Тоа што ќе се проверува извештајот за набавките на вакцините во Словачка, не значи дека вакцините не биле вакцини, или пак, дека се штетни ниту дека „пандемијата не била пандемија“. Вакцинацијата против ковид претставуваше клучен чекор за сузбивање на пандемијата со ковид-19 која беше вистинска и одзеде 7 милиони животи. Како што е наведено и на сајтот на Светската здравствена организација, пандемијата имаше цел тек и историја што може да ја погледнете на следниот линк
Тоа што ќе се проверува извештајот за набавките на вакцините во Словачка, не значи дека вакцините не биле вакцини, или пак, дека се штетни, ниту дека „пандемијата не била пандемија“. Вакцинацијата против ковид претставуваше клучен чекор за сузбивање на пандемијата со ковид-19 која беше вистинска и одзеде 7 милиони животи. Како што е наведено и на сајтот на Светската здравствена организација, пандемијата имаше цел тек и историја што може да ја погледнете на следниот линк
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Словачка ја разоткри лагата: „Вакцина“ која никогаш не била вакцина, „пандемија“ која никогаш не била пандемија!
Вакцинација, едно од најголемите злосторства вршени над човештвото.
Во склоп на објавата покрај фотографија од премиерот на Словачка Роберт Фицо, се споделуваат и видеоматеријали со дезинформации за вакцините. Конкретно, објавата манипулира со неодамнешната одлука на Словачка да го прекине набавувањето на вакцини против ковид-19 додека Академијата на науките да ги оцени наодите од контроверзниот извештај против мРНК.
Извештајот го нарача Питер Котлар, ортопед и пратеник кој имаше задача да ги прегледа набавките на вакцини во пандемијата. Но, Котлар наместо да врши ревизија на јавните набавки, почна да промовира теории на заговори за мРНК вакцините дека „тие предизвикувале човечкото тело да произведува токсини“.
„Модерна“ и „Фајзер“ ги претворија вакцинираните во генетски модифицирани организми, третирајќи ги луѓето како пченка без нивно знаење, вели Котлар без да понуди докази.
Иако извештајот првично не беше објавен, подоцна се појави – тој го нарачал од чешка лабораторија управувана од познатиот теоретичар на заговори и молекуларен биолог Соња Пекова.
Неговите коментари предизвикаа бурни реакции кај лекарите, политичката опозиција, па дури и некои коалициски политичари.
Тврдењата на Котлар беа побиени од бројни водечки словачки лекари, научници и експерти поврзани со овие институции, кои тврдат дека неговите тврдења се целосно во спротивност со тековните научни податоци.
Државниот институт на Словачка смета дека мислењата презентирани од Котлар се ненаучни, опасни и способни да го загрозат јавното здравје и оттаму се заканија дека ќе му поднесат кривична пријава за ширење дезинформации.
Но, премиерот Фицо, и самиот вакцинален скептик, постојано стоеше на страната на Котлар .
По новиот притисок од пратеникот да се запре како што тврдеше – „лудилото“ на вакцинирањето со мРНК, Фицо официјално го призна извештајот и ѝ даде задача на словачката академија на науките да ги прегледа нејзините наоди.
Ова најверојатно е поврзано со политика, а не со научна строгост, анализира Еурактив.
Вакцинацијата против ковид претставуваше клучен чекор за сузбивање на пандемијата со ковид-19 која беше вистинска и одзеде 7 милиони животи.
На сајтот на Европската агенција за лекови (ЕМА) за европскиот регион е наведено дека вакцините против ковид-19 продолжуваат да ги штитат луѓето од сериозна болест и смрт предизвикана од ковид-19. Дополнително ЕМА и земјите членки на ЕУ континуирано ја мониторираат безбедноста на ковид вакцините за да осигурат дека можни ризици се детектирани и менаџирани што порано.
Вакцинацијата е најдобрата алатка за да се превенираат последиците од инфекција. Инфекцијата може да предизвика сериозна болест и долготрајна штета, вклучително кај здрави возрасни и деца. Останува особено опасно за повозрасни или болни луѓе со слаб имунитет и оние со нарушен имунолошки систем. Проценките се дека милиони животи се спасени со ковид-19 вакцинација, пишува на страницата на ЕМА.
Оттаму додаваат дека од декември 2020 година луѓето во европскиот регион примиле над 1 милијарда дози ковид-19 вакцина, што ја прави оваа програма најголемата вакцинална програма во историјата.
Регулаторите имаат досега невиден број на податоци за да ја потврдат безбедноста и ефикасноста на вакцините против ковид-19. Пред авторизација, вакцините беа тестирани во десетици илјади клинички студии со учесници коишто ги исполнија научните стандарди на ЕМА, за безбедност, ефикасност и квалитет. Како и секогаш, бенефитите од вакцините се споредуваат со нивните ризици од несакани ефекти, наведува Европската агенција за лекови ЕМА.
Не е точно ни наведеното во објавата дека „пандемијата не била пандемија“. Како што е наведено и на сајтот на Светската здравствена организација, пандемијата имаше цел тек и историја што може да ја погледнете на следниот линк.
Слично како и во видеата што се споделуваат во склоп на објавата, во текот на целата вакцинална кампања се ширеа дезинформации дека тие се „штетни“. „Вистиномер“ ги дебанкираше таквите невистинити тврдења.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина. Тоа што ќе се проверува извештајот за набавките на вакцините во Словачка, не значи дека вакцините не биле вакцини, или пак, дека се штетни ниту дека „пандемијата не била пандемија“.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар