Вакцините не ја уништуваат интелигенцијата на бебињата ниту привремено, ниту трајно
Темелно е истражено дека вакцинацијата на децата и бебињата не наштетува на нивниот когнитивен развој. Напротив, вакцините ги штитат децата од болести кои можат сериозно да го оштетат мозокот.
Темелно е истражено дека вакцинацијата на децата и бебињата не наштетува на нивниот когнитивен развој. Напротив, вакцините ги штитат децата од болести кои можат сериозно да го оштетат мозокот
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Вакцината на бебињата, ја уништува нивната интелигенција. Трајно.
Не е точно дека вакцинацијата на бебињата ја уништува нивната интелигенција, ниту привремено, ниту трајно како што се тврди во објавата. Темелно е истражено дека вакцинацијата на децата и бебињата не наштетува на нивниот когнитивен развој. Напротив, вакцините ги штитат децата од болести кои можат сериозно да го оштетат мозокот.
Сеопфатни истражувања покажуваат дека нема врска меѓу вакцините и намален коефициент на интелигенција (IQ). Вакцинацијата на децата на Филипините против 6 болести покажа значително зголемување на коефициентот на интелигенција и јазичните резултати (во споредба со децата кои не примиле вакцини). Полска студија покажа дека нема штетно влијание од вакцините врз невролошкиот развој или когнитивните перформанси на децата.
Дополнително, клучно е што вакцините превенираат болести коишто навистина влијаат врз интелигенцијата, како на пример менингитисот. Самиот менингитис кој се превенира со вакцини, може да предизвика долготрајни когнитивни заостанувања и пониска интелигенција.
Вакцинацијата во детството е силно поврзана со позитивен когнитивен развој и подобрени образовни резултати, наместо со пониска интелигенција. Студиите покажуваат дека целосно вакцинираните деца често постигнуваат повисоки резултати во читање, пишување и математика, а имунизацијата е поврзана со подобри долгорочни когнитивни вештини и значителни подобрувања во целокупниот коефициент на интелигенција.
Вакцините се најголемата придобивка на современата медицина и придонесуваат за извонредни резултати во зачувување на детското здравје. Задолжителниот распоред за имунизација во Северна Македонија се базира на стручни проценки од педијатри и епидемиолози. Во првата година од животот, детето се имунизира со вакцини против болести кои се потврдени како многу ризични за новороденчињата. Пред воведувањето на имунизацијата, големата кашлица, дифтеријата и полиомиелитисот предизвикуваа сериозни компликации, инвалидитет и смрт кај бебињата.
Редовните вакцини за деца се безбедни и ефикасни. Тие се темелно тестирани и докажано спречуваат сериозни болести, спасувајќи милиони детски животи секоја година. Со редовната вакцинација децата развиваат долгорочна заштита – за да имаат здрав и квалитетен живот, без последици од детство поминато во борба против болести кои можат да се спречат, пишува на страницата на УНИЦЕФ.
Постои голем контраст меѓу сиромашните држави каде што не се достапни сите вакцини за децата, па таму сè уште има епидемии на болести што во развиени држави како на пример САД се искоренети благодарение на имунизацијата.
Сите болести од кои штитат вакцините може да ги пронајдете на овој линк заедно со описите и компликациите од болеста и придобивките од вакцинацијата.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар