Вакцинираните не стануваат „вектор за инфекција“ на невакцинираните

Тврдењето иснесено во оваа објава што се споделува на Фејсбук, дека вакцинираните им влијаат на невакцинираните и дека ги ,,заразуваат”  е невистинито , заедно со инфрмацијата дека вакцините се „генска терапија“. Дури и во веста што се дава како поткрепа на овие тврдења, е наведено дека станува збор за побиени дезинформации, кои училиште во САД ги искористило во својата интерна политика за однесување на вработените. Наспроти тврдењето во постот, според најновите информации во светот, сè поголем број докази укажуваат на тоа дека вакцинираните луѓе имаат помала веројатност да развијат асимптоматска инфекција и потенцијално имаат помали шанси воопшто да го пренесат Сарс Ков 2 на други лица

Тврдењето иснесено во оваа објава што се споделува на Фејсбук, дека вакцинираните им влијаат на невакцинираните и дека ги „заразуваат“ е невистинито, заедно со инфрмацијата дека вакцините се „генска терапија“. Дури и во веста што се дава како поткрепа на овие тврдења е наведено дека станува збор за побиени дезинформации, кои училиште во САД ги искористило во својата интерна политика за однесување на вработените. Наспроти тврдењето во постот, според најновите информации во светот, сè поголем број докази укажуваат на тоа дека вакцинираните луѓе имаат помала веројатност да развијат асимптоматска инфекција и потенцијално имаат помали шанси воопшто да го пренесат Сарс Ков 2 на други лица

 

 

Рецензираме пост на Фејсбук во кој се тврди дека ,,тие што примиле инјекција (се мисли на вакцина против ковид) без разлика дали е произведена од Фајзер, Модерна, Астра Зенека, стануваат вектор за инфекција, т.е. ги заразуваат и им влијаат на тие што не примиле”.

Ваквото тврдење е поткрепено со фотографии од текст објавен на „Сиетл Тајмс“. Дури и самиот текст којшто се цитира во овој пост , во насловот е дециден дека таквото тврдење е дезинформација.

Приватно училиште во Мајами вели дека професорите што примиле вакцина не се добредојдени, цитирајќи побиени факти, гласи насловот.

Станува збор за приватното училиште „Центнер Академи“, кое на своите наставници им наложува да не доаѓаат на работа ако ја примиле вакцината против ковид. Во мејлот што им го испратиле на своите професори, а кој е прикажан во постот што го рецензираме, се наведува дека ,,три жени коишто биле во контакт со вакцинирано лице, веќе имаат пореметувања на менструалниот циклус”.

Оние што примиле инекција за КОВИД – која лажно ја нарекуваат вакцина, бидејќи таа не е вакцина туку експериментална генска терапија – ќе бидат третирани како што порано ги третирале забoлените од лепра. Постојат податоци дека тие што примиле инекција без разлика дали e произведена од Фајзер, Модерна, АстраЗенека, итн., стануваат вектор за инфекција, т.е. ги заразуваат и им влијаат на тие што не примиле. Овој процес во медицината се нарекува митарење ако се работи за вистински вакцини. Hе е познато на кој начин инекцииве денес, кои да повториме НЕ СЕ ВАКЦИНИ, ни влијаат на нас што не сме ги примиле. Ho eдно е сигурно: Има се повеќе информации има дека ни влијаат. Училиштево на Флорида јавно вели тие што примиле инекции не се добродојдени таму, бараат секој учител што примил инекција јавно да го обзнани тоа и да не доаѓа во близина на учениците, пишува во постот.

ОПАСЕН КОНТАКТ СО ВАКЦИНИРАНО ЛИЦЕ?!

Меѓутоа, не е вистина дека оние кои примиле вакцина, на каков било начин негативно им влијаат на оние кои не примиле вакцина. Најновите информации од Велика Британија покажуваат дека една доза примена вакцина ја преполовува трансмисијата на ковид-19, а вториот така наречен бустер, односно втората доза, предизвикува високи нивоа на антитела.

Американскиот центар за контрола и превенција на болести посочува дека сè поголем број докази укажуваат на тоа дека вакцинираните луѓе имаат помала веројатност да развијат асимптоматска инфекција и потенцијално имаат помали шанси воопшто да го пренесат Сарс Ков 2 на другите.

Тие, исто така, додаваат дека во тек се дополнителни испитувања и дека ризикот од инфекција со Сарс Ков 2 кај целосно вакцинираните луѓе не може комплетно да биде елиминиран затоа што има постојано пренесување на вирусот во општеството.

Нема докази дека вакцините против ковид-19 предизвикале оригиналниот коронавирус да мутира. Светската здравствена организација објаснува дека кога вирусот е широко распространет и инфицира голем број луѓе, тогаш тој има поголеми шанси да мутира.

Што поголеми можности вирусот има да се шири, толку повеќе тој се реплицира и има поголеми шанси да претрпи промени, велат од СЗО.

Доктор Роберт Болинџер, специјалист за инфективни болести на „Џонс Хопкинс“ универзитетот за медицина, тврди дека споредено со невакцинираните луѓе, вакцинираните луѓе имаат помал ризик да се заразат од сите варијанти на коронавирусот.

Ако имаат помалку шанси да се заразат со новите варијанги, тогаш секако дека тие имаа и помали шанси да ги прошират варијантите. Мал дел од вакцинираните луѓе се инфицираат со варијантите на вирусот, а повеќе од 99.9 проценти од сите инфекции од ваков вид се од невакцинирани луѓе, тврди тој за „Ројтерс“.

Експерти од „Meedan Health Desk“, глобален тим на експерти за јавно здравје, тврдат дека неколку студии идентификувале дека количеството на вирусот кое е измерено во организмот одредува како ќе се одвива трансмисијата.

Истражувањата покажуваат дека вакцинираните луѓе имаат помало количество вирус отколку невакцинираните кои се инфицирани,  објаснуваат оттаму.

И првичните податоци од Израел покажуваат дека инфицираните што примиле вакцина, имаат четирипати помало количество вирус во себе отколку инфицираните невакцинирани.

Што се однесува на делот од фотографијата во склоп на постот, каде се тврди дека на три жени кои биле во контакт со вакцинирано лице им се случиле промени во менструалниот циклус, и повеќе од сигурно е дека тие промени не се резултат на тоа што некој во нивна близина се вакцинирал!

Ниту една од вакцините одобрени за употреба во САД не се поврзуваат со неплодност, спонтани абортуси или какви било други несакани последици по репродуктивното здравје. Центарот за контрола и превенција на болести препорачува бремените жени да се вакцинираат откако не забележале никакви последици меѓу 35 илјади вакцинирани жени во нивниот трет семестар. Сите бебиња што се родиле биле здрави по вакцинацијата на нивните мајки.

ВАКЦИНИТЕ НЕ СЕ ГЕНСКА ТЕРАПИЈА

Вакцините ковид-19 беа развиени брзо во споредба со претходните вакцини затоа што научници, лекари и владини агенции низ целиот свет вложија огромни ресурси за да ја намалат бирократијата и да ги објават резултатите штом беа достапни. Тоа не ги прави вакцините ,,генска терапија”, туку и понатаму тие остануваат вакцини. Исто така, не станува збор за експериментални вакцини и тие беа ставени под стандардни тестови за безбедност пред да се дадат на јавноста.

Зошто мРНА вакцините не се генска терапија? Затоа што не ги менуваат гените на луѓето на ниеден начин! Американската национална библиотека за медицина го опишува терминот генска терапија како техника која може да им дозволи на докторите да лекуваат со вметнување на ген во клетките на пациентот, наместо да користат лекови или операција. Меѓутоа, со вакцината против ковид-19 ова не се случува.

Како што официјално наведува Министерството за здравство на веб-страницата каде се објавени сите информации за вакцините:

Вакцините за Messenger РНК (мРНК) ги учат клетките како да создадат протеин што предизвикува имунолошки одговор ако некој се зарази. мРНК што се инјектира во вашето тело не комуницира со вашата ДНК. Откако мРНК ќе ја заврши својата работа, вашите клетки ја распаѓаат и расчистуваат од вашето тело. Нема трајни ефекти од мРНК во вакцината.

Имајќи ги предвид овие факти, информацијата дека вакцинираните им влијаат на невакцинираните и дека ги ,,заразуваат” ја оценуваме како невистинита, заедно со инфрмацијата дека вакцините се генска терапија. Дури и во веста која се дава како поткрепа на овие тврдења, е наведено дека станува збор за побиени дезинформации, коишто училиште во САД ги искористило во својата интерна политика за однесување на вработените.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција