Вакцината на Фајзер-Бионтек не прави проблем на јајниците и плодноста

Фото: Pixabay

Објава на Фејсбук на македонски јазик погрешно претставува истражување од Јапонија, по што се вади заклучок дека вакцината на Фајзер-Бионтек влијае на создавање негативни ефекти врз човековиот организам

 

Објава на Фејсбук погрешно претставува истражување од Јапонија, по што се вади заклучок дека вакцината на Фајзер-Бионтек влијае на создавање негативни ефекти врз човековиот организам

 

Рецензираме пост на Фејсбук во кој што се изнесуваат податоци кои се надвор од контекстот. Во постот авторката тврди дека во збирниот извештај за особините на лекот нема податоци за фармакокинетиката на вакцината од Фајзер и приложува наводна тајна студија која ,,протекла” во јавноста, а според која, наводно, честичките од вакцината се наталожуваат на јајниците кај жените. Ова првично е објавено на форум во група која се опишува себеси како заедница на теоретичари на заговор.

Студија од Јапонија за биодистрибуција на ковид 19 продуктите, покажува дека мРНА оди во јајниците и надбубрежната жлезда, што сугерира зошто се појавуваат срцеви воспаленија, тромбови и други опасни несакани ефекти, наведува таа во своето тврдење.

Прво ќе почнеме од дефинициите. Фармакокинетиката опишува како организмот влијае на специфична хемиска супстанца после администрација преку механизмите на апсорпција и дистрибуција, како и метаболичките промени на супстанцата во организмот. Фармакокинетските особини на лековите зависат и од патот на администрација и дозата. 

 

Израелска научна студија ја разобличува деизнформацијата

Кога ќе ја примите вакцината против ковид, тоа нема да ја наруши функцијата на вашите јајници, исто како што нема да го направи тоа ниту коронавирусот. Овој заклучок го добија израелските научници, кои спроведоа студија која што покажа дека нема разлика во функцијата на јајниците меѓу вакцинираните и невакцинираните жени. Според оваа студија, немало разлика во функцијата на јајниците ниту кај оние што биле заразени со ковид 19 и оние што не биле.

Доктор Анат Хершко од болницата Хадаша во Ерусалим, ги проучувала функциите на јајниците кај жените.
Нема разлика во функционирањето на јајниците меѓу жените што се вакцинираа со Фајзер и невакцинираните, рече таа адресирајќи ги лажните наводи дека вакцината предизвикува неплодност.
Студијата врз 32 пациентки, заклучила дека антителата навистина стигнале до јајниците и кај вакцинираните и кај прележаните пациентки, но немало негативен ефект од нив, откако биле проверени клучните фактори како нивоата на хормоните и соодносот на естроген со бројот на јајце клетки.

Многу жени во репродуктивна возраст, особено оние кои имаат проблем да зачнат, беа загрижени за вакцината и дали таа предизвикува неплодност или ја нарушува ефективноста од третманот за плодност. Но оваа студија осигурува дека квалитетот на овулацијата не е загрозен на ниеден начин, додаде таа.

Доктор Удо Маркерт од Универзитетот Џена за Дојче Веле вели дека по инфекција со коронавирусот, жените се изложени на многу поголеми количества протеини отколку по вакцинацијата.

Ако теоријата за неплодност по вакцинација беше точна, тогаш ковид 19 ќе имаше многу пострашни последици за женската плодност отколку самата вакцина, затоа што по инфекцијата жените се изложени на многу поголеми количества протеини отколку по вакцинацијата, објаснува тој.

Маркерт додава дека жените што се заразиле со Сарс во 2003 година, немале последица неплодност. Спајк протеинот на Сарс е многу сличен на тој пронајден во Сарс Ков 2.

Меѓутоа, во постот кој го рецензираме, се тврди дека мРНА оди во јајниците и надбубрежната жлезда и затоа се случуваат срцеви воспаленија, тромобви и други опасни несакани ефекти од фајзеровата вакцина .

„Вистиномер“ ја разгледа оваа студија која што е цитирана во постот кој го рецензираме и се консултираше со експерти од областа на медицината за да ја објаснат. Професорот на Медицинскиот факултет доктор Драган Даниловски објасни дека материјалниот ентитет, спајк протеин воопшто не влегува во организмот.

Инструкцијата за негово производство, во форма на мРНА, доаѓа само во цитоплазмата (рибозомот), а не во јадрото на нашите клетки. И тој спајк протеин што ќе го произведе клетката (рибозомот, т.н. фабрика за протеини), воопшто не е ист со оној на вирусот. Автоматски не ги поседува ниту својствата на оригиналниот спајк протеин. Тој само „личи“ на оригиналниот и има само антигено својство – да провоцира имун одговор. Дури и кога би бил сосема идентичен со оригиналниот спајк протеин – а не е – овој што се произведува со давање на вакцината е во 100.000 пати помала концентрација од онаа што ја произведува вирусот самиот, потребна да направи штета, вели проф. доктор Даниловски.

Студијата е јавно достапна, ја користела и ЕМА

Иако лажно се тврди дека оваа студија од Јапонија ,,протекла” со што се инсинуира дека таа била некако затскриена, сепак таа е јавно достапна со месеци. Како што може да се види од следниот документ, таа била и користена од страна на Европската медицинска агенција во одобрувањето на вакцините (страница 45 овде).

Од студијата јасно може да се види дека е спроведена врз глувци, а не врз луѓе. Резултатите од оваа студија на начинот на кој се претставени во постот што го рецензираме, се неточно претставени. Зошто? Затоа што се наведува јавноста да помисли дека она што е мерено во студијата се концентрации и акумулации на спајк протеинот кој се создава по вакцинацијата, а всушност тоа што е мерено е липидна концентрација!

Фотографија од дел од студијата која што е манипулирачка

Оваа фотографија која е споделена во постот се користи на начин што е манипулативен. Потцртани со жолта боја се деловите што треба да сугерираат дека после повеќе поминати часови после вакцинацијата, се создава поголема липидна концентрација во јајниците. Меѓутоа, ако се погледне од десната страна за КОНТЕКСТ, ќе се види дека концентрацијата расте зашто расте и дозата на дадената вакцина, така што таа во моментот кога била дадена во највисока доза, изнесувала 0.095 проценти, односно 0.00095 од дозата. Не на спајк протеинот, туку на вакцината! Тоа не е потцртано во фотографијата, за да се манипулира со неа.

Ова се прави и покрај тоа што има јасни докази кои сугерираат дека вакцината нема ефект на функцијата на јајниците.

Оттука, оценуваме дека е пропуштен контекстот во постот кој го рецензираме. Студијата не е спроведена на луѓе, туку на глувци. Таа не била скриена, туку употребувана од Европската медицинска агенција при одобрувањето на вакцината на фајзер-Бионтек и тоа што мРНА оди во јајниците на глувците што биле во експериментот, не предизвикува никаква дисфункција на јајниците на луѓето.

Вакцината на Фајзер не предизвикува неплодност и не предизвикува никакви проблеми со јајниците. Неточно е тоа што се тврди во постот дека концентрацијата на мРНА во јајниците предизвикува проблеми со тромбови.

 

 

 

 

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција