

Вакцинацијата помага да се стават под контрола над 20 болести како туберкулоза, дифтерија, детска парализа, сипаници, заушки и многу други, кои без вакцините би биле смртоносни за многу луѓе ширум светот. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека вакцинирањето спречува два до три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година.

Вакцините кои се регистрирани во Македонија за заштита од овие болести, се истите што се користат во европските земји.

Секоја вакцина треба да се прими навремено, според календарот на имунизација за да се обезбеди најдобра заштита и имунитет. Пропуштена вакцина или одложена вакцина може да го изложи детето на висок ризик од опасни болести.

Навремената вакцинација во текот на детството е од суштинско значење, бидејќи помага да се обезбеди имунитет пред децата да бидат изложени на потенцијално опасни по живот болести.

Имунизацијата претставува еднo од најголемите достигнувања во историјата на медицината и е најбезбедна, најефикасна и економски најоправдана превентивна мерка, која директно придонесува за намалување на морбидитетот и морталитетот од заразните заболувања.

Пензионираниот раководител на службата за општа хигиена и здравствена екологија при Центарот за јавно здравје Тетово, доктор Џавид Фејзули во  интервју за „Вистиномер“ (07.12.2021) говореше за придобивките од вакцинацијата, како и за антиваксерите.

Со вакцинација ние спречивме детска парализа, дифтериија, тетанус, заушки, доста заразни болести кои напаѓале и од кои се умирало. Но, еве ги немаме тие болести и тоа значи дека вакцинацијата како медицинска метода е за поздравување и целта е да спречи болест или да ја ублажи. Ама, сега оваа работа е испревртена и од одредени лекари. Ќе се најдат лекари, не знам како, но моја претпоставка е поради одредени интереси, ќе покренат прашање што не е докажано и ќе го форсираат во јавноста. Земете пример со аутистичниот спектар, цел свет се дигна на нозе дека поради одредена вакцина се појавува аутизам кај децата, а тоа го пласираат колеги лекари. Сега одредени американски статистики, велат дека на секои 50 породувања има по едно аутистично дете, ама не е од вакцината и тоа официјално се докажа. Така што, сега ако некој лекар каже нешто, широката маса се приврзува кон тоа што го кажал и затоа се појавуваат антиваксери, рече меѓу другото д-р Фејзули (07.12.2021).

Со гледање на пошироката слика и земајќи ги предвид сите истражувања и факти, никако не може да се изведе заклучок дека вакцинацијата е најголемо злосторство против човештвото и дека луѓето не треба да се вакцинираат. Вакви фабрикувани објави коишто се дел од една поширока антиваксерска кампања, сериозно може да му наштетат на здравјето на луѓето, но и на колективното јавно здравје.

Според тоа, објавата што ја анализираме ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција