Вакцинираните против ковид не треба да „отстрануваат“ наночипови и графен оксид
Објавата изобилува со невистини и теории на заговор коишто не кореспондираат со фактите. Вакцинираните лица против ковид-19 не треба да вршат тестирање на крвта за да им се детектираат наночестички или микрочип, од едноставна причина што такви компоненти во вакцините против ковид-19 нема.
Објавата изобилува со невистини и теории на заговор коишто не кореспондираат со фактите. Вакцинираните лица против ковид-19 не треба да вршат тестирање на крвта за да им се детектираат наночестички или микрочип, од едноставна причина што такви компоненти во вакцините против ковид-19 нема
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
ZARADI SLEDENJE I PODOBRUVANJE NA ZDRAVSTVENATA SOSTOJBA SO SOODVETNI METODI, SREDSTVA… ZA PROVERKA I OTSTRANUVANJE NA NANOČESTIČKITE, NANO ČIPOT (SE KONSTATIRA PREKU MAK ADRESA NA BLUTUT), GRAFEN OKSIDOT I SPAJK PROTEINITE… POŽELNO E, ODNOSNO NEOPHODNA E POTREBATA ZA PROVERKA NA KRVNATA SLIKA NA “VAKCINIRANITE” LICA PROTIV NAVODNIOT “KVK-19”, KAKO I TESTIRANITE LICA ZA “KVK-19” (PRI ŠTO SE IZVRŠUVA DELUMNO “VAKCINIRANJE”, ZARAZUVANJE…), SO CEL KONSTATIRANJE DALI VO KRVNATA SLIKA I VO NIVNITE TELA I ORGANI IMAAT NANO ČIP, GRAFEN OKSID I SPAJK PROTEINI… I KOJA E NIVNATA KOLIČINA.. !!!
Не е точно дека кај вакцинираните лица против ковид-19 „потребна е проверка и отстранување на наночестички и наночипот“. Причината е едноставна – во вакцините против ковид-19 нема ни наночестички на нано-чип. Исто така, наспроти наведеното никаков наночип не се констатира преку македонска адреса на блутут, тоа е дезинформација. Во вакцините против ковид-19 нема ниту графен оксид. Ковид-19 не е „наводен“ вирус, туку лабораториски докажан вирус, изолиран уште на почетокот на пандемијата. Тестираните лица воопшто не се „делумно вакцинирани и делумно заразени“.
Објавата изобилува со невистини и конструира една теорија на заговор, која беше многу актуелна во екот на вакциналната кампања против коронавирусот. Не е точно дека вакцините против ковид-19 содржат графен оксид. Најчесто оваа дезинформација во ковид антивакциналната кампања беше поврзувана со вакцината на „Фајзер“. Дури и Администрацијата за храна и лекови на САД за „Асошиејтед Прес“мораше да демантира дека вакцината содржи графен оксид.
Тврдењата за микроскопски елементи кои се составуваат во телото на вакцинираните, експертите по имунологија ги нарекуваат чиста фантазија и бесмислица.
Професорот на Универзитетот Квинсленд, Кит Чапел, вели дека тврдењето за вметнување на нанотехнологија во вакцините е смешно. Всушност, мРНК вакцините содржат наночестички, ама тие се состојат од липиди и молекули на холестерол.
Тие се слични на микроскопски точки од масти коишто ја носат вакцината во клетките. Ова дефинитивно не се електронски компоненти, изјави тој.
Речиси сите релевантни институции излегоа со извештаи дека нема докази дека 5Г мрежата има влијание на имунолошкиот систем и дека е штетна по човечкото здравје, а таа секако не е поврзана со вакцините. Мобилната 5Г мрежа никако не влијае ниту на вируси, ниту на бактерии, и не може да шири болести. Состојките на ковид вакцините се јавно достапни и во нив нема нешто што може да биде активирано од 5Г мрежа и да предизвика болести во телото на вакцинираните. Ваквиот наратив е подготвен со цел креирање паника кај вакцинираните и отпор кон примање на вакцините.
Во објавата не се наведува кои се тие „соодветни методи“ со кои треба „да се следат вакцинираните“ меѓутоа, ниедна релевантна здравствена институција во светот, ниту агенција, ниту центар за контрола и превенција на болести, ниту регулаторно тело за контрола на вакцините – нема излезено со таква препорака. Вакцинираните лица немаат во себе ниту една од наведените компоненти, нивното здравје не е загрозено од вакцините и нема никаква потреба да ја контролираат крвната слика поради причини на наоѓање на непостоечки компоненти. Крвната слика треба да се прави за различни медицински состојби и нивна детекција, доколку тоа го посочи лекар со лиценца.
„Вистиномер“ веќе има пишувано дека вакцините против ковид-19 не содржат никакви чипови. Доказ за тоа е дозата на вакцината која е помала од еден милилитар. Стандардната доза на „Фајзер“ содржи 0.3 милилитри. Тоа не е доволен волумен во кој би можел да се вметне микрочип, дури и кога некој би посакал да направи такво нешто.
Интерната димензија на иглата е 0.3 милимери. Чипот би морал да е фракција од ова, за да се спречи да се заглави. Мислам дека не е можно, а особено зашто би морало да биде вграден и трансмитер. За микрочипот да може да помине низ оваа игла со која се врши вакцинацијата, би морал да биде помал од десет илјадинки од милиметар, пишуваат проверувачи на факти од Австралија.
Наспроти наведеното, со тестирањето против ковид-19 кое се вршеше во текот на ковид пандемијата преку ПЦР тест или преку антигенски тест, воопшто не беше возможно да се изврши ниту вакцинација ниту заразување. Тестирањето овозможуваше да се детектира вирусот во организмот на вакцинираните. Доколку би можело да се врши вакцинација преку тестирање, тогаш никој не би организирал цели процеси на вакцинација кои чинат многу пари, како што се случуваше ширум светот. Вакцината е посебна и воопшто не е слична на тестовите против ковид.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар