Вакцинираните наставници нема да ги „контаминираат“ учениците

Фото: pixabay.com

Вакцинацијата за децата не е задолжителна туку опциона, а вакцинираните наставници не можат да ги загрозат нивните ученици, односно да ги контаминираат, како што се тврди во постот, ниту на друг начин некому негативно да му повлијаат на здравјето. Спајк протеинот што се создава по вакцинацијата не е ист со тој на коронавирусот, и е во 100 илјади пати помала количина од онаа што е потребна да предизвика штета

Вакцинацијата за децата не е задолжителна, туку опциона, а вакцинираните наставници не можат да ги загрозат нивните ученици, односно да ги контаминираат, како што се тврди во постот, ниту на друг начин некому негативно да му повлијаат на здравјето. Спајк протеинот што се создава по вакцинацијата не е ист со тој на коронавирусот и е во 100 илјади пати помала количина од онаа што е потребна да предизвика штета

 

 

Во време кога е и повеќе од јасно и повеќе пати повторувано и официјално наведено дека вакцинацијата во С. Македонија е на доброволна основа, односно дека доколку некој не сака да се вакцинира, не мора, а и кога пред секоја извршена имунизација и пред апликацијата на вакцината секој граѓанин потпишува изјава за согласност, повторно во јавноста пласирана е дезинформација дека некој ќе ги принудува учениците на почетокот на учебната година да се вакцинираат.

Контаминацијата на учениците ќе се изврши преку вакцинираните наставници. Тие ќе бидат кластерот преносители на заразата. Кабалот не бира начин и средства како да не принуди на вакцинација на учениците, се вели во постот што е предмет на нашата рецензија.

На 28 мај годинава, министерот за здравство Венко Филипче објасни дека вакцинацијата на деца од 12 до 16 години нема да биде обврзувачка.

Во текот на следните месеци ќе се прават анализи за можно вакцинирање на децата од 12 до 16 години во Северна Македонија, најави Филипче.

Целта, според министерот, е да се изработат протоколи со кои ќе се овозможи децата да се вратат на физичка настава во училиштата од 1 септември. Филипче вели дека во САД е веќе во тек вакцинирање на децата на таа возраст и најавува дека може да се проектираат доволни количества вакцини на Фајзер/Бионтек, доколку се донесе одлука да се вакцинираат и помладите генерации. Таквата вакцинација нема да биде обврзувачка.

Значи, никој нема да ги принудува децата или нивните родители да примат вакцина, исто како што никој нема да ги принудува ниту наставниците да се вакцинираат.

 

Што велат во Министерството за здравство?

На официјалната веб-страница на Министерството за здравство за вакцинација пишува:

Првично, вакцините ќе бидат достапни само за возрасни, бидејќи нивната ефикасност и безбедност кај деца и адолесценти сè уште не е соодветно испитана. Постојат неколку причини зошто вакцините во моментов се развиваат првенствено за возрасни:

  • Кај децата не се прави рано тестирање од етички причини. Пред да започнете со клиничко испитување кај деца, мора да се осигура дека не се појавиле сериозни несакани ефекти во студиите кај возрасни.
  • Развојот на вакцините за деца е сличен на развојот на вакцините за возрасни: поминува низ неколку фази во кои се проверува безбедноста и ефективноста на вакцините пред да бидат одобрени.
  • Првично, фокусот ќе биде за заштитата на оние кои се најсериозно болни од Ковид-19. Ова се особено постари луѓе и/или лица со хронични болести.
  • Може да се претпостави дека ефективните вакцини против Ковид-19 за возрасни, кои со текот на времето ќе бидат достапни во доволни количини за населението, исто така можат да ја намалат вкупната стапка на инфекција. Децата исто така можат да бидат заштитени на овој начин.

Според сè што е познато досега, децата од предшколска и школска возраст се чини дека се разболуваат поретко отколку возрасните.

 

Сеење страв

Но, овој пост намерно предизвикува страв и паника, тврдејќи дека децата ќе бидат контаминирани преку вакцинираните наставници. Иако не е подетално објаснето на каква контаминација се мисли, сепак претпоставуваме дека се мисли на лажната теорија дека спајк протеинот после вакцината се пренесува преку здивот и кожата и дека на тој начин невакцинираните го примаат од вакцинираните. Оваа бесмислица веќе ја побивме на следниот линк.

Не е вистина дека оние кои примиле вакцина, на каков било начин негативно им влијаат на оние кои не примиле вакцина. Најновите информации од Велика Британија покажуваат дека една доза примена вакцина ја преполовува трансмисијата на ковид-19, а вториот така наречен бустер, односно втората доза, предизвикува високи нивоа на антитела.

Американскиот центар за контрола и превенција на болести посочува оти сè поголем број докази укажуваат на тоа дека вакцинираните луѓе имаат помала веројатност да развијат асимптоматска инфекција и потенцијално имаат помали шанси воопшто да го пренесат Сарс Ков 2 на другите.

Тие, исто така, додаваат дека во тек се дополнителни испитувања и дека ризикот од инфекција со Сарс Ков 2 кај целосно вакцинираните луѓе не може комплетно да биде елиминиран затоа што има постојано пренесување на вирусот во општеството.

Оваа теорија на заговор не е домицилна, туку увезена од САД. Таму приватно училиште во Мајами вели дека професорите што примиле вакцина не се добредојдени.

 

Станува збор за приватното училиште „Центнер Академи“, кое на своите наставници им наложува да не доаѓаат на работа ако ја примиле вакцината против ковид и за тоа ги информира преку мејл.

 

Меѓутоа, секој човек засебно решава дали ќе се вакцинира или не. Вакцинацијата за децата не е задолжителна туку опциона, а вакцинираните наставници не можат да ги загрозат нивните ученици, односно да ги контаминираат, како што се тврди во постот, ниту на друг начин некому негативно да му повлијаат на здравјето. Спајк протеинот што се создава по вакцинацијата не е ист со тој на коронавирусот, и е во 100 илјади пати помала количина од онаа што е потребна да предизвика штета.

Оттука, како невистинит го оценуваме постот и забележуваме дека тој може да предизвика паника кај родителите и децата.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција