Вакцината против Ковид-19 не стерилизира и нема за цел намалување на светската популација

Теоретичарот на заговори од Албанија, Алфред Цако, познат по неговите ставови полни со конспирации, во последната негова изјава дадена во емисијата „Недела“ во „Топ Ченл„, а објавена во онлајн медиумот „Шекули“ на 06.12.2020г., рече дека вакцината против Ковид-19 е форма на евтаназија за намалување на светската популација

 

Теоретичарот на заговори од Албанија, Алфред Цако, познат по неговите ставови полни со конспирации, во последната негова изјава дадена во емисијата „Недела“ во „Топ Ченл„, а објавена во онлајн медиумот „Шекули“ на 06.12.2020г., рече дека вакцината против Ковид-19 е форма на евтаназија за намалување на светската популација.

Самите вакцини ќе бидат форма на евтаназија, но со подолг ефект од една година. За 10 месеци  ќе даде рамномерен смирувачки ефект. Но, потоа вакцината ќе има негативни ефекти, ќе предизвика стерилизација, а по извесен период и дел од популацијата ќе исчезне. Beќе има намалување на светската човечка популација. Вакцината нанесува различна штета … Од „Модерна “, почина еден свештеник во Филаделфија, кој немаше болест, двапати го вакцинираа и почина еден месец подоцна“, рече Цако.

Во оваа негова изјава има неколку неточни тврдења. Вакцините против ковид-19 не се форма на евтаназија, не постои ниту некаков план за намалување на светската популацијата, а нема ниту аргументи дека  вакцината е директна причина за појава на фатални последици.

Имено, повеќе вакви и слични теории на зговор за намалување на населението во светот (најчесто поврзани со Бил Гејтс), беа детектирани како лажни вести уште во првите месеци на пандемијата. А, исто така, неколку светски сервиси за проверка на факти веќе ги оценија како лажни тврдењата дека вакцината против Ковид-19 предизвикува стерилизација. Ниту, пак, се потврдени наводите дека вакцината е причина за смрта на свештеникот во Филаделфија.

Светската здравствена организација на нивниот веб-сајт има посебен дел со одговори на прашања поврзани со безбедноста и ефикасноста на вакцината, каде, меѓу другото, се вели:

Разбирливо е дека безбедноста на вакцините привлекува поголемо внимание во јавноста отколку ефективноста на вакцинацијата, но независните експерти и СЗО покажаа дека вакцините се далеку побезбедни од терапевтските лекови. Денес, вакцините имаат одличен безбедносен рекорд и се покажа дека повеќето „стравови за вакцините“ се лажни аларми.

Исто така, на веб-сајтот на СЗО, се објавени критериумите и сите податоци за компаниите кои работат за производство на вакцина, како и кои контролни и безбедносни фази ги поминуваат.

Вкацинацијата веќе почна во САД и Велика Британија, а наредната недела, поточно на 27 декември, ќе стартува и во земјите на Европската Унија. Советодавниот одбор на американската Администрација за храна и лекови (ФДА) вчера (17.12.2020) ја одобри итната употреба на вакцината против коронавирус на компанијата „Модерна“, една недела откако истото тело даде согласност за вакцината, што е заеднички произведена од компаниите „Фајзер“ и „Бионтек“.

Така што, ваквата изјава на Цако за национална телевизија во Албанија, освен што претставува класична дезинформација, е штетна и влева паника кај граѓаните, не само во Албанија, туку и во регионот.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција