Вакцините против ковид-19 не содржат хидра, паразити или графен
Хидра (вулгарис) е живо суштество со должина од 10 до 30 милиметри и широко 1 милиметар, кое живее во свежата вода. Не е можно вакцините против ковид-19 да содржат жив организам со должина од 10 милиметри. Разните начини на стерилизација пред администрација на вакцината осигуруваат дека во неа не може да има жив паразит. Исто така, научната јавност е децидна дека ниедна вакцина против коронавирус не содржи графен оксид во состојките. Сите вакцини пред да бидат одобрени поминуваат ригорозни научни проверки за безбедност и исполнети стандарди. Во постот се повторува и старата неиздржана теорија на заговор, за генетско модифицирање на луѓето кои примиле вакцина. МРНА вакцините функционираат на начин што во телото внесуваат РНК молекула, којашто предизвикува клетките да произведат протеин и да креираат имун одговор. Со овие вакцини не се случува модификување на ДНК
Хидра (вулгарис) е живо суштество со должина од 10 до 30 милиметри и широко 1 милиметар, кое живее во свежи води. Не е можно вакцините против ковид-19 да содржат жив организам со должина од 10 милиметри. Разните начини на стерилизација пред администрација на вакцината осигуруваат дека во неа не може да има жив паразит. Исто така, научната јавност е децидна дека ниедна вакцина против коронавирус не содржи графен оксид во состојките
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се тврди дека со вакцините против ковид-19 започнала „масовна генетска модификација на милијарди луѓе во светот за производство на нижи ГМО човечки вид“. Во продолжение на постот се истакнува дека во вакцините биле ставени состојки кои се немедицински, а за нив наводно медицинската заедница молчела. Овие состојки според наведеното во постот се хидра, самосклопувачки медицински помагала, паразити и графен. Исто така, се тврди дека:
Масовната генетска модификација на луѓето во голем сад, со милијарди заморчиња за широка потрошувачка е започната.
А, наводно, „преку неизбежното отфрлање на човечкиот материјал, допрва треба да се постигнат посакуваните резултати од генетскиот инженеринг на човечкиот вид“
Прво, за состојките во вакцината кои наводно биле немедицински, а кои се навдени во постот, една по една проверивме дали се навистина присутни.
Хидра (вулгарис) е живо суштество кое живее во свежата вода. Тоа е мало животно со должина од 10 до 30 милиметри и широко 1 милиметар. Не е можно вакцините против ковид-19 да содржат жив организам со должина од 10 милиметри. Разните начини на стерилизација пред администрација на вакцината осигуруваат дека во неа не може да има жив паразит. Вакцините дополнително, беа тестирани во голем број земји. Хидра која лесно може да се идентификува под микроскоп, лесно ќе беше забележана од страна на која било медицинска установа досега, но тоа не се случи. Дополнително, состојките на вакцината се добро документирани и верификувани. Во нив нема живи организми. Дезинформацијата дека во вакцината има хидра, потекнува од интервју на една жена која се претставува како дктор Кери Мадеј. Таа во интервјуто тврди дека проверила мостри од вакцината под микроскоп и видела живи организми. Голем број научници го отфрлија ова тврдење дека тоа што Мадеј го видела под микроскоп е навистина хидра. Професорот по имунологија на Универзитетот Кардиф, Матијас Еберл, за „Ројтерс“ изјави дека тоа што Мадеј можеби го видела е контаминација, која честопати изгледа како влакно, памучно влакно или прашина.
Ако не го чистите микроскопот или стакленцата не ви се чисти, така изгледа, рекол тој.
Експертот за инфективни болести и професор на „Џонс Хопкинс“ центарот за здравствена безбедност, доктор Амеш Адалја, рекол дека тврдењето дека хидра е присутна во вакцините е невистинито. Тој исто така додава дека не е веројатно дека кој било организам ќе го преживее процесот на стерилизација кој се користи за време на производството на вакцините.
Хидрата не е човечки патоген. Таа е адаптирана да живее во езера и бари. Адалја додава дека нема докази дека хидра може да предизвика инфекција кај луѓето зашто едноставно не е патоген на луѓето.
Хидра вулгарис е слатководно животно поврзано со медуза. Тоа не е некое манијакално чудовиште што го контролира мозокот – ова е глупост и не вреди ниту да се размислува за тоа. Не е можно вакцините да содржат живи паразитски агенси. Ова е произволно тврдење и ги игнорира чекорите за стерилизација што се на место, изјавил за „Ројтерс“д-р Амеш Адаља, постар научник од Центарот за здравствена безбедност „Џон Хопкинс“.
Во врска со состојката графен, „Вистиномер“ повеќепати има пишувано дека и неа ја нема во вакцините.
И за графенот се тврдеше дека го виделе под микроскоп, иако резултатите од тие микроскопски набљудувања беа неконклузивни.
Како што е веќе пишувано, вакцините поминуваат ригорозни научни проверки за безбедност и исполнети стандарди, пред да бидат одобрени. Ниедна вакцина против коронавирус не содржи графен оксид во состојките.
За странски проверувачи на факти, професорот по органска хемија на Универзитетот Сантијаго Компостела во Шпанија, Диего Пења, рекол дека графенот не е супстанца која лесно би можела да се вметне во вакцината.
Американскиот Центар за контрола и превенција на болести, објави извештај во кој се сумирани најчесто користените лажни наративи кои циркулираат за вакцините и меѓу нив е наведено и невистинитото тврдење дека тие содржат графен оксид.
Графен оксид не е на листата на состојки и нема никакви шанси да е присутен, изјави Ален Мајерсон, професор по хемиски инженеринг на Институтот за технологија Масачусетс за„Асошиејтед прес“.
„Асошиејтед прес“ во јули годинава извести дека и покрај тоа што имало истражувања за тоа дали се користел графен оксид во некои вакцини (во количества кои за човекот не би биле токсични), материјалот не е на листата на состојки на фајзеровата вакцина или која било друга вакцина.
За експертот за вакцини, Пол Офит, од детската болница во Филаделфија, ова тврдење (дека вакцините содржат графен оксид) е чиста глупост.
Според напис од јули 2021 од „Лид Сторис“ потеклото на тврдењето дека во вакцината има графен оксид, е од анализа што под микроскоп ја спровел Пабло Кампра. Кампра е професор по хемиски науки на Универзитетот Алмериа во Шпанија. „Лид Сторис“ тогаш извести, дека со студијата која не е прегледана од медицинската заедница, поврзан бил и Ричард Делегадо, самоопишан борец против ,,тиранијата на ковид 19″. Делегадо го води шпанскиот сајт „Ла Квинта Колумна“.
Во твит од 2 јуни, Универзитетот Алмериа, негираше дека ги поддржува сознанијата до кои дошол Кампра, посочувајќи дека студијата е ,,неофицијален извештај од примерок за којшто не е познато каков е, односно од каде потекнува”. Со други зборови, не се знае што точно под микроскоп испитувал Кампра.
Кит Лонгли, менаџер за наука во „Фајзер,“ за „Асошиејтед прес“ изјавил дека оваа состојка во нивната вакцина не постои.
Портпаролката на „Фајзер“, Џерика Питс за „Политифакт“ изјави дека компанијата не користела графен оксид во нивната вакцина.
Што се однесува на тврдењето дека во вакцините има живи паразити, од „Фајзер“, исто така, во изјава за „Ројтерс“ потврдуваат дека нивната вакцина против ковид-19 не содржи никакви вирусни честички или живи компоненти. Станува збор за синтетичка мРНА вакцина од која целосниот список на состојки може да се најде на веб-страницата на Управата за храна и лекови (ФДА) на САД. Тврдењето за паразитите е дебанкирано од голем број на сервиси за проверка на факти како неосновано, базирано на изјави на медицински професионалци.
Професор Јунг Џе Хун кој предава превентивна медицина на Универзитетот за медицина Гачон потенцира дека сите вакцини се произведени во стерилна средина, недопрена од други патогени и вируси, а камоли паразити.
Во постот што го рецензираме се повторува и старата неиздржана теорија на заговор, за генетско модифицирање на луѓето кои примиле вакцина.
За разлика од конвенционалните вакцини, кои користат цел патоген или фрагмент, ДНК вакцината вклучува инјектирање на мал дел од генетскиот код на вирусот (ДНК или РНК), за да стимулира имун одговор кај пациентот без никаква инфекција.
Оваа процедура не создава генетски модифицирани организми, како што дезинформира постот. Генетски модифициран организам претставува организам во кој еден или повеќе гени (исто така, наречени трансгени), се спојуваат со генетски материјал од друг организам со ДНК технологија.
МРНА вакцините функционираат на начин што во телото внесуваат РНК молекула, којашто предизвикува клетките да произведат протеин, којшто наликува на еден од виралните протеини кои го сочинуваат Сарс Ков 2 вирусот. Потоа, клетките го препознаваат виралниот протеин и креираат имун одговор на него, примарно со генерирање на антитела. Модификувањето на ДНК не се случува со овие вакцини.
За сервисот на проверка на факти на „Асошиејтед Прес“, доктор Дан Кулвер, пулмолог од Клиниката Кливленд, потврдил дека не е возможно мРНА вакцината да ја промени човековата ДНК.
И на официјалната страница за вакцинација во државата објавено е дека мРНКвакцините не ја менуваат вашата ДНК на каков било начин:
Вакцините за Messenger РНК (мРНК) ги учат клетките како да создадат протеин што предизвикува имунолошки одговор ако некој се зарази. мРНК што се инјектира во вашето тело не комуницира со вашата ДНК. Откако мРНК ќе ја заврши својата работа, вашите клетки ја распаѓаат и расчистуваат од вашето тело. Нема трајни ефекти од мРНК во вакцината.
Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е точно дека вакцините против ковид содржат хидра, паразити или графен, како и дека не е точно дека со вакцините против ковид-19 генетски се модифицираат луѓето што ги примиле.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар