Вакцините не се ѓаволски течности произведени од абортирани бебиња

Фото: Mohamed HassanPixabay

Независно на кои вакцини се мисли во постот, на оние против коронавирусот или против други болести,  неточно е тврдењето дека се прават абортуси за да се добијат вакцини.  За да се направат некои од вакцините против ковид-19, при тестирањето и истражувањата биле користени фетални клеточни линии. Овие фетални клеточни линии не се земени од неодамнешни абортуси, туку потекнуваат од легални доброволни абортуси коишто се случиле пред неколку децении. Користењето фетални клетки за тестирање на ефикасноста и безбедноста на лековите е вообичаена практика, бидејќи тие обезбедуваат конзистентен и документиран стандард

Независно на кои вакцини се мисли во постот, на оние против коронавирусот или против други болести, неточно е тврдењето дека се прават абортуси за да се добијат вакцини. За да се направат некои од вакцините против ковид-19, при тестирањето и истражувањата биле користени фетални клеточни линии. Овие фетални клеточни линии не се земени од неодамнешни абортуси, туку потекнуваат од легални доброволни абортуси коишто се случиле пред неколку децении. Користењето фетални клетки за тестирање на ефикасноста и безбедноста на лековите е вообичаена практика, бидејќи тие обезбедуваат конзистентен и документиран стандард

 

 

Во Фејсбук објава се тврди дека вакцините се произведуваат од абортирани бебиња и дека ова претставува сатанско злостроство. Ова не е точно! Ниту се прават човечки жртви, ниту се вршат планирани убиства за да се направат вакцини.

Сатанско злосторство е да се произведуваат вакцини од абортирани бебиња токму за оваа цел, односно за производство на вакцини кои поточно би требало да се наречат ѓаволска напивка. Овие абортуси претставуваат планирано убиство, очигледно има и ритуално принесување на жртви на сатаната! Всушност, зборуваме за човечки жртви на злото… Значи целата оваа ѓаволска течност е наполнета со демонска енергија, се вели во постот.

Не е вистина дека се прават човечки жртви и планирани убиства за да се направат вакцини, како што се тврди во оваа застрашувачка објава во која се спомнуваат ѓавол, сатана, демонска енергија и слични фрази кои имаат за цел да ја заплашат јавноста и да ја убедат дека вакцните се штетни.

Иако во објавата не се кажува точно на кои вакцини се мисли, на оние против коронавирусот или против други болести, вистината е дека не се прават абортуси да се добијат вакцини. Вакцините, и тие против коронавирусот и сите останати имаат за цел да го заштитат здравјето и животот на населението.
Од каде настанува забуната, а со тоа и теориите на заговор дека вакцините се прават од абортуси? За да се направат некои од вакцините против ковид-19, при тестирањето и истражувањата биле користени фетални клеточни линии.

Феталните клеточни линии се нешто многу поразлично од ткиво од фетус. Тие понекогаш се користат во развојот, потврдувањето или производството на вакцини – вклучувајќи ги и вакцините против ковид-19.
Иако за правење на вакцината се користеле фетални клеточни линии, лабораториски реплицирани за време на процесот на производство, самата вакцина не содржи ткиво од фетус.

Овие фетални клеточни линии не се земени од неодамнешни абортуси, туку потекнуваат од легални доброволни абортуси коишто се случиле пред неколку децении. Тие индивидуални клетки од 1970 -тите и 1980 -тите години се одгледуваат и размножуваат во лабораторија при што во изминатите четири или пет децении се создале многу нови клетки, создавајќи ги феталните клеточни линии кои што се користат сега и кои што немаат никаква врска со оригиналните клетки.

Користењето фетални клетки за тестирање на ефикасноста и безбедноста на лековите е вообичаена практика, бидејќи тие обезбедуваат конзистентен и документиран стандард.

Истите овие клеточни линии се користат и за тестирање и унапредување на неколку рутински лекови, вклучително ацетаминофен, ибупрофен и аспирин, и продолжуваат да се користат за истражување на третман кај болести како што се Алцхајмерова болест и хипертензија. Освен за коронавирусот, овие клеточни линии се користат при развивање на вакцини за сипаници, хепатитис А, рубеола и беснило.

Толку многу луѓе не сфаќаат колку се важни феталните клеточни линии за да развијат лекови и вакцини кои спасуваат животи и на кои се потпираме секој ден. Нивната употреба во развојот на вакцини за ковид-19 не е ништо поинаква или посебна, вели Амеш Адаља, експерт за заразни болести во Центарот за здравствена безбедност при Џон Хопкинс.

Производителите на вакцини можат да ги користат овие клеточни линии при фазите на истражување, развој и производство.

Вакви клеточни линии се користеле за време на истражувања направени при подготовка на вакцините против ковид-19 на „Фајзер“ и „Модерна“ и „Џонсон & Џонсон“.

Кога станува збор за вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“, феталната клеточна линија ХЕК 293 се користела за време на фазата на истражување и развој. Сите ХЕК 293 клетки потекнуваат од ткиво земено од абортус во 1973 година, што се случил во Холандија.

За вакцината „Џонсон & Џонсон“, феталните клеточни линии се користеле во фазата на развивање на вакцината. За да се направи вакцината „Џонсон & Џонсон“, научниците ги инфицирале феталните клеточни линии ПЕР Ц6 за да го зголемат векторот на аденовирусот. Сите ПЕР Ц6 клеточни линии што се користат за развивање на оваа вакцина потекнуваат од ткиво земено од абортус во 1985 година, што се случил во Холандија. Оваа клеточна линија се користи затоа што е добро проучен индустриски стандард за безбедно и сигурно производство на вирусни векторски вакцини.

Феталните клеточни линии се користат, бидејќи вирусите имаат тенденција да растат подобро во човечките клетки отколку животинските клетки. Феталните клетки не се делат онолку пати колку другите типови на клетки, така што тие можат да се користат подолго.

Употребата на вакви клеточни линии е контроверзно за верските водачи и групите кои се залагаат против абортус. Но, на крајот на декември 2020 година, од Ватикан соопштија дека во отсуство на вакцини направени од други извори, морално е прифатливо да се примаат вакцини против ковид-19, кои се развиени со користење на клеточни линии од прекинати фетуси.

Поглаварите на верските заедници во Северна Македонија, на неодамнешна средба со министерот за здравство Баким Сали упатија порака дека вакцинацијата е единствениот начин за заштита на населението од вирусот.

Оваа тема може да биде многу чувствителна, осбено за верниците кои се противат на абортус и ваквите објави може да ги направат колебливи односно од верски причини да одбиваат да се вакцинираат односно да го заштитат нивното здравје и здравјето на нивните најблиски. Но, она што е важно да се запомни е вистинитиот факт дека ниту една од вакцините против ковид-19 не содржи фетални клетки земени од абортуси извршени во последно време

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција