Вакцините не служат за да се „ослабне и уништи“ човештвото
Вакцините не го ослабуваат човештвото. Наспроти тврдењето во објавата, вакцините го зајакнуваат јавното здравје, ја намалуваат смртноста и го спречуваат ширењето на опасни болести
Вакцините не го ослабуваат човештвото. Наспроти тврдењето во објавата, вакцините го зајакнуваат јавното здравје, ја намалуваат смртноста и го спречуваат ширењето на опасни болести. Научните докази и светските здравствени институции постојано го потврдуваат тоа
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Со многу биолошки агенси и преку вакцината пробаа да не ослабат и уништат, но никогаш нема да го победат Бог. Бидејќи ние сме чудо во секоја смисла на зборот, ние сме деца на бог – ние сме Бог. Ако пред се вербата ви е голема, пред да знаете а верувате, тогаш нема за што да се сомневате, вие сте спасени од сечие зло! Бог нека ви го дарува здравјето бидејќи без него џабе ви се сите пари на светов!
Не навлегувајќи во религиозниот и духовниот аспект на објавата и изразувањето на личните религиозни гледишта, се осврнуваме на делот од објавата кој се однесува на „биолошките агенси и вакцините“.
Не е точно дека преку „биолошки агенси и вакцини“ некој се обидел да го „ослабне и уништи“ населението барем не денеска. Биолошко оружје постои – многу држави го истражувале во текот на 20 век (на пример, за време на Втората светска војна и Студената војна). Но, меѓународни договори како Конвенцијата за биолошко оружје (1972) го забранија неговото развивање и користење. Нема потврдени докази дека некоја влада или организација неодамна користела такви агенси против цивили особено не во Северна Македонија.
Вакцините, пак, се едни од најмоќните алатки во историјата на човештвото за заштита на здравјето – тие ја искорениле сипаницата, речиси целосно ја елиминирале детската парализа и спасуваат милиони животи секоја година. Постојат теории на заговор кои тврдат дека вакцините или пандемиите се создадени за контрола на населението или за нанесување штета, но овие тврдења не се поткрепени со никакви научни или проверени докази. Тие најчесто произлегуваат од недоверба, погрешни информации или дезинформации што се шират преку интернет.
Светската здравствена организација (СЗО) вели дека вакцините се многу безбедни и дека многу е поверојатно да бидете сериозно афектирани од болест која може да се спречи со вакцина, отколку од самата вакцина. Центарот за контрола и превенција на болести (CDC) објаснува дека безбедноста на вакцините постојано се следи преку повеќе системи и дека сериозни несакани реакции се крајно ретки. Голем број научни анализи на контроверзии (како на пример тврдењата за врска помеѓу вакцините и аутизмот) покажале дека нема докази кои ги поддржуваат тие тврдења.
Вакцините не го ослабуваат човештвото. Спротивното е точно: тие го зајакнуваат јавното здравје, ја намалуваат смртноста и го спречуваат ширењето на опасни болести. Научните докази и светските здравствени институции постојано го потврдуваат тоа.
Според здравствените експерти од Обединетото Кралство, вакцините не го преоптоваруваат или ослабуваат имунолошкиот систем и безбедно е да им се даваат на децата и возрасните, не содржат жива, не содржат состојки што предизвикуваат штета и не предизвикуваат аутизам.
Вакцинацијата е најважното нешто што можеме да го направиме за да се заштитиме себеси и нашите деца од здравствени проблеми. Тие спречуваат милиони смртни случаи низ целиот свет секоја година. Откако вакцините беа воведени во Велика Британија, болести како сипаници, детска парализа и тетанус, кои порано убиваа или онеспособуваа милиони луѓе, или исчезнаа или сега се среќаваат многу ретко. Други болести како мали сипаници и дифтерија се намалија на многу мал број случаи секоја година откако беа воведени вакцините. Овие случаи често се поврзани со патување. Меѓутоа, ако луѓето престанат да се вакцинираат, можно е заразните болести брзо повторно да се шират, наведуваат тие.
Светската здравствена организација (СЗО) го наведува двоумењето за вакцините како една од најголемите закани за глобалното здравје. Вакцинацијата е од корист и за целата заедница за создавање „колективен имунитет“. Ако се вакцинирани доволен број луѓе, потешко е болеста да се прошири кај оние луѓе кои не можат да се вакцинираат. На пример, луѓе кои се болни или имаат ослабен имунолошки систем.
Поради сите горенаведени факти оценуваме дека во објавата што ја рецензираме се пропушта контекстот.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар