Вакцината на „Фајзер“ против ковид-19 не е убиствена

Вакцина на „Фајзер“ Фото: U.S. Secretary of Defense, Public domain, via Wikimedia Commons

Во земјава во периодот кога министер за здравство беше Венко Филипче, не се увезуваа вакцини само од производителот „Фајзер“, туку и од други производители. Зголемена смртност поради тие вакцини не е евидентирана од ниедна домашна институција.

Во времето кога се вршеше увоз на вакцини против ковид-19 во С. Македонија, тоа се правеше со запазување на сите законски процедури кои вклучуваа инволвираност на сите здравствени институции задолжени за таа цел – Министерството за здравство, Агенцијата за лекови и медицински средства која во својот состав има оддел за следење на несаканите ефекти од вакцините. Во земјава во периодот кога министер за здравство беше Венко Филипче, не се увезуваа вакцини само од производителот „Фајзер“, туку и од други производители. Зголемена смртност поради тие вакцини не е евидентирана од ниедна домашна институција

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува фотографија од поранешниот министер за здравство, Венко Филипче во лекарски мантил со шприц во раката, и каде пишува:

Венко ваксерот професионален масовен убиец на „Фајзер“. Ќе му се суди?

Не е точно дека поранешниот министер за здравство Венко Филипче бил „професионален масовен убиец на Фајзер“. Наспроти наведеното во објавата, вакцините против коронавирусот од производителот „Фајзер“, исто како и останатите вакцини против коронавирусот кои во текот на пандемијата беа администрирани во Северна Македонија и во земјите од светот, не се „убиствени“.

Понова студија од декември 2025 година спроведена врз 30 милиони возрасни Французи сугерира дека вакцините против ковид-19 не довеле до повисоки стапки на смртност. Напротив, тие ја намалиле стапката на смртност.

Од 28 милиони возрасни Французи на возраст од 18 до 59 години, оние кои примиле вакцина против ковид-19 базирана на мРНК технологија, имале помала веројатност да починат во наредните 4 години од оние што останале невакцинирани, што е 25 проценти помал ризик од смрт од сите причини, пишува во студијата.

Имено, станува збор за масивна студија спроведена на огромен репрезентативен примерок која покажала дека вакцинираните возрасни лица имале 74 проценти помала веројатност да починат од тешка форма на ковид-19. Студијата не откри зголемување од ризикот од смртни случаи од карцином, срцеви заболувања, случајни повреди или која било друга категорија – во секој случај, вакцинираните лица имале еднакви или пониски стапки на смртност, пишува во студијата.

Сите вакцини против ковид-19, вклучително и онаа од производителот „Фајзер“, пред да бидат администрирани поминаа процес на сериозно клиничко тестирање, вклучително и за деца.

Нема лекови кои се проучуваат повеќе и се следат поригорозно од вакцините. До денес, повеќе од 400 милиони дози вакцини против ковид-19 им се дадени на повеќе од 200 милиони луѓе во Соединетите Американски Држави, вели педијатарот и експерт за заразни болести на UCLA Health, д-р Анабел де Сент Морис, посочувајќи дека вакцината на „Фајзер“ е најчесто администрирана за одговорноста.

Тоа според неа покажува дека безбедноста на овие вакцини е проучена пред да бидат лиценцирани, но и по добивањето на овластување за итна употреба кај овие 200 милиони лица.

Ги следевме за да откриеме дали има сериозни несакани ефекти што може да бидат ретки, а не биле откриени во клиничките испитувања, изјави таа.

Поради огромниот број на администрирани дози на светско ниво, уште повеќе се потврдува безбедносниот профил на вакцината на „Фајзер“.

Оваа вакцина е подложена на многу ригорозна евалуација. Родителите треба да бидат сигурни дека многу размислување, многу труд и многу научни прегледи се вложени за одобрување на оваа вакцина за итна употреба и нејзино препорачување на деца. Оваа вакцина е проучувана кај илјадници волонтери кои учествувале во клинички испитувања, кои вклучувале голем број различни популации, вели д-р Сент Морис.

Вакцината против ковид-19 на „Фајзер“ е достапна во повеќе од 130 земји.

Вакцините против ковид-19, особено вакцините со мРНК технологија за ковид 19, беа инструмент во спречувањето на милиони смртни случаи и намалувањето на тешките заболувања низ целиот свет за време и по пандемијата, изјави Крис Бошоф, доктор по медицина, главен научен директор и претседател на одделот за истражување и развој во „Фајзер“.

Тој додава дека и покрај варијантите на вирусот што еволуираат, ажурираните формулации на вакцините постојано штитат од хоспитализација, тешки заболувања и долготрајноста на болеста, зајакнувајќи ја потребата за одржување на висока покриеност со вакцинација.

Сите научни докази за безбедноста и ефикасноста на вакцината на „Фајзер“ може да се прочитаат на следниот линк.

Вакцините мора да поминат низ ригорозни тестирања во клинички испитувања за да се докаже дека ги исполнуваат меѓународно договорените стандарди за безбедност и ефикасност. Само ако ги исполнува овие стандарди, вакцината може да добие потврда од СЗО, пишува на сајтот на Уницеф, каде се потврдува безбедноста и ефикасноста на вакцините против ковид-19, вклучително и таа од производителот „Фајзер“.

Алијансата за вакцинација ГАВИ, објави дека една од најголемите долгорочни студии за безбедноста на вакцините спроведена досега, нуди најмногу јасни одговори досега дека причинско-последичната врска меѓу вакцинацијата со мНРК вакцина и прекумерната смртност се чини многу малку веројатна.

Во Северна Македонија во времето кога се вршеше увоз на вакцини против ковид-19, тоа се правеше со запазување на сите законски процедури кои вклучуваа инволвираност на сите здравствени институции задолжени за таа цел – Министерството за здравство, Агенцијата за лекови и медицински
средства, која во својот состав има оддел за фармаковигиланца, односно следење на несаканите ефекти од вакцините итн.

Во земјава во периодот кога министер за здравство беше Венко Филипче, не се увезуваа вакцини само од производителот „Фајзер“, туку и од други производители. Зголемена смртност поради тие вакцини не е евидентирана од ниедна домашна институција.

Светските институции од областа на здравството пак, констатираат дека вакцината на „Фајзер“ е безбедна, ефикасна и со сигурен безбедносен профил како и дека спасува животи.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција