Вакцините против ковид беа создадени поради пандемијата, а не обратно

Фото: pixabay.com

Временскиот редослед по кој се појавуваа случаите, како и фактот што вакцините дури подоцна беа создавани, потоа поминуваа опсежни и комплицирани процедури, проверки, клинички тестирања, одобренија од релевантни медицински агенции, покажува дека прв е појавен коронавирусот, а потоа вакцините. Во декември 2019 година, кога беше пријавен првиот случај на коронавирус до СЗО од страна на Кина, немаше ни вакцина, ниту пак, светот знаеше како да се справува со болеста. Вакцинацијата почна на крајот на 2020 година. Компанијата „Фајзер“ аплицираше за дозвола за својата вакцина на 20 ноември 2020 година, а Американската Агенција за храна и лекови ја одобри апликацијата на 11 декември 2020 година

Временскиот редослед по кој се појавуваа случаите, како и фактот што вакцините дури подоцна беа создавани, потоа поминуваа опсежни и комплицирани процедури, проверки, клинички тестирања, одобренија од релевантни медицински агенции, покажува дека прв е појавен коронавирусот, а потоа вакцините. Во декември 2019 година, кога беше пријавен првиот случај на коронавирус до СЗО од страна на Кина, немаше ни вакцина, ниту пак, светот знаеше како да се справува со болеста. Вакцинацијата почна на крајот на 2020 година. Компанијата „Фајзер“ аплицираше за дозвола за својата вакцина на 20 ноември 2020 година, а Американската Агенција за храна и лекови ја одобри апликацијата на 11 декември 2020 година

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук којшто се однесува на пандемијата со ковид-19 и вакцините.

Мал потсетник, тие вакцините против ковид не беа создадени заради пандемија. Туку, пандемија беше создадена поради вакцините против ковид, се тврди во објавата.

Ова тврдење содржи невистинити факти. Првиот аргумент што го покажува тоа е временскиот период во кој избувна пандемијата со ковид-19 и временскиот период во кој беа создадени вакцините против ковид-19.

На 31 декември 2019 година, кинеските власти ја известија Светската Здравствена Организација за случаи на пневмонија во градот Вухан, во провинцијата Хјубеј во Кина, од непознато потекло. Она што започна како мистериозна болест, подоцна беше идентификувано како болеста ковид-19, предизвикана од коронавирусот. Вирусот беше идентификуван од кинеските власти на 7 јануари 2020 година, по што неговиот генетски материјал РНК, беше изолиран. Самата Светска здравствена организација потврдува  дека вирусот е изолиран на 7 јануари 2020 година и во следното известување.

Ова изолирање содржи инструкции за создавање на вирусните протеини, кои се основа за вакцините на „Фајзер“ и  на „Модерна“.

„Фајзер“ аплицираше за дозвола за својата вакцина на 20 ноември 2020 година и Американската Агенција за храна и лекови ја одобри апликацијата три недели подоцна, на 11 декември 2020 година. Подоцна, американските центри за контрола и превенција на болести и советодавниот комитет за имунизациски практики ја одобрија препораката за вакцинација за повозрасните од 16 години.

На овие одобренија им претходеа клинички тестирања во три фази.

Вакцината на „Астра Зенека“ беше одобрена за употреба преку Ковакс механизмот на 15 февруари 2021 година. 

Светската здравствена организација до 12 јануари 2022 година, евалуираше и одобри употреба на следните вакцини за кои е утврдено дека ги исполнуваат највисоките стандарди за ефикасност и безбедност:

„Астра Зенека“,

„Џонсон и Џонсон“,

„Модерна“,

„Фајзер“/„БионТек“,

„Синофарм“,

„Синовак“,

„Коваксин“,

„Кововакс“ и

„Нуваксовид“.

Секоја од овие вакцини, е развиена по појавата на коронавирусот односно по настапувањето на пандемијата со коронавирусот, наспроти невистинитите тврдења во постот што го рецензираме.

Она што се имплицира во објавата е дека вакцините веќе биле создадени, па на светот му се пласирала пандемија за да се потрошат тие вакцини кои веќе биле создадени. Ова тврдење нема втемеленост во фактите.

Вакцините против ковид -19 беа развиени брзо во споредба со претходните вакцини затоа што научници, лекари и владини агенции низ целиот свет вложија огромни ресурси за да ја намалат бирократијата и да ги објават резултатите штом беа достапни, пишува на официјалната страница за вакцинација во Република Северна Македонија.

Во текот на периодот пред да почне вакциналниот процес во светот веќе беа актуелни повеќе варијанти, односно соеви на коронавирусот, кои инфицираа и одземаа голем број на животи.

Студија од регионалната канцеларија на СЗО за Европа, заедно со Европскиот центар за контрола и превенција на болести, обзнани проценка, дека од почетокот на вакциналната кампања од декември 2020 година до ноември 2021 година, биле спасени 470 илјади животи во 33 држави ширум европскиот регион и тоа само кај лицата повозрасни од 60 години.

Центарот за контрола и превенција на болести на САД, објаснува дека повеќе неопходни чекори мора да бидат преземени секојпат кога ќе ѝ се презентира нова вакцина на генералната популација. Овие чекори вклучуваат развој на вакцината, клинички тестирања, одобренија од официјални медицински агенции, производство и дистрибуција. Секоја од овие набројани фази, беше спроведена по појавата на коронавирусот и откако беше евидентно дека станува збор за светска пандемија, која афектираше луѓе  буквално во сите држави од светот. Само во Република Северна Македонија според последниот кумулативен извештај на Институтот за јавно здравје, заклучно со 27 февруари 2022 година, пријавени се вкупно 297.262 случаи на ковид-19. Првиот случај е регистриран во 9-тата недела во 2020 година, а од 11-тата недела во 2020 година континуирано се регистрираат нови потврдени случаи.  Наредната година, поточно на 17 февруари 2021 година, во Република Северна Македонија започна вакцинацијата против ковид-19.

Временскиот редослед по кој се појавуваа случаите, како и фактот што вакцините дури подоцна беа создавани, потоа поминуваа опсежни и комплицирани процедури, проверки, клинички тестирања, одобренија од релевантни медицински агенции, покажува дека прв е појавен коронавирусот, а потоа вакцините. Во декември 2019 година, кога беше пријавен првиот случај на коронавирус до СЗО од страна на Кина, немаше ни вакцина, ниту пак, светот знаеше како да се справува со болеста. Се употребуваа разни медикаменти за болничко лекување на симптомите кои што коронавирусот ги предизвикуваше кај пациентите. Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека постот што го рецензираме, а во кој се тврди дека вакцините против ковид не биле создадени заради пандемија туку обратно, дека пандемијата е создадена поради ковид вакцините, е невистинит.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција