Вакцините не содржат „антифриз“, ниту серум од мајмунски мозок
Објавата користи реални поими од процесот на производство на вакцини, но ги претставува како да се директни состојки на вакцините и додава неточни тврдења како „антифриз“ и „серум од мајмунски мозок“.
Објавата користи реални поими од процесот на производство на вакцини, но ги претставува како да се директни состојки на вакцините и додава неточни тврдења како „антифриз“ и „серум од мајмунски мозок“. СЗО наведува дека животински клетки, вклучително и мајмунски бубрежни клетки, историски и во одредени случаи се користат како клеточни супстрати за производство на вакцини – што не е исто што и „серум од мајмунски мозок“
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
Моите омилени состојки во вакцините се: Антифриз, формалдехид, алуминиум, серум од мајмунски мозок и ткиво од човечки фетус.
Тврдењето меша вистински состојки или супстанции што може да се користат во производството на одредени вакцини, со тврдење дека тие се присутни во вакцините во формата и количината што ја сугерира објавата. Составот се разликува од вакцина до вакцина.
Вакцините не содржат етилен-гликол, главната компонента на автомобилскиот антифриз. Забуната најчесто настанува поради сличните имиња на етилен-гликол и полиетилен-гликол (PEG). PEG е различна супстанција и се користи во некои вакцини, меѓу другото како дел од липидните наночестички кај мРНК вакцините.
Важно е и дека пропилен-гликолот се користи во некои фармацевтски препарати и се употребува и во одредени видови антифриз, но тоа не значи дека вакцините содржат „антифриз“. Пропилен-гликолот е различен од токсичниот етилен-гликол и има широка употреба во фармацевтската и прехранбената индустрија.
Дел од вакцините навистина може да содржат многу мали резидуални количества формалдехид, кој се користи во процесот на инактивација на вируси или детоксикација на токсини. Алуминиумските соли, пак, се користат како адјуванси во одредени вакцини за да го засилат имунолошкиот одговор.
Што се однесува до „серум од мајмунски мозок“ и „ткиво од човечки фетус“, ова е особено погрешно претставување. СЗО наведува дека животински клетки, вклучително и мајмунски бубрежни клетки, историски и во одредени случаи се користат како клеточни супстрати за производство на вакцини – што не е исто што и „серум од мајмунски мозок“.
Кај некои вакцини во производството се користат лабораториски клеточни линии кои потекнуваат од фетално ткиво добиено пред повеќе децении. Самите фетални клетки или ткиво не се состојка на готовата вакцина, според ПАХО/СЗО, вакцините достапни за јавноста не содржат фетални клетки.
Објавата користи реални поими од процесот на производство на вакцини, но ги претставува како да се директни состојки на вакцините и додава неточни тврдења како „антифриз“ и „серум од мајмунски мозок“.
Поради сето наведено, објавата ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар