Вакцинирањето против ковид-19 нема корелација со „однесувањето на луѓето“
Вакцинацијата против ковид-19 нема никакви штетни последици по однесувањето на луѓето, но во конкретната објава не се ни напоменува точно на какво однесување се мисли. Сепак, со вториот дел од објавата се сугерира дека вакцинацијата на накаков начин била планирана за луѓето да имаат ненормално однесување што секако не е точно.
Вакцинацијата против ковид-19 нема никакви штетни последици по однесувањето на луѓето, но во конкретната објава не се ни напоменува точно на какво однесување се мисли. Сепак, со вториот дел од објавата се сугерира дека вакцинацијата на некаков начин била планирана за луѓето да имаат ненормално однесување што секако не е точно
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Не се чудете за ненормалното понашање на луѓето! ВАКЦИНИРАЊЕТО за Ковидот, не беше џабе!!
Објавата претставува уште една во низата дезинформации кои се шират на социјалните мрежи со цел да се дискредитира процесот на вакцинација против ковид-19 и бројни штетни ефекти и последици да му се припишат токму на овој процес, без никакви докази. Вакцинацијата против ковид-19 нема никакви штетни последици по однесувањето на луѓето, но во конкретната објава не се ни напоменува точно на какво однесување се мисли.
Сепак, со вториот дел од објавата се сугерира дека вакцинацијата на некаков начин била планирана за луѓето да имаат ненормално однесување, што секако не е точно. Самиот ковид-19 и мерките за заштита меѓу кои беше и карантинот односно изолацијата, веќе научно е покажано дека имаат штетни ефекти за децата кои што во тој период биле затворени дома, но и за самото образование кое што беше прекинато и тоа на долгорочен план може да има штетни економски последици.
Децата го загубија ритамот на секојдневниот живот – можноста да посетуваат клубови, да тренираат спортови, да практицираат хобија и сето тоа им беше заменето со домашни активности, цртање и телевизија. Многу пропуштија важни животни настани како училишни танци, забави и матурирања. Во некои места студентите не се „измешаа“ со врсници во текот на една цела година, пишува Би-Би-Си.
Во 2022 година Светската здравствена организација извести за зголемување на преваленцата на анксиозност и депресија во светски рамки за 25 проценти. Но ништо ова не беше поврзано со вакцинацијата туку беше поврзано со бројните фактори на стрес, примарно поради социјалната изолација.
Американскиот журнал за превентивна медицина наведува дека проблемите со менталното здравје се зголемија за време на пандемијата со ковид-19, а сознанието дека некој е во помал ризик после вакцинација може да го намали стресот. Според конкретната студија вакцинацијата е асоцирана со намалување на непријатноста, намалување на перцепцијата за ризик од инфекција и намалување на перцепираниот ризик од смрт.
Светската здравствена организација наведува дека стравот, загриженоста и стресот се нормални одговори на вистински закани како што беше ковид-19. Така што, луѓето во контекст на ковид-19 доживуваа страв.
На стравот да не се заразат со вирусот му се додаваат и значајни промени во нашите секојдневни животи, бидејќи движењето ни беше ограничено при напорите да го намалиме ширењето на вирусот. Соочени со новата реалност на работа од дома, привремена невработеност, школување на децата дома и недостигот на физички контакт со членовите на нашето семејство, пријатели и колеги, важно е да се грииме за нашето ментално и физичко здравје, наведува СЗО.
СЗО заедно со партнерите обезбеди совети за време на ковид пандемијата за здравствените работници, менаџерите на болници, луѓето што се грижат за деца, возрасни, луѓето во изолација и членовите на јавноста во врска со менталното здравје. Но, однесувањето во смисла на страв, загриженост и стрес не беа резултат на вакцинацијата која, напротив, ги намали истите и придонесе луѓето и светот да се вратат во нормално функционирање. Состојките во сите ковид вакцини се јавно достапни и не станува збор за контроверзни, туку за безбедни состојки.
Во врска со безбедноста на вакцините против ковид, на сајтот на УНИЦЕФ пишува:
Да, тие се безбедни, тие мора да поминат низ ригорозни тестирања во клинички испитувања за да се докаже дека ги исполнуваат меѓународно договорените стандарди за безбедност и ефикасност. Само ако ги исполнува овие стандарди, вакцината може да добие потврда од СЗО.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар