Вакцината против ХПВ не е штетна

Вакцина против ХПВ Фото: melvil, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Вакцината против ХПВ којашто се администрира во Македонија е тестирана и одобрена од Агенцијата за храна и лекови на САД. Таа е препорачана од медицински и лекарски здруженија во над 120 земји. Вакцините што се администрираат во С. Македонија се испитани и се исти со оние коишто се даваат во ЕУ.

Вакцината против ХПВ којашто се администрира во Македонија е тестирана и одобрена од Агенцијата за храна и лекови на САД. Таа е препорачана од медицински и лекарски здруженија во над 120 земји. Вакцините што се администрираат во С. Македонија се испитани и се исти со оние коишто се даваат во ЕУ. Агенцијата за лекови и медицински средства води Регистар на сите регистрирани лекови на територијата на РС Македонија за кои е издадено соодветно одобрение за ставање на лек во промет во земјава, вклучително и за вакцините за деца

 

Анализираме објава на Фејсбук која вели:

Ајде почнаа со вакцините .Денес соопштено дека девојчињата треба да примат ХПВ вакцина.Мамето ваше расипано.Мојата внука во никој случај нема да ја прими.Прогуглајте малку и видете каква вакцина треба да примат.Преку училиштата најмногу успеваат да ги прошверцуваат овие штетни вакцини.

ПС.Родители бре дај разбудете се.Недозволувајте да се вакцинраат вашите девојчиња.Укажете на наставниците и протестирајте.НЕ за вакцина.

Не е точно дека ХПВ вакцината е штетна како што тоа го тврди објавата што ја анализираме. Вакцината против ХПВ којашто се администрира во Македонија е тестирана и одобрена од Агенцијата за храна и лекови на САД. Таа е препорачана од медицински и лекарски здруженија во над 120 земји. Вакцината е со потврдена ефикасност, имуногеност и со исклучително добар профил на подносливост и безопасност. Несаканите реакции доколку се појават се болка, оток, црвенило, чешање на местото на апликација, лесно покачена температура, гадење и вртоглавица. Тие реакции се минливи и се губат за кратко време.

Вакцината содржи алуминиум, но не во нивоа коишто експертите ги сметаат за штетни и вакцината е континуирано следена за нејзината безбедност, пишуваат проверувачите на факти на „Франс Прес“.

Исклучителниот обем на научни докази кои вклучуваат повеќе од 20 години истражување и развој, продолжуваат да го поддржуваат профилот на безбедност и ефикасност на нашите ХПВ вакцини, изјави за Франс Прес  од компанијата „Мерк“ која ја произведува вакцината.

Центарот за контрола и превенција на болести на својата веб-страница објави дека студија од 2019 година објавена во журналот „Педијатрија“, не идентификувала неочекувани безбедносни грижи поврзани со Гардасил (вакцината против ХПВ спомената во објавата што ја рецензираме). Според нив, најчестиот несакан ефект е болка, оток и црвенило во пределот на раката каде што дозата е администрирана. Гардасил не се препорачува за оние кои се алергични на квасец или кои претходно имале алергиски реакции на вакцини, но алергиски реакции се можни после која било вакцина.

Според Агенцијата за храна и лекови на САД, во вакцината на „Мерк“ има алуминиум хидроксифосфат сулфат. Но, да се нарече количината на оваа состојка во една единечна доза ХПВ вакцина „токсична“ е невистина. Соединението се користи како помошно средство (хемиски додаток), состојка којашто може да предизвика посилен имунолошки одговор. Вакцините во САД содржат помошни средства на алуминиум шест децении и федералните регулативи покажуваат дека тие се безбедни ако дозата е помала од 1,25 милиграми. Во вакцината на Гардасил секоја доза содржи 500 микрограми што е многу под границата.

Вакцинацијата на децата се спроведува како највисок дострел на современата медицина, а вакцините што се администрираат во Северна Македонија се испитани и се исти со оние коишто се даваат во ЕУ. Сите производители на вакцините за деца што се даваат во земјава може да ги видите овде.

Агенцијата за лекови и медицински средства води Регистар на сите регистрирани лекови на територијата на РС Македонија за кои е издадено соодветно одобрение за ставање на лек во промет во земјава, вклучително и за вакцините за деца. Вакцините кои се увезени од странски европски држави пред да дојдат во земјава подлежат на ригорозна контрола.

Едукативните кампањи за имунизација во училиштата се за подигнување на свесноста од бенефитите од детската вакцинација која е задолжителна во земјава. Kај детските вакцини, важнa е количината, формата и улогата на секоја супстанцa.

Алуминиумот се користи како адјуванс (помага имунолошкиот систем подобро да реагира). Количината е многу мала и помала од онаа што секојдневно ја внесуваме преку храна и вода.

Жива – тиомерсал, конзерванс базиран на жива – се користеше во некои вакцини. Денес е отстранет или присутен во траги во повеќето детски вакцини.

Натриум фосфат / натриум борат се соли што се користат за стабилизирање на вакцината и одржување на pH вредноста. Слични соединенија постојат природно во телото.

Формалдехид се користи во процесот на производство за инактивирање на вируси или токсини. Остатоците во финалната вакцина се во екстремно мали количини – помали од оние што телото природно ги создава при нормален метаболизам.

Дозите се строго контролирани и тестирани за безбедност.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата што ја анализираме е невистинита.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција