Вакцината на „Синовак“ не е 100 проценти солена вода
Вакцината на „Синовак“ има јасно наведена транспарентна листа на состојки и не е 100 проценти солена вода. Ударите и венската тромбоза се имаат појавено после ковид вакцинација, но ретко – 4 случаи на 1 милион администрирани дози и тоа кај вакцина што е веќе надвор од употреба и не се произведува (на „Јансен“). Но, повторно, станува збор за исклучително ретки ситуации а вакциналната програма против ковид 19 е една од најуспешните која спаси милиони животи ширум светот.
Вакцината на „Синовак“ има јасно наведена транспарентна листа на состојки и не е 100 проценти солена вода. Ударите и венската тромбоза се појавувале после ковид вакцинација, но ретко – 4 случаи на 1 милион администрирани дози и тоа кај вакцина што е веќе надвор од употреба и не се произведува (на „Јансен“). Но, повторно, станува збор за исклучително ретки ситуации, а вакциналната програма против ковид 19 е една од најуспешните која спаси милиони животи ширум светот
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
30.03.2025 Синовак ковид вакцината беше солена вода-100%. Останатите создаваат венска тромбоза и удари. Со 2 фајзера – бледи се сите.
Наспроти изнесеното во објавата, кога ќе се погледнат јавно достапните податоци за составот на вакцината на „Синовак“ станува јасно дека таа не би можела ниту теоретски да биде сто проценти „солена вода“ како што тоа невистинито се тврди во објавата што ја рецензираме. Вакцината на Синовак содржи 600 стандардни единици неактивиран Сарс-Ков 2 антиген, а како адјувант во неа се користи алуминиум хидроксид. Во листата на други состојки што ги има во вакцината освен активната состојка се „дибазичен содиум фосфат“, „монобазичен содиум фосфат“, „содиум хлорид“ „содиум хидроксид“ и вода. Тоа е вакцина од кинеско производство што се произведува во „Синовак Рисрч енд Девелопмент Цо, ЛТД, Кина“. Истражувањето, развојот и производството на вакцината „Синовак“ се спроведува на 4 места во Кина.
Во 2021 година Би Би Си објави дека постоела измамничка мрежа во Кина која била срушена, а која ги фалсификувала вакцините против ковид (без да наведе од кој производител). Измамата на мрежата се состоела во фалсификување на вакцината на начин што мешале солен раствор и минерална вода и се обидувале да ги прошверцаат надвор од Кина. Меѓутоа, тоа не е нешто што го правела фирмата „Синовак“ ниту таа е поврзана со овие измамници, туку тоа го правеле индивидуални криминогени структури кои се санкционирани.
Што се однесува на вториот дел од објавата каде се тврди дека останатите ковид вакцини „создаваат венска тромбоза и удари“, бројни студии изработени на барање и на Светската здравствена организација меѓу другото, покажуваат дека тромбозата е исклучително редок несакан ефект. Во ретки случаи тој е предизвикан од имунолошката реакција на телото.
Според Центарот за контрола и превенција на болести на САД тромбозата со тромбоцитопенија е ретка состојба која што е видена во многу мал број случаи кај луѓе што се вакцинирале со вакцините на „Јансен“. Такви вакцини (од производителот „Јансен“) за граѓаните во Северна Македонија воопшто немаше. Тромбоза со тромбоцитопенија, според Центарот за контрола и превенција на болести на САД, се случуваат кај 4 луѓе на 1 милион администрирани дози со поголема стапка кај жени на возраст од 30-39 години (9-10 случаи на 1 милион дози). Синдромот на тромбоза со тромбоцитопенија создава тромбови и низок број на тромбоцити.
Што се однесува на тоа дека ковид вакцините предизвикувале удари, студија од декември 2024 година покажува дека истовремената инфекција со ковид 19, е најмногу поврзана со исхемични и хеморагични удари после првата доза од ковид вакцината. Слабост на оваа студија е и што не биле земени предвид сите коморбидитети (пропратни болести) на луѓето, но во такви услови, со тие податоци со кои се работело, повторно вакцината на „Јансен“ била поврзана со повисок ризик од пост-вакцинален исхемичен удар отколку таа на „Фајзер“.
Студија од Катар покажа дека нема докази за зголемен ризик од удари после вакцинација, ни краткорочно ни долгорочно во период подолг и од 1 година после примањето на вакцината против ковид 19.
Клиниката „Мајо“ во САД наведува дека вакцините против ковид не предизвикуваат тромбови или удари.
Вакцините против ковид не се поврзани со повисок ризик од удар. Бенефитите од вакцините против ковид 19 ги надминуваат ризиците на ретки случаи на срцеви проблеми. Исто така, ризикот од срцеви проблеми е повисок со ковид инфекција отколку од ковид вакцинација. Меѓу некои групи на луѓе, зависно од ковид вакцината и нејзиниот вид, вакцинирањето може да довееде до ретки несакани ефекти. Но, мит е да се каже дека генерално вакцините ги зголемуваат здравствените ризици повеќе отколку самата инфекција со ковид 19.
Во јануари 2023 година еден од системите за следење на несакани ефекти после вакцинирањето (фармаковигиланца, систем за следење на безбедноста на вакцините), забележа можна зголемена стапка на ризик од удар меѓу повозрасни од 65 години кои се вакцинирале со ковид вакцина. Конкретниот систем наречен Vaccine Safety Datalink е дизајниран брзо да ги најде загрижувачките трендови. Но, после прегледот и проверката, не беше потврден овој ризик – дека наводно вакцинирањето со вакцина против ковид носи ризик од удар.
Датабазите што ги создаваат овие статистички сигнали се системи за рано предупредување. Во овој случај, сигналот беше лажен аларм, пишува Клиниката „Мајо“.
Во 2021 година додаваат од Клиниката „Мајо“ на нивниот сајт, се покажало дека некои луѓе вакцинирани со вакцината на „Јансен“ подоцна добиле некое пореметување со згрутчување на крвта.
Овој синдром наречен тромбоза со тромбоцитопенија, се случи кај 4 луѓе на 1 милион администрирани вакцини. Иако синдромот е редок, тој бара хоспитализација и може да доведе до смрт. Поради ова здравствените агенции во САД препорачаа други вакцини и таа вакцина на „Јансен“ не е веќе достапна во САД, велат од Мајо клиниката.
Кембриџ во текст од септември 2024 година, работен според студијата спроведена врз речиси целата возрасна популација на Англија, наведува дека инциденцата на удари била пониска после ковид вакцинацијата отколку претходно, или без вакцина.
Ова истражување дополнително го поддржува огромното количество докази за ефективноста на вакциналната програма против ковид 19 која спаси милиони животи ширум светот, пишува во текстот на Кембриџ.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар