Вакцините не придонесуваат за проблеми со говорот кај децата во градинките
Објава дезинформира дека проблемите со говорот или задоцнетиот говор кај децата биле последица од вакцините како единствен причинител. Напротив, нема линк меѓу вакцините и проблемите со говорот кај децата. Дел од проблемот со говорот според логопедите, може да биде преголемата екранизација односно изложеност на децата пред екраните
Објава дезинформира дека проблемите со говорот или задоцнетиот говор кај децата биле последица од вакцините како единствен причинител. Напротив, нема линк меѓу вакцините и проблемите со говорот кај децата. Дел од проблемот со говорот според логопедите, може да биде преголемата екранизација односно изложеност на децата пред екраните
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Вакцините се единствените виновници за овие проблеми.
Во склоп на објавата се споделува линк од напис со наслов:
Според тестирањата во прилепските градинки, секое второ дете има проблеми со говорот.
Во текстот има изјава од логопед во прилепска градинка, која прво посочува дека „тестирале 500 деца и резултатите се дека од нив, секое второ има проблеми со говорот, а се зголемува бројот на деца кои воопшто не зборуваат“. Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, логопедот во текстот изнесува свое мислење дека една од причините за ваквата состојба е „екранизацијата“, односно тоа што живееме во време во кое децата се изложени засилено на телевизори, таблети и телефони, поради што таа апелира да се засили комуникацијата меѓу родителите и децата и да не се оставаат децата осамени и без да им се зборува од страна на родителите.
Дека не постои корелација меѓу вакцината и говорот, појаснува професор доктор Александра Грозданова национален координатор за имунизација.
Најголем дел од родителите ја одложуваат вакцината. Немаме класично непримање, туку најчесто наместо да се прими на една година, се прима на две или на три. Тоа е некоја, ајде ќе кажеме, шпекулација меѓу здравствените работници кои дел ги советуваат родителите детето да прозбори, да прооди и слично (па потоа да се вакцинира н.з). Тоа нема никаква научна оправданост. Дополнително, во тој период го ставате детето во ризик за кога ќе се најде во средина во која повеќе имаме невакцинирани деца, може да биде изложено на инфекцијата на морбили, изјави проф. доктор Грозданова.
На страницата на УНИЦЕФ е објавено едукативно видео од д-р Сашко Олумчев, епидемиолог од Гевгелија, кој објаснува како родителите можат да го стимулираат говорот и развојот кај малите деца. Тој нагласува дека нема апсолутно никаква врска меѓу вакцините и аутизмот и дека одложувањето на вакцинацијата може да предизвика сериозна штета.
Редовните вакцини за деца се безбедни и ефикасни. Тие се темелно тестирани и докажано спречуваат сериозни болести, спасувајќи милиони детски животи секоја година. Со редовната вакцинација децата развиваат долгорочна заштита – за да имаат здрав и квалитетен живот, без последици од детство поминато во борба против болести кои можат да се спречат. Тие спасуваат 2 до 3 милиони деца од опасни болести секоја година.
Најмногу невистини околу тоа дека вакцините предизвикуваат наводни „проблеми со говорот“ има околу МРП вакцината и тоа откако беше објавена лажна студија на докторот Ендру Вејкфилд, која го тврдеше токму тоа. Студијата е повлечена, Вејкфилд остана без лиценца, но последиците од дезинформациите одземаа години и години за да се санираат.
Несреќната и неточна и веќе повлечена студија, според која МРП вакцините предизвикуваат аутизам е објавена во 1998 година од доктор Ендру Вејкфилд и 12 негови колеги во престижниот медицински журнал „Лансет“. Во неа се сугерира дека МРП вакцината може да предизвика аутизам. И покрај малиот број деца што учествувале во истражувањето во оваа студија, вкупно 12, поради шпекулативната природа, трудот доби широк публицитет, а стапката на вакцинација со МРП вакцината опадна, зашто родителите загрижени за ризикот од аутизам одбиваа да ги вакцинираат своите деца.
Доктор Вејкфилд направил етички злоупотреби. Спровел инвазивни истражувања на децата што биле дел од студијата без да има етичка дозвола, погрешно ги презентирал податоците до кои дошол и скрил дека начинот на кој ги одбирал децата бил селективен. Завршна епизода од овој случај беше откритието дека доктор Вејкфилд е виновен за намерна измама, дека селектирал податоци што му одговарале, фалсификувал факти. Бритиш медикал џрнал објави серија написи во кои ја обелоденува измамата мотивирана од парите. Дополнително, 10 од 12-те коавтори на студијата ги повлекоа тврдењата и се изјаснија дека нема каузална врска меѓу оваа вакцина и аутизмот поради тоа што податоците се недоволни. На ова се приклучи и „Лансет“, со тврдење дека докторот Вејкфилд со изготвување на спорната студија имал сомнителни финансиски интереси. Тој бил финансиран од адвокати ангажирани во судски спорови против компании што произведуваат вакцини.
Македонија има неодамнешен добар пример кој исто така потврдува дека нема поврзаност меѓу МРП вакцината и аутизмот. Имено, во првите 6 месеци на 2019 година, дадени се 41.600 дози МРП вакцина на популација до 14 години во Македонија.
Во овие изминати 5 години, кај овие повеќе од 40 илјади деца не видовме појава на ваква асоцирана болест. Ние сме мала држава и доколку нешто се појавеше, ќе се детектираше. Тоа е извонреден пример што на нашите простори потврдил дека вакцината е безбедна. Имавме повеќе од 40 илјади семејства што потоа беа спокојни бидејќи ја донесоа правилната одлука да ги вакцинираат своите деца. Благодарение на тоа, пет години подоцна имаме мирна ситуација и не се појавија нови епидемии со морбили, изјави проф. д-р Александра Грозданова
Вакцината МРП нема ефект на когнитивниот развој на децата, покажува полска кохорт студија. Здравствените власти на Обединетото Кралство информираат дека нема линк меѓу вакцината МРП и аутизмот, задоцнетиот говор, или пак развојот на мозокот.
Вистиномер повеќе пати има дебанкирано дезинформации околу детските вакцини.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар