Вакцината не предизвикува стерилитет и зголемена смртност

Фото: pixabay.com

Наспроти тврдењето во постот сите релевантни научни факти, студии покажуваат дека вакцината не влијае врз плодноста ниту кај мажите, ниту кај жените. Официјалните информации на ЦДЦ јасно кажуваат дека вакцините немаат никаква опасност по здравјето на жените, ниту каква било поврзаност со стерилитетот. И УНИЦЕФ официјално објави дека ковид вакцините не предизвикуваат стерилитет. ЦДЦ, исто така, уште во октомври 2021 година информираше дека нема зголемена опасност за смртност по примена вакцина против коронавирусот. Фактите говорат дека ризикот за смрт од коронавирусот е многу поголем кај невакцинираните во однос на вакцинираните

Наспроти тврдењето во постот сите релевантни научни факти, студии покажуваат дека вакцината не влијае врз плодноста ниту кај мажите, ниту кај жените. Официјалните информации на ЦДЦ јасно кажуваат дека вакцините немаат никаква опасност по здравјето на жените, ниту каква било  поврзаност со стерилитетот. И УНИЦЕФ официјално објави дека ковид вакцините не предизвикуваат стерилитет. ЦДЦ, исто така, уште во октомври 2021 година информираше дека нема зголемена опасност за смртност по примена вакцина против коронавирусот. Фактите говорат дека ризикот за смрт од коронавирусот е многу поголем кај невакцинираните во однос на вакцинираните

 

 

Рецензираме пост на социјалната мрежа Фејсбук, во којшто се тврди дека вакцината против ковид предизвикува стерилитет и зголемена смртност. Ова не е точно.

Во постот стои:

СМРТОНОСНИ ПРИЧИНИ

Најчести три причини за СМРТ од 2020 до 2023 година беа гледањето ТЕЛЕвизија, довербата во владите и ВЕРУВАЊЕТО во Науката, посебно ова последното.

Иако со намален интензитет, тука секако спаѓаат и разноразни “експерти”, продадени спортисти и естрадни неуметници.

“ПРИЧИНАТА” (читај вакцината)

за Стерилност и Зголемената смртност во огромен процент поради застој на срцето, посебно кај млади и здрави луѓе, за жал и новороденчиња исто, не им е позната на докторите, во недоумица биле.

Ама….. Сигурно не било тоа што си мислите вие…. небањати теоретичари на заговори.

Во дел од коментарите под постот лекарите се нарекуваат убијци, се споделуваат вести од починати млади луѓе, спортисти за кои нема докази дека починале од вакцина.

 

ВАКЦИНИТЕ НЕ ПРЕДИЗВИКУВААТ СТЕРИЛИТЕТ

Вистиномер, многупати од појавата на вакцините до денес пишувал на оваа тема, дека вакцините не предизвикуваат стерилитет. Сите факти, научни студии покажуваат дека вакцината не влијае врз плодноста ниту кај мажите, ниту кај жените.

Вакцините против ковид-19, им ја нудат на бремените жени најдобрата заштита од болеста којашто може да биде сериозна во подоцнежната бременост. Првата доза од ковид-19 вакцината, ќе ви даде добра заштита. За подолга заштита, ви треба и вртора доза и не треба да ја одложувате, тврдат официјално британските здравствени власти.

Што се однесува, пак, до лажното тврдење во постот, дека вакцините против ковид предизвикуваат стерилитет, официјалните факти велат дека не постојат такви информации и докази оти вакцината предизвикува стерилитет.

И официјалните информации на Центарот за контрола и превенција од заразни болести ЦДЦ јасно кажуваат дека вакцините немаат никаква опасност по здравјето на жените, ниту каква било  поврзаност со стерилитетот.

Понатаму, и УНИЦЕФ официјално објави дека ковид вакцините не предизвикуваат стерилитет.

За публикацијата „Науката во Србија“, д-р Милош Бабиќ, молекуларен биолог и невробиолог, одговори на некои од честите прашања поврзани со коронавирусот и вакцината, меѓу кои  и: „Дали вакцините предизвикуваат стерилитет?

Вакцините не предизвикуваат стерилитет. Оваа неточна гласина ја започнаа двајца германски псевдонаучници и се прошири понатаму на интернет. Според проверените податоци, инфекцијата со вирусот може да наштети на плодноста кај мажите, а тоа е уште една причина зошто е потребна вакцинација за заштита против ваквите ефекти од коронавирусот, смета Бабиќ.

Истиот одговор го дадоа и експертите од Институтот за јавно здравје на Црна Гора (IJZCG).

Потврдени информации за вирусот се дека може да доведе до нарушување на плодноста кај мажите. Тоа е една од причините зошто се препорачува вакцинација – за да се намалат ваквите ефекти на вирусот. Од друга страна, во клиничкото истражување на компаниите „Фајзер“ и „Модерна“, учествувале 30 жени кои останале бремени, што повторно укажува дека нема директно влијание на вакцините врз плодноста, изјави д-р Марија Божовиќ од Заводот за јавно здравје на Црна Гора.

И научните студии потврдуваат дека вакцината против ковид 19 не може да предизвика стерилитет ниту кај мажите, ниту кај жените.

Во студијата поддржана од Националниот институт за детско здравје и човечки развој Јунис Кенеди Шрајвер (NICHD), истражувачите анализирале податоци од повеќе од 2.000 парови кои се обидувале да забременат. Тие откриле дека двојките во кои едниот или двајцата партнери биле вакцинирани немале помала веројатност од другите парови да забременат. Само еден фактор беше поврзан со пониска плодност: неодамнешната инфекција со ковид-19, пренесува Институтот за здравје на САД.

Има многу дезинформации за вакцините за ковид-19, вклучувајќи го и тврдењето дека вакцината може да предизвика неплодност. Оваа студија е една од многуте што покажаа дека вакцината ковид-19 е безбедна и не влијае на плодноста.

За тоа дека вакцините не предизвикуваат стерилност постојат и други студии, кои ги објавуваат медиумите.

 

ВАКЦИНИТЕ НЕ ПРЕДИЗВИКУВААТ СМРТ

Вакцините против ковид не се поврзани со смртни случаи, открива обемна американска студија. Истражувачите ги разгледаа „несаканите настани“ од речиси 300 милиони дози на вакцини дадени во САД помеѓу декември 2020 година и јуни 2021 година.

Членовите на јавноста, давателите на здравствени услуги и компаниите за лекови можат да пријават какви било можни несакани ефекти, користејќи го системот за известување за несакани настани за вакцина (VAERS), управуван од ЦДЦ и Управата за храна и лекови на САД (ФДА). Вториот метод, V-safe, им овозможува на поединците да пополнат анкета на нивниот паметен телефон во месеците по вакцинацијата.

И двата система се потпираат на поединци кои одлучуваат сами да пријават несакан настан.

Резултатите од студијата се објавени во медицинското списание Лансет:

Од податоците на VAERS, ЦДЦ прими повеќе од 340.000 извештаи за несакани настани по вакцинацијата, при што 92 отсто се регистрирани како благи.

Најчести несакани ефекти биле главоболки, замор и треска.

Од повеќе од 22.000 настани евидентирани како сериозни, најчест е отежнато дишење.

Други сериозни настани, вклучително и форма на воспаление на срцето познато како миокардитис, веќе се идентификувани по вакцинациите со Pfizer и Moderna, иако тој несакан ефект е многу редок.

ЦДЦ уште во октомври 2021.информираше дека нема зголемена опасност за смртност по примена вакцина против коронавирусот:

Нема зголемен ризик за смртност кај примателите на вакцини  против ковид-19. Ова откритие го зајакнува безбедносниот профил на моментално одобрените вакцини против ковид -19 во Соединетите држави. Сите лица на возраст поголеми од 12 години треба да примат вакцина против ковид-19. 

 

Наспроти тврдењето во постот, фактите говорат дека ризикот за смрт од коронавирусот е многу поголем, кај невакцинираните во однос на вакцинираните.

Поврзаните податоци за вакцинација и смртност покажуваат дека и покрај промените во циркулирачките варијанти на SARS-CoV-2 со текот на времето, кај постарите возрасни лица на возраст над 65 години, невакцинираните лица продолжуваат да имаат многу поголем ризик да умрат од ковид-19 отколку лицата вакцинирани со најмалку примарна серија. Овој заштитен ефект на вакцинацијата против COVID-19 беше забележан кај сите возрасни групи. Дополнителните бустер дози обезбедуваат дополнителна заштита. Во август 2022 година, возрасните на возраст од ≥50 години со најмалку 2 засилувачки дози имале 3 пати помал ризик да умрат од ковид-19 отколку возрасните на иста возраст со една засилена доза, стои во официјалниот извештај на ЦДЦ.

Вистиномер во ноември минатата година пишуваше дека вакцините не предизвикуваат ненадејна смрт.

Наспроти тврдењето во објавата, научните анализи со факти и докази го  покажуваат спротивното, дека вакцините се безбедни и ефикасни и што е најважно, штитат од смртен исход од ковид-19. Иако секоја вакцина има различна ефикасност, сепак тие пружаат заштита од развој на тешка форма на болеста и/или смртен исход, тврди Светската здравствена организација.

Во однос на тврдењето во постот за зачестени срцеви заболувања кај млади луѓе по примена вакцина, научната фела тврди дека постојат ретки случаи на миокардитис.

Имено, постојат ретки случаи на миокардитис (воспаление на срцевиот мускул) по вакцината Moderna и (уште поретко) по примена вакцина Pfizer. Случаите на миокардитис по вакцината обично биле благи, а заболените обично брзо се чувствувале подобро со одмор и со едноставни третмани, покажала студијата на Британската фондација за срцеви заболувања.

Заразата со ковид-19 сама по себе може да доведе до миокардитис, како и до други форми на тешка болест. Иако ковид-19 е често благ или без симптоми кај младите луѓе, има случаи на сериозни болести, вклучително и кај млади луѓе без претходни здравствени состојби, пишуваат од BHF (Британската фондација за срцеви заболувања).

Вакцините немаат никаква поврзаност со смрт кај новороденчиња. Вистиномер пишуваше и на оваа тема.

Досегашните достапни податоци на преку 140 илјади вакцинирани бремени жени, укажуваат дека трудниците кои се вакцинирани против ковид-19 немаат зголемен ризик од лош исход од бременоста, спонтан абортус, предвремено породување, мртов плод, недоволно растење на плодот или пак вродени аномалии, што е една од причините која ни дава за право да препорачаме вакцинација против ковид-19 кај бремените жени, велат од ГАК за „Вистиномер“.

Поради сите изнесени факти овој пост го оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција