Вакцините против ковид немаат дел од ХИВ заслабен вирус
Клиничките испитувања за тестирање на безбедноста и ефикасноста на вакцините против ковид-19 и податоците од администрирањето на вакцините на глобално ниво не пронајдоа докази дека вакцинираните лица се поподложни на заразување со ХИВ.
Клиничките испитувања за тестирање на безбедноста и ефикасноста на вакцините против ковид-19 и податоците од администрирањето на вакцините на глобално ниво не пронајдоа докази дека вакцинираните лица се поподложни на заразување со ХИВ. Не постои можност вакцините против ковид-19 да предизвикаат ХИВ или СИДА или лажно позитивни тестови за ХИВ
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Конечно најдов. Кога почна ковидот се потенцираше дека еден дел од круната е ХИВ. Врз база на тоа и во вакцината имаше дел од ХИВ заслабен вирус. После сите тие податоци ги избришаа. Нема ништо останато. Случајно сега пронајдов едно видео. Тогаш кажав ќе има епидемија на ХИВ. Многу нема ни да знаат дека се носители.
Во објавата се споделува видеоматеријал во кој францускиот вирусолог и Нобеловец Лук Монтање (Luc Montagnier) на 17 април 2020 година во контроверзно интервју за францускиот медиум CNews, изнесе тврдење дека во вирусот Сарс Ков 2 биле вметнати делови од геномот на ХИВ. Но, ова тврдење подоцна беше демантирано од научната заедница. Тој во интервјуто тврдеше и дека коронавирусот бил креиран во лабораторија за да се создаде вакцина против ХИВ. Како што пишуваат проверувачите на факти на Опен, геномот на тогаш новиот коронавирус ѝ е познат на научната заедница и се проучуваше во тоа време ширум светот заради развој на вакцина. Досега, ниту едно научно истражување не покажало јасна и очигледна врска помеѓу вирусот и ХИВ.
Дополнително, наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, не е точно дека во подоцна развиените вакцини против ковид-19, имало „дел од ХИВ заслабен вирус“.
Како што пишуваат проверувачите на факти на „Асошиејтед прес“, вакцините против ковид-19 не содржат ХИВ вирус.
Нема ништо во вакцините против ковид што содржи ХИВ или ја зголемува подложноста на телото на заразување со ХИВ, изјави за Асошиејтед Прес во 2021 година д-р Моника Ганди, заменик-шеф на одделот за ХИВ, заразни болести и глобална медицина на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Калифорнија во Сан Франциско.
Вакцините против ковид 19 не содржат ХИВ, според Џон Сварцберг, клинички професор по заразни болести и вакцинологија на Универзитетот во Калифорнија, Беркли.
Како што забележаа експертите, клиничките испитувања за тестирање на безбедноста и ефикасноста на вакцините против ковид-19 и податоците од администрирањето на вакцините на глобално ниво не пронајдоа докази дека вакцинираните лица се поподложни на заразување со ХИВ воопшто.
ХИВ е вирус кој го напаѓа имунолошкиот систем на телото, според она кое е образложено на сајтот на Центарот за контрола и превенција на болести . Доколку не се лекува, може да доведе до синдром на стекната имунодефициенција или СИДА.
Споредување на многу кратки сегменти често може да генерира лажно потврдни резултати и тешко е да се дадат вакви заклучоци со употреба на мали сегменти од протеинот, објасни за „Форбс“ Аринџај Банерџи, постдокторски соработник по вирусологија на Универзитетот МекМастер во Онтарио, Канада, кој опширно го проучувал коронавирусот.
Не постои веродостоен механизам преку кој вакцините против ковид-19 (или всушност, кои било вакцини) можат да предизвикаат ХИВ или СИДА, рече д-р Бнар Талабани, лекар и истражувач со седиште во Кардиф и водич за иницијативата „Тим Хало“ што се занимава со загриженоста за вакцините против Ковид-19.
Д-р Талабани за Ројтерс додаде:
Нема докази што го поддржуваат оваа тврдење и тоа е многу добар пример за тоа како се конструираат дезинформации за да се искористи стравот и да се одвратат луѓето од вакцини, за кои е докажано дека се безбедни во речиси 10 милијарди дози дадени низ целиот свет, до денес.
Во февруари 2020 година се појави научен пред-принт во кој авторите тврдеа дека Сарс Ков 2 има кратки генетски секвенци со сличност со ХИВ. Трудот беше повлечен од самите автори по сериозни критики. Анализата на Nature Biotechnology наведува дека токму овој повлечен пред-принт поттикнал теории дека коронавирусот бил создаден во лабораторија.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар