Вакцините против грип се набавени годинава и не им е „менувана етикетата“
Сите вакцини се набавени оваа година согласно распишан оглас за јавна набавка и не е точно дека „само им е менувана етикетата откако останале“. И минатата година Министерството за здравство набави вакцини против грип за ризичните групи, а набавката беше во количина од 70 илјади дози.
Сите вакцини се набавени оваа година согласно распишан оглас за јавна набавка и не е точно дека „само им е менувана етикетата откако останале“. И минатата година Министерството за здравство набави вакцини против грип за ризичните групи, а набавката беше во количина од 70 илјади дози. Граѓаните доброволно се пријавуваат за вакцина против грип
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
ИЗБОРНА АРАМИСКА ТРЕСКА ВАГА НЕ ЈА ВАГА. ПАРНО НЕМА, А ПЛАЌАШ, НО ИМА ВАКЦИНИ ЗА СЕЗОНСКИ ГРИП?!? Затоа ли нема парно, за да ги убутате таканаречените вакцини што ви останаа и така им менувате само етикети??? Додека арамиите се богатат и милиииониии им тежат во џебот, ние парно греење немаме, а некои и леб немаат… И си тераат кампањи за да си го наместат г,зот на градоначалничка, советничка фотелја и пари фрчат од сите страни, башка бенефиции и сето тоа од народен џеб. А вие ќе мрзнете, ќе ве глодаат до коска, и бодат ко говеда. Ѓоамити урбана населба, плаќаме 12 месеци, а услуга нема, ова е пљачка. Аеродром на минусни температури и 100 000 население, деца, постари се разболуваат и ај на доктор. А докторот, ќе ти тутне ливче, да го гласаш, бидејќи бил на некоја советничка листа и обавезно “вакцини за грип”, бесплатна четиривалентна за “ризични групи”. Смислија и ризични групи за отстрел: дури и деца од 6 месеци до 5 години, бремени и постари од 65г… И сето тоа стана нормално, да не добиваш услуга за платеното, ама добиваш “бесплатни” вакцини како отровен подарок. И ДА ГИ ГЛАСАМ??? МРШ БЕ РАСЧОЕЧЕНИ ВАМПИРИ, СИТЕ ДО ЕДЕН.

Наспроти изнесеното во објавата, интересот на граѓаните за бесплатната вакцинација против сезонски грип секоја година е сѐ поголем, што покажува зголемена свесност за значењето за заштита од грип, и уште еднаш ја потврдува важноста и потребата од оваа превентивна мерка. Затоа годинава Министерството за здравство набави уште поголем број на вакцини отколку лани. Се работи за четиривалентни вакцини од реномираниот производител „Абот“ од Холандија и не се „вакцини на кои им е менувана етикетата“.
Дополнително, неточно е наведеното во објавата дека „ризичните групи биле смислени како групи за отстрел“ ниту, пак, дека „вакцините се отровен подарок“. Грипот според Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија, е сериозна болест која може да биде многу потешка за време на бременоста и може да биде опасен за новороденчињата и за бремените жени.
Вакцинирањето против грип за време на бременоста помага да се заштити бебето од вирусот додека не стане доволно старо за сопствена вакцина. Вакцината против грип е безбедна и за мајката и за фетусот. Не може бремената жена да добие грип од вакцината против грип, пишува на сајтот на Институтот за јавно здравје.
Грипот е акутно заразно заболување на дишните патишта, предизвикано од вирусите на
инфлуенца тип А и Б, кое најчесто се јавува во зголемен број или во епидемиска форма во текот на зимскиот период. Во овој период од годината, чести се и инфекциите со други респираторни вируси кои имаат исти или слични симптоми со грипот. Грипот е многу контагиозно, акутно заразно заболување, причинето од вирусот на грип кое го зафаќа респираторниот систем, најчесто ждрелото, носот, дишните патишта и понекогаш белите дробови.
Ова заразно заболување се шири директно од човек на човек, главно преку ситните капки кои ги исфрла заразениот човек при кашлање и кивање, или индиректно преку контакт со респираторни секрети (капки) од заболен човек со кои се загадени неговите раце или околните површини кои ги допирал, или предмети со кои се служел. Повеќето луѓе кои ќе заболат од грип може да се опорават за неколку дена до помалку од две недели, но некои луѓе може да развијат компликации (како што е пневмонија), а некои од компликациите може да бидат опасни по живот и да резултираат со смрт.
Самиот факт на немање парно, не предизвикува грип. Грипот е предизвикан од вирусот на инфлуенца кој се шири од човек на човек. Сепак, да се престојува во ладна, незагреана средина може да има индиректни ефекти кои може да направат некој да биде поранлив.
Тоа што децата од 6 месеци до 5 години се вакцинираат против грип, ако за тоа интерес покажат нивните родители со пријавување на сајтот за вакцинација, не значи дека тие се „ризични групи за отстрел“ туку има медицински причини зошто се препорачува оваа вакцинација.
Не навлегувајќи во личните ставови поврзани со изборниот процес кои се споменати во објавата, истата ја оценуваме како невистина во делот поврзан со вакцините, грипот, потеклото и квалитетот на вакцините (не им се менуваат етикети и не се останати) ниту пак е точно дека ризичните групи се „за отстрел“, туку за заштита и се наведени од страна на Светската здравствена организација.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар