Вакцината против ковид нема врска со смртта на италијанскиот фудбалер Џанлука Виали

Фото: Принтскрин видео

Поранешниот италијански репрезентативец Виали примил трета доза вакцина против ковид-19 во октомври – ноември 2021 година и  тоа го објавил на Инстаграм, но никаде не постои медицински доказ или факт дека бустер дозата предизвикала ракот да му се врати и тој да почине поради вакцината. Што се однесува до вакцините против ковид-19, сите медицински сознанија говорат дека тие немаат никаква поврзаност со канцерот

Поранешниот италијански репрезентативец Виали примил трета доза вакцина против ковид-19 во октомври – ноември 2021 година и  тоа го објавил на Инстаграм, но никаде не постои медицински доказ или факт дека бустер дозата предизвикала ракот да му се врати и тој да почине поради вакцината. Што се однесува до вакцините против ковид-19, сите медицински сознанија говорат дека тие немаат никаква поврзаност со канцерот

 

 

Пост на Фејсбук неосновано тврди дека италијанскиот фудбалски репрезентативец Џанлука Виали починал како последица на примена трета доза вакцина против ковид-19 поради која, наводно, му се вратил ракот на панкреасот. Ова не е точно, ниту пак, е поткрепено со факти.

Колку ли само промотори на ваксот си заминаа вака ???
По третиот пелц, му се враќа канцерот и капут ?!?
И никому ништо !!!

Џанлука Виали почина од рак на панкреасот со кој се бореше од 2017 година, кога првпат му беше дијагностициран. Вијали објави дека бил подложен на радиотерапија и хемотерапија во ноември 2018 година. Првично му беше дадено целосно чистење во април 2020 година, но во декември 2021 година тој објави дека болеста се вратила, пишува Гардијан.

Легендарниот италијански фудбалер пред неполн месец ја извести јавноста дека ја напушта репрезентацијата во која беше помошник на Манчини со цел комплетно да се посвети на лечењето.

Кон крајот на годината бил хоспитализиран во Лондон, бидејќи здравствената состојба му се влошила.

Точно е дека Виали примил трета доза вакцина против ковид-19 во октомври-ноември 2021 година и дека тоа го објавил на Инстаграм, како што се посочува во видеото објавено под постот, но никаде не постои медицински доказ или факт дека бустер дозата предизвикала ракот да му се врати и тој да почине поради вакцината.

Ракот на панкреасот започнува во ткивото на панкреасот и често има лоша прогноза, дури и кога се дијагностицира рано. Ракот на панкреасот обично се шири брзо и ретко се открива во раните фази, што е главната причина тој да е водечка причина за смрт од рак. Знаците и симптомите не може да се појават сè додека ракот не е доста напреднат и хируршкото отстранување не е возможно.

Што се однесува до вакцините против ковид-19, тие немаат никаква поврзаност со канцерот.

Професорот за биологија на канцер, на Мехари медицинскиот колеџ, Доналд Алцендор за „Ју Ес Еј Тудеј“, вели дека нема основа за тврдењето дека вакцината предизвикува канцер.

Податоците од клиничките тестирања и почетокот на вакцинацијата против ковид-19, не покажуваат поврзаност меѓу вакцините и стапката на канцер, според експертите за здравство.

Повеќе од 6 милијарди луѓе имаат примено вакцина против ковид-19 ширум светот и инциденцата за канцер не е поврзана со апликацијата на вакцините, вели Алцендор.

И доктор Мајкл Имперале, професор на одделот за микробиологија и имунологија на Универзитетот во Мичиген, вели дека тврдењето дека ковид вакцините може да предизвикаат канцер е невистинито.

Ниедна состојка во вакцините не предизвикува канцер и нема докази за да се поврзе канцерот со вакцинацијата, изјави тој.

Доктор Марк Шломчик, претседател на Одделот за имунологија на Универзитетот во Питсбург за медицина, вели дека идејата дека вакцините може да предизвикаат канцер се невистинити.

Нема практичен начин вакцината да предизвика рак. Ниедна вакцина која било кога сме ја проучувале или е користена за да се превенира инфекција, било кога, била поврзана со канцер, вели тој.

Во сите упатства за користење на вакцините, канцерот не е наведен како несакан ефект. Повеќето луѓе кои се вакцинираат против ковид-19 имаат благи симптоми кои исчезнуваат за еден или два дена.

Пациентите со малигни хематолошки заболувања во С. Македонија имаат и официјални препораки да се вакцинираат, од Клиниката за хематологија. Австралиската организација за канцер исто така препорачува вакцина за имунокомпромитираните пациенти со канцер.

Харвард објави студија која откри придобивки од ковид вакцините за пациентите со рак, а истото го покажа и студијата на Стенфорд во декември.

Генерално е познато дека од почетокот на вакцинацијата против ковид-19 до денеска, дезинформациите за тоа дека вакцината е причинител на многу болести се присутни во антивакциналниот сет на наративи за создавање страв и недоверба во вакциналниот процес. Таков е случајот и со овој пост. Факт е дека Џанлука Виали почина од рак на панкреасот и дека вакцината против ковид нема никаква поврзаност. Поради тоа, постот што го анализираме, го оценуваме како невистинит.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција