Вакцините на Фајзер-БионТек се одобрени за употреба во Србија уште во декември 2020 г.

Фото: скриншот од дел од постот

Статус на Фејсбук манипулира дека вакцините против ковид-19 на Фајзер и БионТек не се одобрени за употреба во Србија, па, демек затоа, српската влада ги дава за употреба во „Вардарска бановина“, т.е. во Северна Македонија

Статус на Фејсбук манипулира дека вакцините против ковид-19 на Фајзер и БионТек не се одобрени за употреба во Србија, па, демек затоа, српската влада ги дава за употреба во „Вардарска бановина“, т.е. во Северна Македонија

 

Објава на Фејсбук на македонски јазик шири невистина дека една од вакцините што се употребуваат во Србија немаат валидна дозвола за употреба.

Тоа се става во контекст на договорот меѓу Србија и Северна Македонија да се трансферираат 8.000 вакцини од Белград во Скопје како неопходна помош да започне вакцинацијата во земјава што поскоро.

Во оваа вирална објава со речиси 120 интеракции се наведува следното:

Овој ли е тој “подарок” што Вучиќ му го дава на нашиов абдал?!

Бидејки за во Србија не го дозволуваат, дај го во Вардарска бановина!

До ваквата објава е прикачена фотографија од наводен документ од Агенција за лекови на Република Србија, во кој пишува меѓу другото и дека „тој лек немал дозвола за промет во РС“.

Тврдењата на корисникот на ФБ мрежата се манипулација и невистина. Постот е поврзан директно со одлуката на српската влада да одвои 8.000 вакцини од производителот Фајзер-БионТек и да се транспортираат во РСМ, со цел да започне што побрзо вакцинацијата во Северна Македонија.

Текстот на пораката треба да ја увери јавноста дека таа вакцина нема дозвола за употреба во Србија, па затоа се префрла за употреба во земјава, а освен текстуално, ставен е документот за наводен Сертификат на анализа…

Прво и основно или факт бр.1 вакцината произведена од Фајзер-БионТек против ковид 19 е одобрена за употреба во Република Србија. Српските медиуми за тоа известија уште во декември 2020 година врз основа на Сертфикат за примена на вакцината издаден на 23 декември. Јавноста за тоа ја извести и директорот на Агенцијата за лекови на Србија Саша Јочовиќ, а медиумите низ цела Србија ја пренесоа таа вест.

Уште поважно, Агенцијата за лекови и медицинска средства на Република Србија (АЛИМС) излезе со соопштение, кое се однесува токму на злоупотребата на овој документ на социјалните мрежи, која покрај во овој пост, се случува и по социјалните мрежи во Србија. Без да навлегува во автентичноста на документот објавен на социјалните мрежи АЛИМС децидно тврди дека вакцините на кои се однесува овој сертификат „се увезени по сите законски основи и контролирани по највисоките стандарди кои ги следи Агенцијата, односно нејзината Национална контролна лабораторија.“ Се додава и дека „вакцините на кои се однесува овој сертификат ги имаат сите неопходни дозволи и смеат да се применуваат во имунизација во нашата земја“ (се мисли на Србија – н.з.).

Во однос на речницата во сертификатот која гласи дека „лекот нема дозвола за ставање во промет на територијата на Република Србија“ се објаснува дека тој „не смее да се продава и со него да се ракува на било кој начин, освен за потребите кои се дефинирани со увозната дозвола“, а таа увозна дозвола се однесува на одобрување на барањето на конкретна здравствена инстутиција (Институтот за јавно здравје „Др. Милан Јовановиќ Батут“ по што за првпат започна вакцинацијата против ковид-19 кај северниот сосед.

Значи, не станува збор дека увезената вакцина на Фајзер и Бионтек „не е дозволена“ во Србија, туку дека институциите кои побарале нејзин увоз, добиле дозвола за тоа, но таа дозвола има ограничување, според кое вакцината не смее да се препродава понатаму. Тоа е сè. Како дополнителен доказ за тоа дека вакцината може да се употребува во Србија и дека таа е исправна, АЛИМС се повикува и на тврдењето во сетификатот каде што се вели дека „примерокот на оваа вакцина ОДГОВАРА на пропишаните барања.“

Ако се пребара базата на сетификати на АЛИМС (кликни на скриншот 1 долу), при што во полето за името на производителот би се внело името на компанијата BIONTECH MANUFACTURING GMBH, ќе се види дека Агенцијата досега издала четири сертификати за истата вакцина на Фајзер и Бионтек заклучно со 21 јануари 2021 година (кликни на скриншот 2 долу), што во никој случај не би било сторено ако таквата вакцина не била дозволена за употреба во Србија. Агенцијата за лекови во сите овие досегашни сертфикати го вели истото – дека „врз осова на доставената документација примерокот одговара на пропишаните барања“.

скриншот бр. 1 (кликни за поголема слика)

 

скриншот бр. 2 (кликни за поголема слика)

Според сето ова може да се заклучи дека постот што го рецензираме манипулира, зашто сертификатите не се за употреба или неупотреба на територијата на Република Србија, туку се сертфикати за одделни пратки на вакцината, кои се увезени и кои, како и во секоја држава, подлежат на поединечна проверка.

Поради тоа, постот што го рецензиравме во целина може да се оцени како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција