Вакцините против ковид не убиваат, независно дали се од ЕУ и САД или Русија

Вакцина на „Фајзер“ Фото: U.S. Secretary of Defense, Public domain, via Wikimedia Commons

Спротивно на тврдењата во објавата, фактите говорат дека не е точно оти вакцините против ковид-19 („оние кои ги протежираа ЕУ и САД“ – се мисли на Фајзер и Модерна) убиваат. Американска студија откри дека вакцините против ковид не се поврзани со смртни случаи. Студија во Иран од 2022 година, пак, која вклучила 4.775 вакцинирани со Спутник В, АстраЗенека, Синофарм, покажала дека Спутник В имала највисока стапка на несакани ефекти (≈82.7 %). Најчести несакани ефекти биле: замор, треска, болка на местото на инјекцијата, главоболка, а не биле пријавени сериозни несакани ефекти, ниту тромбоза

Спротивно на тврдењата во објавата, фактите говорат дека не е точно оти вакцините против ковид-19 („оние кои ги протежираа ЕУ и САД“ – се мисли на Фајзер и Модерна) убиваат. Американска студија откри дека вакцините против ковид не се поврзани со смртни случаи. Студија во Иран од 2022 година, пак, која вклучила 4.775 вакцинирани со Спутник В, АстраЗенека, Синофарм, покажала дека Спутник В имала највисока стапка на несакани ефекти (≈82.7 %). Најчести несакани ефекти биле: замор, треска, болка на местото на инјекцијата, главоболка, а не биле пријавени сериозни несакани ефекти, ниту тромбоза

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која меѓу другото вели:

УШТЕ КОЛКУ ПОТВРДИ ТРЕБА ЗА НА СЕКОЈ ДА МУ БИДЕ ЈАСНО ДЕКА ВАКЦИНИТЕ ПРОТИВ КОВИД ОНИЕ КОИ ГИ ПРОТЕЖИРАА ЕУ И САД УБИВААТ... ЗА РУСКИТЕ ВАКЦИНИ СЕ УШТЕ НЕМА ИЗВЕШТАИ ДЕКА ЛУЃЕ УМИРААТ ОД НИВ...

Спротивно на тврдењата во објавата, фактите говорат дека не е точно оти вакцините против ковид-19 („оние кои ги протежираа ЕУ и САД“ – се мисли на Фајзер и Модерна) предизвикале зголемена смртност.

Вакцините против ковид-19 не се поврзани со смртни случаи, откри една обемна американска студија. Истражувачите ги разгледаа „несаканите настани“ од речиси 300 милиони дози аплицирани во САД меѓу декември 2020 година и јуни 2021 година.

Резултатите од студијата се објавени во медицинското списание Лансет:

Од податоците на ВАЕРС, ЦДЦ прими повеќе од 340.000 извештаи за несакани настани по вакцинацијата, при што 92 отсто се регистрирани како благи. Најчести несакани ефекти биле главоболки, замор и треска. Од повеќе од 22.000 настани евидентирани како сериозни, најчест е отежнато дишење.

ЦДЦ уште во октомври 2021 година информираше дека нема зголемена опасност за смртност по примена вакцина против коронавирусот:

Нема зголемен ризик за смртност кај примателите на вакцини против ковид-19. Ова откритие го зајакнува безбедносниот профил на моментално одобрените вакцини против ковид -19 во Соединетите држави. Сите лица на возраст од над 12 години треба да примат вакцина против ковид-19. 

Наспроти тврдењето во објавата, фактите говорат дека ризикот за смрт од коронавирусот е многу поголем кај невакцинираните во однос на вакцинираните.

Поврзаните податоци за вакцинација и смртност покажуваат дека и покрај промените во циркулирачките варијанти на SARS-CoV-2 со текот на времето, кај постарите возрасни лица на возраст над 65 години, невакцинираните лица продолжуваат да имаат многу поголем ризик да умрат од ковид-19 отколку лицата вакцинирани со најмалку примарна серија. Овој заштитен ефект на вакцинацијата против ковид-19 беше забележан кај сите возрасни групи. Дополнителните бустер дози обезбедуваат дополнителна заштита. Во август 2022 година, возрасните на возраст од ≥50 години со најмалку 2 засилувачки дози имале 3 пати помал ризик да умрат од ковид-19 отколку возрасните на иста возраст со една засилена доза, стои во официјалниот извештај на ЦДЦ.

Објавата споделува и напис за наводно сведоштво на извесен д-р Питер Мекалоу, претставен како американски кардиолог и интернист, во кое тој посочува дека вакцината против ковид на Фајзер предизвикува миокардитис и смрт.

Миокардитис е воспаление на срцевиот мускул. ЦДЦ  на својата официјална веб-страница има објавено дека миокардитис и перикардитис (воспаление на надворешната обвивка на срцето), ретко се пријавени како несакани ефекти од вакцинацијата. Кога се пријавени, случаите биле особено застапени кај адолесценти и млади возрасни мажи во рок од неколку дена по вакцинацијата со мРНК вакцината на Фајзер/Бионтек и Модерна.

ЦДЦ продолжува да препорачува сите на возраст од 6 месеци и постари да се вакцинираат за ковид-19. Познатите ризици од болеста ковид-19 и нејзините поврзани, можеби тешки компликации, како што се долгорочни здравствени проблеми, хоспитализација, па дури и смрт, многу ги надминуваат потенцијалните ризици од ретка несакана реакција на вакцинацијата, вклучително и можниот ризик од миокардитис или перикардитис, пишува ЦДЦ на својата веб-страница.

Питер Мекалоу претходно промовираше неосновани врски помеѓу вакцинацијата и смртта. „Детектор на митови“ ја контактираше американската платформа за проверка на факти „Science Feedback“, фокусирана на науката, за дополнителни информации за Мекалоу и неговите тврдења. Платформата објави неколку статии за истата студија. Според нивните истражувачи, студијата покажува знаци на пристрасност и се потпира на слаба анализа. Најзначајно е што студијата на Мекoлоу се потпира на други студии базирани на обдукции, кои ги претставува погрешно.

Што се однеува до руската ковид-вакцина Спутник, студија спроведена во Иран во периодот февруари–април 2021 година, со која биле опфатени 13.435 здравствени работници, покажала дека околу 3.236 лица (24 %) пријавиле барем еден несакан ефект. Најчести симптоми биле: болка на местото на инјекција (56.9 %), замор (50.9 %), болки во тело (43.9 %), главоболка (35.7 %), треска (32.9 %), болки во зглобови (30.3 %), озноб (29.8 %) и поспаност (20.3 %).

Според друга студија во Иран од 2022 година, која вклучувала 4.775 вакцинирани (Sputnik, AstraZeneca, Sinopharm), покажала дека Sputnik V имала највисока стапка на несакани ефекти (≈82.7 %), повеќе од другите вакцини. Најчести несакани ефекти биле: замор, грбоболка, треска, болка на местото на инјекција, главоболка. Не биле пријавени сериозни несакани ефекти, ниту тромбоза.

Во New England Journal of Medicine е опишан фатален (моќен и многу редок) случај на вакцином‑индуцирана имунопатолошка тромбицитопенија и тромбоза (VITT) по вакцинација со Спутник. Ова е редок случај – што го прави исклучок, а не правило, за Спутинк и тромботични несакани ефекти.

Поради сите погоре наведени факти, објавата која ја анализираме, ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција