Вакцинираните против ковид-19 смеат да донираат крв после неколку недели
Не е вистина дека оние кои се имунизирале, не смеат да донираат крв, како што тврди оваа објава на Фејсбук. Во Македонија дефинитивно не е забрането оној кој се вакцинирал и кој прележал ковид, да донира крв. Не е забрането ниту да дарува крвна плазма, ако прележал ковид и се вакцинирал. Тој што се вакцинирал, а не прележал ковид, не може да дарува конвалесцентна плазма. Во САД, исто така, не е забрането оние кои се вакцинирала да донирааткрв. Во Јапонија, пак, само оние кои го зборуваат јапонскиот јазик смеат да донираат крв
Не е вистина дека оние кои се имунизирале не смеат да донираат крв, како што тврди оваа објава на Фејсбук. Во Македонија дефинитивно не е забрането оној кој се вакцинирал и кој прележал ковид-19, да донира крв. Не е забрането ниту да дарува крвна плазма, ако прележал ковид-19 и се вакцинирал. Тој што се вакцинирал, а не прележал ковид, не може да дарува конвалесцентна плазма. Во САД, исто така, не е забрането оние кои се вакциниралe да донираат крв. Во Јапонија, пак, само оние кои го зборуваат јапонскиот јазик смеат да донираат крв
Во постот што го рецензираме, објавен на Фејсбук, се тврди дека луѓето што примиле вакцина не смеат да даруваат крв.
Човеци со ваксајнс не смеат да даруваат крв. Дали знаете зошто?, прашува авторката на постот.
Илустрацијата што е споделена во склоп на ваквото тврдење е на француски јазик и во неа се вели дека Црвениот Крст на Јапонија ги повикал оние кои примиле вакцина, да не донираат крв. Се додава дека Кина само што повикала да се прекине вакцината на „Фајзер“.
Меѓутоа, светските медиуми, како „Ројтерс“ на пример, веќе известуваат дека е извесно оти Кина планира да ја одобри вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“ како прва странска одобрена вакцина во нивната земја.
Кинеските власти ги прегледуваат податоците од клиничките испитувања за вакцината и се очекува да ја одобрат за домашна употреба во следните 10 недели, објави Ројтерс.
Што се однесува на делот од постот каде што се тврди дека оној кој примил вакцина против ковид-19 не смее да донира крв, ваквата информација е неточна. Кога ќе се отвори веб-страницата на Црвениот Крст на Јапонија, ваква информација воопшто не може да се пронајде.
Таму пишува:
Согласно нашите правила, мора да пополните задолжителен прашалник на јапонски јазик и да имате задолжителен преглед за донација на крв во Јапонија. Сите овие постапки се случуваат на лице место во објектите за донација. Заради ова, не можеме да прифатиме донации од луѓе кои не го разбираат јапонскиот јазик. Ви благодариме за вашето разбирање и соработка, пишува на официјалната страница на Црвен Крст на Јапонија.
За тоа дали некој што е вакциниран, смее или не смее да донира крв, на веб-страницата на Црвен Крст во Јапонија нема ниту еден збор.
Но, на веб-страницата на американскиот црвен крст, има податливо објаснување коешто демантира дека тие што примиле вакцина не смеат да донираат крв.
Црвениот крст ги следи препораките на Агенцијата за храна и лекови за тоа кој може да донира крв откако ќе се вакцинира. Кога смеете да донирате крв после вакцинација, зависи од тоа која вакцина ќе ја примите. Ако сте примиле вакцина против ковид, ќе треба да го кажете името на производителот кога ќе дојдете да донирате. Во повеќето случаи, нема временска рамка за тоа колку време после вакцинацијата смеете да донирате, сè додека немате симптоми и се чувствувате добро за време на донирањето. Следните критериуми се апликативни за тие што примиле ковид вакцина, прва или втора доза: Нема временска рамка на чекање после вакцината ако сакате да донирате крв доколку сте примиле нерепликативна инактивна или мРНА вакцина произведена од „Астра Зенека“, „Џонсон и Џонсон“, „Модерна“, „Новавакс“ или „Фајзер“. Донаторите на крв кои примиле жива вакцина или не знаат кој вид на вакцина го примиле, мора да чекаат 2 недели пред да дадат крв. Без разлика на тоа која вакцина сте ја примиле, мора да сте без симптоми за време на дарувањето, пишува на официјалната страница на Црвен Крст САД.
Од нивното соопштение произлегува дека ако имате симптоми од вакцината, Црвен Крст бара да ја одложите донацијата додека не се почувствувате подобро.
Значи, според американскиот Црвен Крст, ако лицето знае која вакцина му е администрирана и се чвуствува добро, односно не е болно, може да донира крв.
Да се знае производителот на примената вакцина е важно за да може да дарувате крв. Ако донорот не знае со која вакцина се вакцинирал, ќе треба да почека 2 недели пред да даде крв, вели портпаролката на Црвен Крст Џесика Мерил за сајтот за проверка на факти „Политифакт.“
Таа појаснила дека процесот за донирање крв за вакцинирано лице е вообичаен и трае околу еден час, вклучува регистрација по пристигнувањето, пополнување доверлив прашалник за здравствената состојба, историјата на патување, проверки на телесната температура, хемоглобинот, крвниот притисок и пулсот. Мерил, за „Политифакт“ додала дека компонентите на вакцината воопшто не се во крвта.
На страницата на Црвен крст на САД, сепак, се кажува дека тие што се вакцинирале против ковид не можат да донираат крвна плазма.
Каква е состојбата во Македонија?
Како што за „Вистиномер“ тврдат од Институтот за трансфузиона медицина, на 8 април 2021 година на стручен состанок биле прифатени ажурираните критериуми за избор на дарители на крв, тромбоцитен концентрат и конвалесцентна плазма после вакцинација против ковид-19 од страна на стручниот колегиум на ИТМ-Скопје.
Ако вакцините се базираат на mRNA технологија (Pfizer/BioNTech, Moderna, CureVac): Се одложува дарувањето за 48 часа по вакцинирањето поради можна појава на локални симптоми на местото на аплицирање на вакцината (болка, црвенило, чешање, оток). Одложување на дарувањето за 7 дена од прекин на симптомите во случај на несакани ефекти од вакцината (замор, главоболка, болки во мускулите, треска, болки во зглобовите, треска, гадење, лимфаденопатија). Ако вакцините се базираат на технологија на аденовирусен вектор (AstraZeneca/ Oxford, Johnson и Johnson/Јansen, Sputnik V): одложувањето на дарувањето е 4 недели по вакцинацијата. Ако лицата не знаат со која вакцина биле вакцинирани: дарувањето се одлага за 4 недели по вакцинацијата.
Критериуми за избор на дарители на конвалесцентна плазма после вакцинација против КОВИД-19: Лица кои примиле вакцина ковид-19 и немале ковид-19 не можат да даруваат конвалесцентна плазма. Лица кои имале ковид-19 и примиле вакцина ковид-19 можат да даруваат конвалесцентна плазма (со валидно задоцнување, во зависност од видот на вакцината). Дарителите на конвалесцентна плазма, кои во текот на лекувањето од ковид-19 примиле трансфузија на конвалесцентна плазма, мора да ги исполнуваат сите критериуми за дарување на полна крв и тромбоцитен концентрат, вклучувајќи одлагање од 6 месеци од датумот на трансфузија (примање на трансфузија на конвалесцентна плазма), објаснуваат од Институтот за „Вистиномер“.
Оттука, нашата проверка на факти, покажа дека не е вистина оти оние кои се имунизирале, не смеат да донираат крв. Во Македонија дефинитивно не е забрането оној кој се вакцинирал и кој прележал ковид, да донира крв. Не е забрането ниту да дарува крвна плазма, ако прележал ковид и се вакцинирал. Тој што се вакцинирал, а не прележал ковид, не може да дарува конвалесцентна плазма. Во САД, исто така, не е забрането тој што се вакцинирал да донира крв. Во Јапонија, пак, само оние кои го зборуваат јапонскиот јазик смеат да донираат крв.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар